1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и опозицијата во нови ровови

4 јули 2019

Лидерот на опозицијата најавува маратон до темелна победа, која ќе исклучи каква било опасност од постизборен инженеринг. Рововите меѓу власта и опозицијата стануваат се подлабоки.

https://p.dw.com/p/3LYZJ
Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Ќе се бори за победа низ маратон, најави престанок на понудата за помош на власта со цел добивање датум за преговори со ЕУ, се сомнева дека постои план за негово приведување и на негови блиски соработници, и апелира до оние кои ќе останат - да продолжат да се борат. Ова во гостување на ТВ „Алфа“ го истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со свои сили ќе лобира земјата да добие датум за преговори, за граѓаните да не бидат казнети поради политиките на Зоран Заев.

 „Помина летото. Велеа јуни, ни во јули нема да биде. Па се репроектира датумот за октомври, правдајќи го тоа со некакви технички причини. Дадовме понуда до Заев и рековме: не ни треба да влеземе во Владата. Ние едноставно сакаме да ви помогнеме, и во периодот до октомври колку толку да успееме заеднички да ја донесеме Македонија пред добивање датум за за преговори со ЕУ. Неколку недели поминаа, немаме повратен одговор од Владата, ниту се формирани работни групи. Оваа понуда не беше со неограничен рок. Таа престанува да важи. ВМРО-ДПМНЕ ќе си го фати својот пат, да ги убедуваме нашите партнери од сестринските партии да го поддржат датумот за отпочнување преговори на Македонија со ЕУ“, најави Мицкоски.

Но, она што предизвика посебно внимание, е сомнежот во план за негово, и приведување на негови блиски соработници.

„Јас сум свесен дека може и до тоа да дојде. Сум разговарал и со моето семејство дека од Заев и тие околу него се може да се очекува, па може и тоа да се очекува - да дојдат да ме приведат. Еве ова нека биде и апел до оние луѓе од една специјална единица на МВР кои изминативе денови се врткараат околу мојата куќа, со изговор дека се тука да го набљудуваат училишниот двор што е во непосредна близина на мојот дом. Јас сум подготвен и нема никаква дилема дека знам која е целта на оваа деспотска власт“, рече Мицкоски и апелираше до оние од раководството кои што ќе останат - да продолжат да се борат и да не носат одлуки под емоција.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

А најавувајќи победа на следните избори, без разлика дали ќе бидат редовни или вонредни, Мицкоски порача дека откако граѓаните ќе му дадат „отказ“ на Заев, тој ќе го потсети на членот од 353 од Кривичниот Законик (злоупотреба на службена положба и овластување) во контекст на неспоивоста на позицијата премиер и министер истовремено. 

И опозицијата има „бомби“

Она што станува се поизвесно, е дека во битката со власта ќе биде употребена и „формулата“ (бомбите) со кои Заев успеа да ги декласира политичките опоненти.   

„Многу луѓе во минатото беа жртви на разни притисоци, уцени и ја видоа која е формулата на Заев кога беше опозиционер. Нема функционер во, или во близина на Владата, за кој нема сомнежи за инкриминирачки дејанија. Така што, сите оние граѓани кои биле под притисок на овие властодршци, дел од нив се заштитиле на еден начин, други на друг, дел од тоа стигнало и до опозицијата. Но, сето тоа треба детално да се провери, да се анализира. Не сакаме на ниски страсти и со воајеризам да победиме на избори и да ја формираме следната влада. Сакаме да дојдеме на власт со програма и така да ги испратиме каде што им е местото“, рече Мицкоски.

Повеќе:

-ТВ дуел Заев-Мицкоски: „Патриотизам“ за на ревер

-Законот за СЈО како желботека!

-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ решаваат за судбината на СЈО и Јанева

Веќе подолг период се шпекулираше дека опозициската партија поседува „бомби“ со кои ќе ја засили битката против власта. Запрашан дали се точни тие информации, и дали опозицијата во октомври ќе објави дел од нив, минатата недела Мицкоски изјави: „Како универзитетски професор и како претседател на најголемата политичка партија јас не би коментирал чаршиски муабети. Тоа би било надвор од моите принципи. Но, одговорот накратко би бил - 'Mожеби да, можеби не'“.

Извори од партијата неофицијално потврдуваат дека нивни членови и приврзаници кои се вработени во институциите и имаат можност да сведочат на одредени девијации, ги снимаат и документираат таквите случаи.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

СДСМ обвинува за лажни вести

Од СДСМ вчера кусо искоментираа дека Мицкоски пропуштил уште една шанса да им се извини на граѓаните за сите лажни вести што тој и неговата партија ги пласираат со денови.

„Мицкоски не само што не се извини туку уште позасилено продолжува да шири лажни вести, невистини и конструкции. Мицкоски по секоја цена продолжува да ги брани криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но полека станува свесен дека не е возможно да ги одбрани. Јасно е дека на Мицкоски не успева да го одбрани криминалот, не успева да ја оствари единствената задача дадена од неговиот ментор од Будимпешта. Затоа измислува, конструира случаи за наводни апсења, се обидува да внесува вознемиреност меѓу граѓаните. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ остануваат осамени и заглавени во матрицата на деструкција, лажни вести и одбрана на криминал“, се вели во реакцијата на социјалдемократите.

Рововите меѓу власта и опозицијата стануваат се подлабоки. Во прашање не е само несогласувањете околу предлог законот за Јавното обвинителство, (посебно во делот за СЈО). ВМРО-ДПМНЕ од вчера бара да се повлече и Законот за урбанистичко планирање, кој досега собра повеќе од 200 амандмани затоа што смета дека се предложени скандалозни решенија. ВМРО-ДПМНЕ останува и на ставот дека ако остане предложениот закон за попис и предвидената методологија, партијата ќе ги повика граѓаните да го бојкотираат попишувањето.