1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

50 години од појавата на Битлси - се’ почна во Германија

Жанин Албрехт / Зоран Јордановски5 октомври 2012

Пред точно половина век на денешен ден беше пуштена во продажба првата самостојна сингл-грамофонска плоча на една дотогаш целосно непозната група. По само неколку месеци четворката од Ливерпул се здоби со светска слава.

https://p.dw.com/p/16K0O
19th May 1967: The Beatles celebrate the completion of their new album, 'Sgt Pepper's Lonely Hearts Club Band', at a press conference held at the west London home of their manager Brian Epstein. The LP is released on June 1st. (Photo by John Pratt/Keystone/Getty Images)
50 Jahre BeatlesФотографија: Getty Images

Битлси, денес легенди на поп-музиката, две години пред да го направат пробивот, првите сценски чекори ги направија во Германија.

Тројца студенти по музика ја свират композицијата „Блекбрд“ на Битлси. Нивниот концерт се одвива на плоштадот што го носи името на „Битлси“ на Репербан во Хамбург. Од 2008 година Тие се овде овековечени и со скулптури на нивните силуети. Во квартот Санкт Паули започна големата кариера на Битлси. Во 1960 година тие живееја овде во едно кино за деца.

Кога бендот дојде во Хамбург, Петер Пецолд, кој како водич на туристите им го покажува Санкт Паули, имал десет години.

„За нас тие беа само англиски рокери, кои живееја овде и изгледаа различно од рокерите од Хамбург. Освен тоа, носеа црни фармерки. Ние бевме среќни ако пет години подоцна имавме барем сини. Ако се погледаат фотографиите на Џон Ленон од тоа време, паѓа в очи дека личи како Марлон Брандо со рокерска локна врз челото, кожна јакна и црни фармерки“.

Beatles Hamburg
Стар клубот во Хамбург во кој во 1962 година настапувале БитлсиФотографија: DW/Albrecht

Пецолд тогаш бил премлад за да може да влегува во клубовите.

„Сега стоиме пред Индра, локалот во кој започнаа Битлси - порано беше кабаре со стриптиз на травестити, но кога свиреа Битлси беше рокенрол-локал“, раскажува Пецолд.

Таму и до ден-денес има жива музика. На влезот плоча со натпис: „На 17 август 1960 Битлси настапија на сцената на Индра“. Таму имале 48 настапи, потоа продолжија во Кајзеркелер, само неколку куќи понатаму. Таму тие го запознаа Ричард Старки, подоцна познат како Ринго Стар, кој во тоа време уште бил тапанар на друг бенд.

„Тоа не беа концерти како денешниве, туку луѓето сакаа да танцуваат со жива музика. Битлси добиваа секој по 30 марки од ден и за една недела заработуваа колку работниците во Англија за цел месец“, вели Пецолд.

Beatles Hamburg
Овде, во Хамбург, во 1960 година живееле членовите на групата БитлсиФотографија: DW/Albrecht

По неколку недели тие го раскинале договорот за да можат да настапуваат во „Топ-тен“ на Репербан, каде што имало многу повеќе народ. Но, Џорџ Харисон бил протеран, оти со 17 години бил премлад за да влегува во ноќен клуб. По неколку месеци, пролетта 1961, бендот се враќа во Хамбург.

Истата година ја снимаат првата грамофонска плоча, но само како музичка придружба на Тони Шеридан. На неа се означени како „Битбрадерс“.

„Со таа плоча стартуваше генијалниот Брајан Епштајн, кој потоа го претвори бендот во поп-феномен“.

Уште пред да го објават својот прв сингл, во октомври 1962, Битлси добија ангажман во новотоворениот Стар-клуб во Хамбург. Но, во тој момент уште не спаѓаа во врвните групи.

Како светски ѕвезди Битлси се вратија во Германија на блиц-турнеја во 1966 година и два пати настапија во Хамбург.