1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Омраза кон христијаните во Азија

Астрид Пранге
27 април 2019

На светско ниво расте прогонот на христијаните, како и воопшто злоупотребата на религијата. По нападите во Шри Ланка експерти предупредуваат од спирала на омраза и можна меѓурелигиска војна.

https://p.dw.com/p/3HOtY
Irak Karakosch al-Hamdaniya Zerstörte Kirche
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Coex

Нема простор да се пребираат зборови: „Христијаните актуелно се најшиканирана и најзастрашувана религиска заедница во светот. Во некои делови од светот постои опасност да исчезнат, или да мигрираат цели верски заедници.” Ставот на Европскиот парламент за „Годишниот извештај за човекови права и демократија во светот и политиката на Европска унија во таа област” од 2016 година нема изгубено на актуелност и драматичност, дури напротив.

Религијата - вода во огнот

Токсична мешавина од државен и општествен прогон го заострува прогонот на христијаните во светски рамки, особено во Азија. Според анкетата на американскиот институт за истражување на јавно мислење Пју Рисрч Центар кој секоја година ја истражува религиската "карта” на светот, верската слобода на христијаните е повредена во 144 земји.

Како мотори за прогонот врз христијаните според информации на меѓународната евангелистичка хуманитарна организација „Опен дорс”, особено се истакнуваат исламската репресија, официјално политичко нетрпение и религиски мотивиран национализам. Христијаните во Кина, Виетнам и Северна Кореја се сметаат за непријатели на државата, додека пак во Индија и Шри Ланка пресудни за прогонот се чисто националистички мотиви. Во светскиот индекс на прогонот за 2019 "Оупен дорс” наведува 50 земји во кои има најголем прогон врз христијани. 25 од нив се во Азија. Шри Ланка е на 46 место далеку зад Северна Кореја, Индија, Пакистан, Нигерија и Авганистан.

Sri Lanka Negombo Zerstörte St. Sebastian Kirche nach Anschlag
Фотографија: Reuters/A. Perawongmetha

„Ништо ново кога е во прашање Азија”

Верскиот експерт Јоханес Зајбел претпоставува дека последните напади врз христијани во Шри Ланка се должат на „увезениот” исламистички тероризам во соработка со локални исламисти”. „Тоа го забележуваме во Азија во поново време почесто”, вели за ДВ првиот човек на движењето за верска слобода во рамки на католичката мисија Мисио: "Во Дака во Бангладеш во едно кафуле загинаа во 28 луѓе во заложничката драма во јули 2016 година. Во мај 2018 во Индонезија беа извршени бомбашки напади врз цркви.”

Повеќе:

-Да ѝ се спротивставиме на перверзната логика на тероризмот

-„Шри Ланка беше лесна цел“

-Терор и конфликти во Шри Ланка

За Вијајеш Лал, генералниот секретар на евангелистичката алијанса во Индија, нападите чија мета беа христијани за време на велигденските празници не се „нов феномен”. Тој потсетува на тоа дека за Велигден во 2016 година во експлозија на бомба во близина на една црква во пакистанскиот град Лахоре загинаа повеќе од 75 лица. Терористичката оргснизација Џамат Ул Ахрар застана зад нападите.

Со цел да се објасни зошто зад нападите во Шри Ланка се работи за „увоз на исламски тероризам" според портпаролот на Мисио, Јоханес Зајбел, наративот на таканаречената Исламска држава е дека исламот и христијанството се во глобална граѓанска војна.

На Запад има само христијани?

„Во свеста на ИД христијанството честопати е поврзано само со Западот, а особено со САД," вели Зајбел. „Идеолозите тогаш можат да речат САД го напаѓа исламскиот свет, тоа се христијани и ние мора да се одмаздиме", додава Зајбел и предупредува да не се преземе оваа приказна за наводно глобална војна меѓу христијаните и муслиманите, или светските религии.

Johannes Seibel Sprecher von Missio
Јоханес ЗајбелФотографија: missio/Fotostudio Jünger

„Се разбира страшно е да се види како се мразат христијаните и се изложени на насилство," вели тој. „Но тоа не им помага на прогонетите христијани, ако ние овде во Германија разговараме за тоа колку е раширен прогонот врз христијаните и каде страдаат најмногу. Проблемот постои но најважно е да се бараат решенија за причините и како да се избориме проти тоа." Тоа е она што се обидува да го направи и Мисио.

Дијалог на религиите

Како можни решенија се меѓурелигиски дијалог, посветеност на верската слобода како и спречување на политичка злоупотреба на религиите: „Мораме постојано да согледуваме каде се злоупотребува религијата и на тие места да се делува преку меѓурелигиски дијалог. Позитивните искуства од взаемна соработка меѓу католичките цркви и претставниците на исламот во Нигерија покажуваат дека меѓурелигискиот дијалог и посветеноста на верската слобода се многу важни."

И индискиот генерален секретар на евангелската алијанса предупредува да не се продолжи со спиралата на насилства: „Нападите во Шри Ланка се доказ дека религиски мотивирано насилство и тероризмот се зголемуваат," вели Вијавеш Лаи и додава:„Бидејќи омразата резултира со злоба, смрт и уништување таа мора да биде одлучно и јасно отфрлена. Тоа станува јасно по сите терористички напади во светот, без разлика дали е во Индија, Пакистан или неодамнешните напади во Крајстчрч во Нов Зеланд."