76 ученици и 123 наставници заразени со Ковид-19, вирусот се шири и во градинките | Северна Македонија | DW | 25.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

76 ученици и 123 наставници заразени со Ковид-19, вирусот се шири и во градинките

Надлежните тврдат дека се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на вирусот меѓу учениците и децата

Пролетниот бран на коронавирусот, кој зема голем замав во С. Македонија, резултираше и со зголемен број на заразени деца во училиштата и во градинките. Седумдесет и шест ученици и 123 наставници кои ја следат наставата со физичко присуство се заразени со Ковид-19, а благ пораст има и на позитивни случаи во градинките. Според последните податоци, 19 деца и 53 вработени во градинките се позитивни на вирусот. Надлежните тврдат дека се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на вирусот.

„Хибридниот модел на настава резултира со помалку од 1 процент активни случаи на Ковид-19 од наставниците и учениците кои се со физичко присуство. Во сите училишта каде што има позитивни случаи во наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес. Доколку, пак, има проценка од епидемиолозите дека наставата треба да продолжи онлајн, се презема таква мерка од страна на училиштето во координација со родителите“, велат од Министерството за образование за МИА.

-повеќе на темата: Ковид-19 ги менува законите за основно и средно

Според надлежните, дневно се следи состојбата со вирусот во училиштата со цел да се заштитат сите наставници и ученици и да се овозможи непречен образовен процес. Од Министерството посочуваат и дека наставата во основните и средните училишта се одвива согласно планот и протоколите за организирање на учебната година одобрени од Комисијата за заштита на заразни болести и дека тие доследно се почитуваат и затоа овој модел на образование продолжува да се применува.

Гледај видео 01:04

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

Благ пораст на позитивни случаи е евидентиран и во градинките. Но, според министерката за  труд и социјална работа, Јагода Шахпаска, не е достигнат пикот како во претходниот бран кој што беше пред зимата, па затоа моменталнодецатасе сигурни во градинките. Комисијата за заразни болести се очекува да донесе одлуки во зависност од епидемиолшката состојба.

„Има благ пораст на нови позитивни случаи во градинките, меѓутоа имајќи го предвид фактот што од 13 600 деца присутни во градинките, пресекот до минатиот петок беше дека само 19 дечиња се позитивни, говори за тоа дека престојот на децата во градинките се уште е безбеден“, вели Шахпаска.  Според извештајот од минатата недела, во градинките има 53 вработени кои се заразени со Ковид-19.

-повеќе на темата: Асимптоматските деца можат со недели да го пренесуваат коронавирусот

Според министерката, работењето во градинките е организирано според строго воспоставени правила коишто ги пропишува протоколот. „Кога ги испраќате децата во градинките првата и основната работа е да се заштити нивното здравје, нивната безбедност додека престојуваат во градинките и тоа што нема ширење на инфекцијата меѓу децата во градинките говори дека се почитуваат протоколите“, вели Шахпаска.

Поради пандемијата на стручните работници во градинките како што се логопедите, психолозите и педагозите им е забрането да работат со децата во градинките и тоа негативно влијае врз нивниот развој. Шахпаска се согласува дека стручната работа со децата е значајна и оттука и начинот на којшто ќе се менаџира овој процес, со индивидуалната работа, со носење на заштитна опрема од страна на логопедите, психолозите, педагозите и останатите компетентни работници, ќе се менаџира на локално ниво во секоја градинка поединечно.