5Г во САД: Избегнат е голем хаос | Економија | DW | 19.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

5Г во САД: Избегнат е голем хаос

Непосредно пред воведувањето на 5Г-фреквенции во САД, мобилните оператори реагираа на загриженоста на авиокомпаниите. Со тоа е веројатно избегнат голем хаос на аеродромите.

Телекомуникациските компании Verizon и AT&T во последна минута направија отстапки за воведување 5Г-фреквенции. Претходно, шефовите на десет големи авиокомпании за превоз на патници и стока во писмо предупредија од „катастрофална криза“. Според она што стои во писмото,воведувањето на 5Г-фреквенциите можело да доведе до тоа „десетици илјади Американци да останат заглавени во земји преку океанот“ и да настане „хаос“ во американската мрежа.

Тоа може да погоди стотици илјади патници во еден ден и да спречи полетување на голем дел од патниците и стоките. „Јасно кажано: трговијата ќе запре“, се вели во писмото упатено до Белата куќа, Агенцијата за цивилно воздухопловство ФАА, американското Министерство за сообраќај и транспорт и Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ), која е надлежна за давање фреквенции за мобилната мрежа. За писмото прва информираше агенцијата Ројтерс.

Судирот тлее подолго време

Во позадината на случајот е спор кој тлее долго време помеѓу воздухопловната индустрија во САД и телекомуникациските компании Verizon и AT&T за употребата на новите таканаречени C-Band фреквенции за мрежата 5Г. Во февруари 2021 година, двете компании победија на наддавањето за фреквенциите и за нив платија 80 милијарди американски долари. Оттогаш, воздухопловната индустрија предупредува дека употребата на новата мрежа може да дојде во конфликт со радарите за мерење на височината на авионот, кои се користат, меѓу другото, за автоматско слетување при слаба видливост.

USA O'Hare International Airport Chicago

Авиокомпаниите бараат итни мерки за да се спречат големи последици по патничкиот и товарниот авиосообраќај, како и проблемите за ланците на снабдување

Авиокомпаниите, во своето писмо од понеделникот (17.01), повторно повикаа „5Г да се воведе насекаде во земјата, освен во радиус од две милји (3,2 км) од пистите“ од 50 главни аеродроми. Компаниите за комуникации претходно се согласија на ова само за преоден период од шест месеци, тврдејќи дека стандардот 5Г заснован на Ц-мрежите веќе бил успешно воведен во над 40 земји без никакви нарушувања и проблеми за авијацијата.

Непосредно пред денешното активирање, Verizon конечно објави дека и двата оператора доброволно одлучиле првично да го ограничат воведувањето на новиот мобилен стандард во близина на аеродромите. Американскиот претседател Џо Бајден им се заблагодари на концерните за отстапката.

Ланците за снабдување би можеле да бидат уште повеќе попречени

Според изјави од ФАА, во текот на изминатите две недели се утврдило дека влијанието на новите 5Г-фреквенции врз радарите може да го попречи префрлањето на моторите и на сопирачките во модус на слетување. Авиокомпаниите бараат итни мерки за да се спречат големи последици по патничкиот и товарниот авиосообраќај, како и проблемите за ланците на снабдување, меѓу другото и со итно неопходни медицински производи.

Australien Sydney Boeing 787 Dreamliner

Воведувањето на 5Г-фреквенциите, според авиокомпаниите, можело да доведе до тоа „десетици илјади Американци да останат заглавени во земји преку океанот“ и да настане „хаос“ во американската мрежа

„Модерните сигурносни системи во авионите со тоа ќе станат неупотребливи, што пак ќе доведе до многу поголеми проблеми од оние што досега се познати“, пишуваат шефовите на авиокомпаниите во своето писмо. „Производителите на авиони нѐ информираа дека големи делови од нашите флоти ќе мора да останат приземјени на неодредено време“. И, тоа нема да важи само во услови на слаба видливост.

Според наводи на ФАА, агенцијата има дадено дозвола за употреба на два вида радари за мерење на височината на авионите, кои се вградени во дел од авионите на Ербас и Боинг. Околу 45% од американските патнички авиони може да се користат без ограничувања, се вели од ФАА, која има дадено зелено светло и за автоматско слетување при слаба видливост на 48 од 88 погодени писти. Но, многу големи аеродроми не се дел од сето тоа, се жалат авиокомпаниите.

Гледај видео 01:19

6Г мрежата доаѓа

Обвинувања против воздухопловната индустрија

И ФАА признава дека дури и со издадените одобренија, „летовите на некои аеродроми сè уште можат да бидат засегнати“. Се соработува со производителите за да разбере како податоците од радарите за мерење на височината на авионите би се користеле и од други клучни системи за контрола на летот. Шефовите на двете телекомуникациски компании, пак, ја обвинуваат воздухопловната индустрија дека со задоцнување ги проверувала ефектите од новите фреквенции. ФАА дури минатата недела за 100 американски аеродроми издаде забрана за автоматско слетување и автоматски маневри на летот кои се потпираат врз податоци од радарите за мерење на височината на леталата. 

Во Европа, според тврдењата на Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај ЕАСА, досега не постои проблем како во САД. Тука 5Г-фреквенциите не се толку близу до оние кои ги користат авионите, како што е случајот во САД. Досега во Европа нема случаи како во САД, но ситуацијата се следи внимателно и се разменуваат инфортмации со ФАА, се вели од ЕАСА.