1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

40 години „Солидарност“- кога му дојде крајот на комунизмот

Моника Ширацка
31 август 2020

Пред 40 години во Полска беше одобрен синдикатот „Солидарност“. Тоа го отвори патот за падот на комунизмот во Европа. Денес Полска дебатира дали работничкиот водач Валенса беше херој или предавник.

https://p.dw.com/p/3hnnZ
Polen Solidarnosc | Lech Walesa Lenin Werft 1980
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Oy

На 31 август 1980 година, тогаш речиси непознатиот бродски електричар Лех Валенса како претставник на штрајкувачките полски работници седна на маса со полскиот вицепремиер Мјечислав Јагиелски да потпишат заедничка спогодба. Најважната отстапка која владата ја направи по неколкунеделните штрајкови во повеќе полски фабрики беше дозволата за основање на слободен синдикат. На 17 септември се роди „Солидарност“ како прв слободен синдикат зад „Железната завеса“. Но, Лех Валенса тогаш не веруваше во ветувањата на комунистите. „Тие ќе го уништат, мора да го сторат тоа – така си мислев тогаш,“ ќе рече тој во едно интервју за ДВ. Се уште му беа свежи сеќавањата на раните антикомунистички протести во Полска од 1956, 1970 и 1976, кои завршија во крвави судири со полицијата.

Милиони против комунистите

Од 1967 година Лех Валенса работи како електричар на бродоградилиштето во Гдањск, кое градеше бродови за меѓународните пазари и носеше значителни суми девизи во комунистичката земја. Штрајковите на бродоградилиштето започнаа кон средината на август во 1980 година, но веќе во јули имаше помали протести во фабрики во други делови на Полска.

Значителна испирација дојде од папата Јован Павле II, по потекло од Полска. Во неговата миса во Варшава во 1979 ја изговори неговата позната реченица: „Немојте да се плашите,“ која стана лајтмотив за милиони Полјаци.

Гневот беше насочен кон комунистичките моќници кои 35 години владееја со земјата, осигурувајќи си лични привилегии и доведувајќи ја економијата на раб на пропаст. Во земјата со 35 милиони население само за неколку недели над 10 милиони лица му се приклучија на движењето „Солидарност“.

Силата на работниците

„Она што беше посебно е дека ова движење беше поддржано од работничката класа. Тоа му даде замав и сила,“ вели германскиот историчар Петер Оливер Лев, директор на Германско-полскиот институт во Дармштад. „Ако на улица излезат неколку интелектуалци, тоа нема да направи револуција. Но, кога штрајкува фабрика, од која е зависен приливот во државната каса, тогаш тоа го доведува во прашање целиот комунистички систем кој се легитимира преку пролетеријатот,“ вели Лев, кој извлекува доста паралели помеѓу „Солидарност“ и денешниот бран протести во Белорусија. 

Повеќе:

Полската загатка: Зошто се протестира дури во пет до дванаесет?

Валеса: Да ја изградиме државата Европа

„Солидарност‘ го промени модерниот свет“

Лидерот на протестите Валенса постојано стравувал тие да не прераснат повторно во крвава пресметка. „Мора да си цврсто одлучен, во спротивно не можеш да ги водиш другите. Мора да мислиш вака: повеќе нема семејство, нема смрт, нема пари. Знаев дека може да ме ликвидираат во секое време. Но си мислев: можат да ме убијат, но не и да ме победат“, велеше Валенса.

Polen Solidarnosc Lech Welasa und Papst Johannes Paul II.
Лех Валенса и папата Јован Павле Втори, јуни 1991 годинаФотографија: picture-alliance/Pap/J. Morek

Полската борба за слобода

Опозиционерот во ГДР, Јоахим Гаук, кој подоцна беше и претседател на обединетата Германија, денес раскажува дека на настаните во Полска во 1980. гледал со „ентузијазам и скетпицизам“. Во ГДР по задушувањето на востанието од 17 јуни 1953 и по изградбата на Берлинскиот ѕид, надежта за промени е загубена „обликувајќи го животот во политичка немоќ“, вели Гаук во разговор за ДВ.

Од друга страна во Полска постоеше стогодишна подготвеност на Полјаците, „да го утврдат својот идентитет и да се борат за него против актуелната власт секогаш кога ќе им се пружи прилика. Тоа повторно извира во секоја генерација на полскиот народ,“ вели Гаук. За време на неговата посета на Полска тој изјави: „Јазикот на слободата е полскиот“.

Кога во ноември 1989 година падна Берлинскиот ѕид, Полска веќе го имаше првиот премиер кој не е од редовите на комунистите. Уште на почетокот од 1989 година се случија преговори меѓу владата и „Солидарност“, а во јуни се оддржаа првите полудемократски избори зад „Железната завеса“.

Висока цена на слободата

Но висока цена беше платена за таа пионерска улога во борбата против комунизмот. На 13 декември 1981, заврши полскиот сон за слобода кој се роди една година претходно во Гдањск. Владата воведе воена состојба која траеше до 1983 година и со која значително беа ограничени граѓанските права и слободи. 10.000 опозиционери беа затворени, десетици убиени. „Солидарност“ мораше да оди во илегала, а повторно е дозволено да се регистрира во 1989 година.

Реакциите на западните земји беа спротиставени. Додека тогашниот германски социјалдемократски канцелар Хелмут Шмит во воениот закон гледаше стабилизирачки фактор, тој потег беше остро осуден од САД и Велика Британија. Антикомунистичката опозиција во Полска доби голем поттик и поддршка од Норвешка во 1983 година кога Лех Валенса, кој во тоа време е во затвор, ја доби Нобеловата награда за мир.

Наследството на „Солидарност“

Демократското движење околу слободниот синдикат „Солидарност“ во меѓувреме стана основачки мит за современа Полска. Кога премиерот Матеуш Моравјецки вели дека „денешна Полска израсна од 'Солидарност’,“ тој може да говори од душата на сите Полјаци, без разлика на нивната политичка ориентација. Во „Солидарност“ всушност беа застапени сосем различни струења од леви до десни.

Токму затоа денес често е фатена во мелницата на актуелната политика. „Многумина имаат право да се гледаат себе си како наследници на ‘Солидарност’, но од она што го гледаме денес во Полска, претставниците на десничарската владејачка ПиС, тврдат дека имаат единствено право да се повикаат како наследници на ова и да го продолжат,“ вели Лев.

Lech Walesa ehemaliger polnischer Präsident
Лех Валенса во неговото биро во ГдањскФотографија: DW/A. Holthausen

Валенса: херој или предавник?

Откако е на власт националконзервативната партија ПиС, значи речиси 5 години, на сите официјални настани и културни манифестации секогаш се слават хероите од „Солидарност“, кои се политички на страната на владата. Но меѓу нив не е и поранешниот претседател Лех Валенса (1990 – 1995), бидејќи тој остро го критикува антилибералниот курс на владата на ПиС.

Валенса им е трн во око на ПиС. Во про-владините медиуми со години е етикетиран како агент на комунистичката тајна служба. Во 2015 се откриени документи кои укажуваат на негова соработка со поранешната тајна служба. Валенса во 1970 бил принуден на тоа откако бил уапсен заедно со 130 работници за време на антивладините протести во Гдањск. Но, на крајот на 1970, уште пред неговото приклучување кон опозициското движење, ги прекинува неговите контакти со комунистичката тајна служба.

Дебатата за тоа, дали Валенса е херој или предавник, дали неговите подоцнежни заслуги може да ја исперат неговата вина, ја делат Полска до ден денес. Како и секоја година и овојпат прославата по повод годишнината од основањето на „Солидарност“ е засената од овој спор.