1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

470 милиони евра, гаранција за економски мирна Ковид-зима!?

Костадин Делимитов
28 септември 2020

Бизнисмените и синдикатите генерално задоволни, опозицијата огорчена. Четвртиот антикризен пакет е скроен. Допрва претстои имплементација на дури 31 мерка за поддршка на граѓаните и стопанството.

https://p.dw.com/p/3j5HD
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Субвенциите за плати и директната поддршка за пензионерите и најсиромашните е клучниот сегмент и во четвртиот пакет антикризни мерки. Сепак, за разлика од првите три, овој пат македонската Влада го шири фронтот за поддршка со активирање на дури 31 поединечна мерка. Пари ќе има за сите, а фокусот е насочен кон директна поддршка за економска и социјална сигурност на граѓаните, но и поттикнување на приватната потрошувачка.

Само за исплата на плати до крајот на годината се обезбедува поддршка од 70 милиони евра. Со овие пари ќе се поддржат дури 250.000 работни места. Новина овој пат е што поддршката ќе биде скалеста од  14.500 до 21.776 денари месечно: Владатата повторно ќе даде платежни картички „Купувам домашно" на 283.000 граѓани. Вкупната вредност на оваа мерка изнесува 27,6 милиони евра. По 6.000 денари на картичка ќе добијат пензионерите, граѓани од ранливи категории, студентите. Синдикалците се генерално задоволни иако дел од нивните предлози не поминаа:

„Има за невработени, има за пензионери има и за стопанството. Но зошто нема пролонгирање на кредитите за обичните граѓани, оти гледаме тоа го има за фирмите. Дополнително што со овој пакет мерки не се уреди е да се пролонгираат обврските и кон извршителите. Џабе ви е помош за пензионер што зема 15.000 денари ако на врат му виси извршител кој ќе му зема по 6.000 денари. Ќе видиме, ова некако да го избуткаме", коментира Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Да нема злоупотреби

Сепак, генерално според Ристески пакетот дава оптимизам дека периодот што следи ќе биде економски извесен и постабилен. Клучно е вели парите да се употребат на вистински начин:

„Ние баравме субвенциите директно да одат на сметките на работниците, но сепак ќе се оди по стариот рецепт, директно на сметка на фирмите. Сакавме со ова да нема злоупотреби како претходно, но сега се гарантира, а и ќе имало засилени контроли. Ајде да видиме, сепак работниците зависат од стопанството. Инаку добра е мерката што кој сака да земе субвенции за плати треба да ја врати првобитната состојба на вработени заклучно со 31 јули. Тоа значи, ако имало отпуштања по овој период до први октомври, нема да имаат право да аплицираат. Добро е што дури и помошта е поголема односно скалеста. Многу пари се во игра, безмалку половина милијарда евра. Дај боже да мрднат работите, сите тоа и го очекуваме. Гледаме дека работодавачите и коморите се задоволни, па ајде да видиме", смета Ристески.

Повеќе:

-Тури - претури со капиталните инвестиции за спас на економијата од „Ковид 19“

-Над 300 милиони евра во игра за спас на економијата

-„Ковид еврообврзница“- инјекција од рекордни 700 милиони евра

Изненадувачки голем пакет

Бизнисмените пак се изненадени од големината на пакетот. Очекуваат многу бргу да стартува и имплементацијата на мерките, иако за добар дел од нив ќе бидат потребни сериозни подготовки и широки консултации:

„Поголем е сетот на мерки, а изненадувачки, опфатени се и некои категории за кои не очекувавме дека може да се сети владата. Опширно е мислено на се`, но клучно е сега од каде и како до парите. Тоа е најважната работа. Сепак се` нема да се случува од утре, целиот сет на мерки и предлози ќе треба да помине низ една структура на дијалог. На економско социјалниот совет, креирање на мерките, измена на системски закони кои ќе бидат неопходни, гласање во Парламентот. Но она што е важно е мерката за платата на работниците, добро е што ќе биде испорачана до оние до кои што навистина што ќе имаат потреба. Секако и изворите од каде ќе се обезбедат парите", коментира Миле Бошков претседател на Бизнис Кофедерација на Македонија.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Да се засукаат ракавите

Добар дел од мерките нема да започнат веднаш. За дел од нив ќе бидат потребни законски, но и системски измени. Оттука според Бошков е многу важно во процесот на усогласување и имплементирање да бидат вклучени сите засегнати страни:

„Сето ова убаво звучи, но ќе видиме како ќе изгледа кога ќе излеземе со маски и ракавици да ги бркаме работите, како тоа ќе изгледа во реалниот живот. Некои мерки се однесуваат и на помош во вонредна состојба и ако го мериме тоа така, може да претпоставиме влошување на состојбата со пандемијата. Овие мерки не би биле на сила доколку не се очекува некаква ескалација. А тоа значи дека економијата ќе има ограничен маневарски простор. Ќе има и системски работи кои ќе бараат системско дигитално поврзување на регистри, државата има преку 30 регистри кои ќе треба да работат едновремено за да може да се олесни процедура на дигитално поднесување документи што е посебно важно во услови на пандемија", укажува Бошков.

Мицкоски „удри" со критики

Претпазливиот оптимизам сепак не го дели и опозицијата која четвртиот пакет антикризни мерки го дочека буквално на нож. За лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, мерките на власта се задоцнети, популистички и ќе влијаат на продлабочување на и онака тешката состојба во државата:

„Четвртиот пакет мерки на мафијата во Владата е последниот обид за сламката за спас во услови кога економијата пропаѓа. Кога веќе се прави четврт пакет на мерки, треба да се види искуството од претходните три, а тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за пет месеци, минус речиси 13 проценти намалување на бруто домашниот производ, рекорден во вториот квартал. Затоа, и четвртиот пакет на мерки е промашен обид да се дефокусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен", предупреди  Мицкоски.

Заев: се помага на максимален број граѓани

Премиерот Зоран Заев пак порача дека е многу важно што во креирањето на мерките учествувале сите засегнати страни. Првите три пакети спречиле драматични и долгорочни економски последици. Сега, со четвртиот пакет мерки се помага на максимален број граѓани:

„Вкупниот износ на овој пакет е во висина од 470 милиони евра и заедно со претходните три пакети помошта надминува една милијарда евра. Во процесот на креирање на овие мерки учествуваа стопанските комори, синдикалните организации, организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максимален број на граѓани засегнати од кризата. И затоа е голем севкупниот број на мерки", изјави Заев.

Кој колку добива

Со четвртиот антикризен пакет, платежна картичка во износ од 6.000 денари ќе добијат 5726 самохрани родители, над 18.000 пензионери со  со пензии до 15.000 денари, 85108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници. Исто така и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Дополнително и 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички.

Вкупниот пакет тежок 470 милиони евра опфаќа и дополнителни 100 милиони евра за евтини кредити преку Развојната банка, намалување на ДДВ на занаетчиски услуги од 18% на 5%, стапка од 10% на ДДВ за ресторантски и услуги за служење на храна и пијалоци, ослободување од ДДВ за донации до крај на 2021 година, викенд без ДДВ за домашни производи и ИТ опрема (10,11,12 октомври), државна гаранција за кредити и Царинска гаранција за царински долг.

За финансирање на мерките, околу една третина од потребните пари ќе се обезбедат од буџетот, кој допрва треба да претрпи ребаланс. На располагање на владата и стојат неискористени средства од задолжувањето, но јасно е дека ќе биде потребно и дополнително. Но како, за колку и од каде допрва ќе треба да се утврдува.