1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

40 години ЦД - од музичко уживање до посебен отпад

Зилке Винш
18 август 2022

Некогаш револуционерната техника на компакт дискот денес е веќе „олд скул“. Зилке Винш пишува за подемот и падот на ЦД-то.

https://p.dw.com/p/4Fihf
Уметност од искршени ЦД-а
Уметност од искршени ЦД-аФотографија: Alexander Blinov/Zoonar/picture alliance

1985 година. Ние - идни тонски техничари - седиме во училница и ги слушаме звуците на „Friday Night In San Francisco", легендарниот гитара албум од Ал ди Меола, Пако де Лусија и Џон Меклафлин, кои во тоа време беа меѓу најдобрите гитаристи на светот. Кристално чист звук од звучниците. Иако музиката е пуштена на „амбиентално“ ниво, се чувствуваме како да го слушаме секој еден тон, секој прст кој минува преку жиците, па дури и дишењето на музичарите.

Тоа што не се слуша е призвук како на касета или лента, или пак гребењето на плочата од грамофонот.

Тоа за повеќето од нас беше првата звучна средба со ЦД и просветлување за нашиот слух како тонски техничари.

Од Бетовен до Аба

ЦД веќе подолго време постоеше, спорно беше само колку музика може да се компримира на еден диск. Потоа конечно се договорија дека капацитетот треба да биде доволен за да го собере едно од најпознатите класични дела на светот, Деветтата симфонија од Бетовен во 74-минутната верзија од Вилхелм Фуртвенглер.

Во 1981 година ЦД-то беше првпат претставено на радиодифузната изложба во Берлин. Првото индустриско производство на ЦД се случи на 17. август 1982 година, а, според легендата, на дискот бил изрежан албумот на АБА, „The Visitors". Можеби била и снимка од симфонијата на Рихард Штраус диригирана од Херберт фон Карајан, кој од самиот почеток се декларираше како голем обожавател на ЦД („Тоа е чудо!"). Друга верзија пак сугерира дека на првите дискови бил изрежан валцер од Шопен.

40 Jahre CD
Септември 1982 година: Сони го претставува својот нов ЦД-плеерФотографија: Pan-Asia/picture alliance

Шампањ за сите!

Нешто подоцна Сони и Филипс на пазарот ги извадија првите ЦД-плеери за приватна употреба, кои имаа цена од, во денешна противвредност, 1200 евра, нешто што тогаш повеќето луѓе не можеа да си го дозволат. Двете фирми заеднички работеа на развојот и потоа смирено можеа да уживаат во бизнисот кој наскоро достигна плафон.

И во издавачката индустрија катадневно се славеше. Во 1984 година само во Германија беа продадени три милиони дискови, во 1989 беа веќе 54 милиони.  Притоа, цените за еден диск во тоа време беа 30 - 40 германски марки, или 15-20 евра во сегашно време, односно двојно повисоки отколку на плочите. Покрај тоа, никој не знаеше колку долго всушност ќе останат зачувани податоците на дисковите.

Се множеа како пиреј

Низ годините и ЦД-плеерите и дисковите стануваа сѐ подостапни, продавниците за плочи мораа да се престројуваат бидејќи љубителите на музиката почнуваа да ги заменуваат нивните грамофонски плочи за ЦД, впрочем ни јас не бев исклучок. Моите касети беа толку користени што посакав да си ја слушам омилената музика без призвуци и пред сѐ без да мора да ги вртам од една на друга страна!

Дискови купени во 1990-те: На некои сѐ уште има цени во германски марки
Дискови купени во 1990-те: На некои сѐ уште има цени во германски маркиФотографија: Silke Wünsch/DW

Трошев огромни суми на дискови од Пинк Флојд и Принц, за „Белиот албум” на Битлси, до денес најважниот албум во мојот живот. Купував и џез и класика и сѐ повеќе поп, рок и соул музика. До мојот регал за плочи се насели и регал за дискови кој брзо растеше и се размножуваше како пиреј. Грамофонот и плочите завршија во подрум. Таа збирка доби апсурдни димензии откако сменив професија и станав музички уредник. Многу од компаниите кои тогаш имаа седиште во Келн беа особено дарежливи со промотивни дискови. Еднаш месечно одев во Келн да си ја „наполнам чантата”. Кога ќе се вратев дома со полн ранец новообјавени албуми, пред врата ме чекаа уште два до четири пакета. Мојата збирка дискови експлодираше: потребна беше дури посебна просторија само за таа намена.

Што да правиш со 40 илјади дискови?

Збирката достигна преку 40 илјади парчиња. И преживеа три преселби заедно со мене. Пцовките на луѓето што ми помагаа во преселбите до денес ги имам во сеќавање. Но, има и нешто стилско во тоа да одиш покрај пет метри долг и 180 сантиметри висок регал и да бараш дискови за забава, за музичка емисија или за едноставна вечер со пријатели.

Музички уредник во својот рај
Музички уредник во својот рајФотографија: Gaetan Bally/KEYSTONE/picture alliance

Додуша, малку помалку стил има во превртувањето кутии со стотици стари промотивни синглови кои гнијат во подрумот - каде со сето тоа? Дали треба да ги исфрлам?

Внимание, отпадот мора да се селектира. Пластичното пакување во стара пластика, омотот во стара хартија, а дисковите се посебен отпад. Подобро да се подарат, да се остават на тротоар или од нив да се направи уметност. Веројатно најкреативното решение беше таванот на канцеларијата во Дојче веле да го прекриеме со дискови. Колегата и јас ја користевме секоја слободна минута да ги лепиме со селотејп на таван. Ги присилувавме и практикантите да го прават истото, оти сепак мораа да научат дека професијата музички уредник подразбира и отстранување на стари промотивни дискови.

На најголемиот дел ЦД-плеери денес е напишано токму ова
На најголемиот дел ЦД-плеери денес е напишано токму оваФотографија: Yuval Helfman/picture alliance

Јас повторно ја сменив работата и заклучив, без голема тага, да се простам од мојата збирка. Тоа не беше едноставен потфат. Употребувани дискови со класици од поп или рок жанрот се такаречи безвредни. Пред мојата последна преселба, еден, кого слободно може да го наречам „фанатик”, за среќа ја презеде цела моја збирка. Сега веројатно поседувам само уште 1000 дискови.

„Стара школа“

И денес на забави повремено пуштам музика како Ди-Џеј, а луѓето ме гледаат со неверување кога ќе видат два плеери, миксета и две големи футроли со „изрежани“ дискови и уште една дрвена кутија со оригинални цедиња. „Стара школа“ до срж. Други користат лаптопи, музиката ја чуваат на хард дискови и пуштаат песни преку софтвер. Тоа звучи привлечно – исто како и слушање музика преку платформи како што е Спотифај, кои веќе со години го загрозуваат постоењето на компакт-дисковите.

Покрај Спотифај, повторно популарни се и грамофонските плочи. Откако „се збогував“ од мојата колекција дискови, повторно им се вратив на винилките, впрочем како и бројни љубители на музиката ширум светот. Во 2021 година во САД, првпат по 1991 година, се продадени повеќе грамофонски плочи отколку компакт-дискови. И тоа по доста високи цени! Човек во просек треба да плати триесет до четириесет евра за една грамофонска плоча, што значи дека сега тие чинат двојно повеќе од дисковите. Тоа ми звучи познато...

Ете, повторно сум во тренд: откако во 1991 го купив мојот омилен Бел албум од Битлси како ЦД, бидејќи грамофонската плоча ми беше изгребана и „прескокнуваше“, сега повторно го купив во специјално винил издание за домашната колекција грамофонски плочи. Светов е неверојатен!

Враќање на старите добри плочи