1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владините комуникатори добија Кодекс, а функционерите?

3 јули 2019

Владините комуникатори ќе бидат под лупа на јавноста како ја спроведуваат комуникациската стратегија, но и дали нејзините стандарди ќе бидат и модел за однесувањето на избраните функционери

https://p.dw.com/p/3LUY5
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Транспарентност, отчетност, отвореност, високи професионални стандарди за комуникација, се дел од клучните зборови во стратегискиот документ кој Владата го објави пред пет дена - „Комуникациска стратегија 2019 - 2020 година“. Документот кој темелно ги дефинира стандардите за отворена комуникација меѓу Владата и јавноста, содржи и Кодекс на однесување на владините комуникатори и голем број правила што тие треба да ги почитуваат. Вчерашната прес-конференција на Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски (насловна фотографија), предизвика реакции на новинарските организации и го отвори прашањето - дали тие правила треба да важат само за владините комуникатори или и за функционерите? На најавите на Рашковски за тужби до новинари и медиуми вчера експресно реагираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Македонската асоцијација на новинари (МАН).

„Генералниот секретар на Владата потребно е да знае дека со неодговарањето на новинарски прашања на прес-конференцијата, која тој самиот ја организира, но и со дрскиот однос кон поедини новинари присутни на настанот, го нарушува и концептот на отвореност и транспарентност која Владата се обидува да го застапува“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Повеќе:

-Рашковски најави тужби

-Зошто радарите останале без слика - што се случувало во М-НАВ?

Оттаму посочуваат дека високите претставници на Владата е да имаат повисок праг на толеранција кога кон нив се упатува критика од страна на новинарите. Со сличен став се огласи и МАН.

„Јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“, се вели во реакцијата.

Nord-Mazedonien Skopje Treffen Tsipras Zaev
Фотографија: Nord Mazedonien Regierung

Кодекс, принципи, правила

Ваквите реакции доаѓаат само пет дена по објавувањето на стратегискиот документ кој содржи серија правила и стандарди за унапредување на транспарентноста и отчетноста. Подготвен е и Кодекс на однесување на сите јавни службеници кои работат во сферата на комуникации, кој ги ги пропишува принципите, стандардите и правилата за комуницирање со јавноста и преку официјалните канали за комуникација, но и преку официјалните и приватни канали на социјалните медиуми. Клучни принципи се: Да ја кажуваат вистината; да бидат непристрасни; да бидат внимателни во својот пристап; да ја задржат објективноста; да ги стават обврските кои произлегуваат од службата пред личните интереси; да се свесни за постоење на судир на интереси и да го одвојат приватното од професионалното делување.

Според промовираните Правила, не се објавуваат, ниту се споделуваат: содржини кои би можеле да се сметаат за навредливи кон поединци или кон одредена група граѓани, информации со кои би се прекршиле нечии авторски права, информации со кои би се извршило селективно промовирање или фаворизирање на одреден правен или приватен субјект, информации кои се класифицирани или имаат сличен статус или неточни информации или шпекулации со кои на кој било начин би ги довеле граѓаните во заблуда.

Владините комуникатори немаат забрана да ги користат каналите на социјалните медиуми, но сепак треба да почитуваат одредени правила.

Објавувањето содржини во лично име може да се поврзе со позицијата и институцијата во која работи владиниот комуникатор, односно работната позиција како владин комуникатор и приватноста на личноста се тешко раздвојливи. Поради тоа, секоја содржина на личниот профил може да биде третирана и перципирана како став на институцијата, дури и во случаи кога ставот е нагласен како личен. Треба да се има предвид дали споделената содржина може да предизвика негативен публицитет и нарушување на угледот на институцијата во која работи владиниот комуникатор“, се вели во документот.

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Важна е непристрасноста

Владините комуникатори треба да избегнуваат учеството во политички или јавни дискусии и активности кои може да ја компромитираат непристрасноста на владиниот комуникатор. Во документот се наведува дека содржините споделени преку социјалните медиуми имаат еднаква важност со содржините споделени преку кој било друг традиционален или електронски медиум, па затоа на приватните канали на социјалните медиуми треба да се избегнува: промовирање на партиско-политичка пристрасност; активности кои предизвикуваат негативна репутација за институцијата во која работи владиниот комуникатор или за друга институција; недоречености и нејасни информации кои оставаат простор за различни толкувања или изменет контекст; навреди и говор којшто поттикнува омраза и дискриминација или така може да биде протолкуван; објавување класифицирани информации или службени содржини кои сѐ уште не се објавени во јавност; учество во незаконски активности или несоодветно однесување. Бидејќи владините комуникатори, како и сите други јавни службеници имаат работно време, секое објавување на содржини на социјалните медиуми во текот на работното време може да биде третирано како избегнување на работните задачи и со тоа да се нанесе негативна репутација на институцијата во којашто работи владиниот комуникатор.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, оваа комуникациска стратегија ја најави како развивање на нова култура на критичка и слободна јавна дискусија во медиумскиот етер.

„Гласност треба да има, и горди сме што учествувавме во создавањето на тој амбиент. Гласноста им овозможува на професионалните и независни медиуми да го изразат ставот на граѓаните и интересот на јавноста во една демократска држава. А оваа отворена и демократска влада го слуша гласот на своите граѓани за да се подобрува и да остане доследна на зацртаните приоритети“, рече тој при промоцијата на стретигијата. 

Mazedonien Pressekonferenz der Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Посебниот советник на премиерот за односи со јавноста, Марјан Забрчанец, потсети дека тој концепт за отвореност не бол наследен, ниту можел да се најде низ институционалните протоколи за работата на Владата до 2017 година.

„Го изградивме од темел. Гласот на јавноста многу ни помогна за да изградиме комуникациски капацитети кои се темелат врз демократски вредности, како што се разбирањето на критиката, отчетноста, услужноста и слободата. Развивме план за професионален развој, стандарди за комуникации од јавен интерес и кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините односи со јавноста, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање“, најави Забрчанец.

Владините комуникатори од неделава ќе бидат под лупа на јавноста како ја спроведуваат комуникациската стратегија, но и дали нејзините стандарди ќе бидат и модел за однесувањето на избраните функционери, кога станува збор за отвореност и транспарентност.