1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години од поделбата на Палестина

Peter Philipp28 ноември 2007

Уште пред 60 години Обединетите нации предвидуваа една израелска и една палестинска држава. Меѓутоа, со резолуцијата 181 со која беше предвидена поделбата на Палестина, беше создадена само една држава - Израел.

https://p.dw.com/p/CU7H
Доселување на Евреите во ПалестинаФотографија: Jüdisches Museum Berlin


Обединетите нации на 29 ноември 1947 година имаа само две години кога на првата вонредна седница се собраа на судбинска седница. На дневен ред се наоѓаше предлогот историска Палестина да се подели и таму да се обезбеди место за една еврејска и една арапска држава: последниот чекор на патот кон основањето на Израел, но и чекор што на Блискиот исток и на светот му донесоа до денес нерешен конфликт.

Британците кои по крахот на Османлиското царство на крајот од Првата светска војна добија мандат врз Палестина, беа изморени од таа задача. Додуша во 1917 година во таканаречаната „Балфурова декларација„на Евреите им беше дадено правото да останат во нивните градови, но тоа беше случај уште во времето на турското владеење. Како мандатна сила, Велика Брианија мораше да се соочи со последиците од таа декларација:

Посебно во времето на систематскиот прогон и убивањето на Евреите во нацистичка Германија, во пораст беше нивната преселба во Палестина, со што растеше и затегнатоста. Се разви палестински национализам кој се противеше на доселувањето и со сила, па доаѓаше до оружени судири меѓу Палестинците и Евреите, како и до напади на еврејските подземни организации врз британската армија и другите нејзини претставници. Лондон трагаше по излез од ситуацијата. Во 1937 година, во средината на тридневниот арапски револт во Плестина, една британска истражна комисија дојде до заклучок дека решение е можно ако заврши мандатот, а на Евреите и на Палестинците им се овозможат сопствени држави. Препораките не беа спроведени зашто непосредно потоа изби Втората светска војна што Блискиот исток го претвори во стратегиски важен регион од кој Лондон не сакаше доброволно да се откаже.

Војната и периодот потоа предизвикаа засилено преселување на Евреите и нови затегнатости. Британците дел од нив интернираа на Кипар, други враќаа во Европа, дури и во Германија. Во целиот свет растеше сожалувањето, како и поддршката за поделба на Палестина, иако не и во арапскиот и муслиманскиот свет. Тогашниот ирачки министер за надворешни работи и претседател на Арапската лига Мохамед Фадил ал Џамали, на тој 29 ноември пред генералното собрание изјави:

„Арапските држави не можат да го толерираат овој пробив во нивното единство и заканата за нивната политичка и економска посебност. Тие имаат решавачко право на глас за сите ситуации што ги тангираат нивните регионални инетереси. Затоа се спротивставуваат на создавањето еврејска држава во Палестина, сега и кога и да е во иднината„.

Овој став го отслика и гласањето:

„Иран - против....Сирија - против...„.

Советскиот сојуз, според зборовите на тогашниот министер за надворешни работи Андреј Громико, претпочиташе демократска држава за Евреите и Арапите, но дојде до заклучок дека тие не се подготвени за тоа и затоа Москва го поддржа решението за две држави. И Вашингтон, кој дотогаш не се ангажираше посебно во тој регион, се ориентираше врз сознанијата на една американска истражна комисија: во Палестина треба да постојат две држави. За тоа гласаше и Франција, додека Велика Британија се воздржа. Резултатот од гласањето што го прочита бразилскиот претседавач на седницата Освладо Аранча, не беше изненадување: 33 ЗА, 13 против и десет воздржани:

По улиците на Тел Авив славје и Ха Тиква ...националната химна на државата што беше прогласена шест месеци подоцна - на денот кога и последниот британски војник ја напушти Палестина и само неколку часа пред да избувне првата од досега четирите големи блискоисточни војни. 60 години подоцна се уште нема мир во регионот, иако во меѓувреме ПЛО и Арапската лига во основа го прифатија принципот за две држави во Палестина. Националистичките кругови во Израел ја отфрлаат идејата, но за мир сепак се изјаснува мнозинството Израелци.