1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата ќе доминира на изборите во Грција

Андреа Касиске
6 јули 2019

Спроти предвремените избори во Грција, економијата продолжува да биде во фокусот на јавната расправа. Впрочем 40% од младите до 24 години во земјата немаат работа а болните последици од кризата и натаму се чувствуваат.

https://p.dw.com/p/3LgGS
Griechenland Wahlplakat der Syriza Partei in Athen
Фотографија: DW/I. Anastassopoulou

Во Грција се навестува промена на власта. Според анкетите на утрешните избори ( 7.7.) 40 проценти ќе гласаат за конзервативната Неа Демократија. И покрај економскиот раст и социјалните реформи (за прв пат има социјална помош од 200 евра) многу Грци се разочарани од премиерот Алексис Ципрас и неговата левичарско-либерална Сириза. По години на строг курс на штедење ситуацијата за многумина и натаму е деликатна. Нема ни трагa од најавеното намалување на бирократијата, на прсти се бројат поголемите инвестиции од странство, а даночните оптоварувања ја погодуваат пред се средната класа.

Расположението на пазарот во Атина во пресрет на изборите е очајно. Многумина се чувствуваат предадени од владата под водство на Алексис Ципрас. И покрај подобрувања во области како социјална сигурност, средната класа и натаму се чувствува запоставена. „Политичарите до сега си се грижат само за своите финансиски интереси.", вели една продавачка на пазарот. Нејзиниот муштерија предупредува: „Нешто мора брзо да се случи! Инвестиции, компаниите мора да растат за да создаваат работни места."  Сличен став има и друга купувачка на пазарот: „Во Грција уште во средно школо се чувствува разочарување и евидентно е дека сакаат да си заминат од земјата. Мора да се смени расположението.”

Повеќе:

-Грција: На повидок промена на власта

-Договорот со Северна Македонија „сламка за спас“ за налутените избирачи

-Грчкиот парламент е распуштен, Ципрас побара избори на 7 јули

Инвеститорите се согласуваат. Организацијата Ендејвор Грција поддржува компании преку својата глобална мрежа. Грчката економија полека се опоравува во изминатите две години, но и натаму нема подготвеност за ризик и клима поволна за инвеститори.

„Мора да ги поттикнеме бизнисите да преземаат повеќе ризици, да бараат предизвици и да растат и за тоа треба да им ја дадеме сета можна поддршка за да ангажираат поголем број луѓе, да излегуваат на странски пазари и да почнат повеќе да извезуваат“, истакнува Панајотис Карампинис, директор на Ендејвор Грција

Во едно предградие на Атина компанијата Кокомат произведува велосипеди со дрвен рам. Компанијата првично произведувала душеци. Но, основачот Ефморфидис постојано го шири фокусот на своите бизниси и покрај бирократските пречки.  Од следната влада бара повеќе слобода и компании и помалку бирократија.

„Треба да ги остават луѓето да произведуваат што сакаат. Владата треба да служи да ги направи луѓето позадоволни, не побогати. Се збогатуваме со нашиот труд, не преку владата“, порачува Паул Ефморфидес, основач на Коко-Мат

Јасно е дека кој и да ги добие изборите ќе мора доста да се помачи за да го смени расположението во земјата и компаниите