1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300 години британски Гибралтар

4 август 2004

На денешен ден во 1704 година Британците го освоија Гибралтар. Оттогаш оваа карпа на југот од Шпанија е постојан камен на сопнување: Шпанија го бара Гибралтар назад, жителите на колонијата сакаат да останат Британци.

https://p.dw.com/p/Ad7f
Карпата на „мајмуните„
Карпата на „мајмуните„Фотографија: dpa

Три дена непријателот бара предавање на бранителите без борба. Но, тие се двоумат иако се слаби: 80 војници и неколку стотици милиционери. Во 5 часот британскиот вице-адмирал Џорџ Рук даде наредба за напад. По 6 часа, 3 илјади и 600 топовски ѓулиња и 120 мртви, шпанскиот воен гувернер Диего де Салинас капитулираше. Над Гибралтар се развеа британското знаме. И до денес е трн во очите на Шпанија, зашто Гибралтарците ниту во сон не мислат на тоа да се вратат во татковината. Кога владите во Мадрид и Лондон пред две години имаа намера да го поделат суверенитетот врз карпата, предизвикаа бура кај населението:

“Ако тоа вистина го направат ќе тече крв по улиците. Едноставно, подготвена сум да умрам“.

Кога станува збор за Гибралтар, аптекарката Анет Тумбриџ ќе се бори, како и скоро сите нејзини сонародници. На последниот референдум тие скоро стопроцентно гласаа за Велика Британија. Во Лондон не се пропушта ниту една можност за ситни провокации на Шпанците: понекогаш се најавува посета на кралицата, понекогаш атомска подморница се паркира пред карпата на мајмуните, а денеска треба да допатува британскиот министер за одбрана на прославата од освојувањето. Дури и спокојниот шпански премиер Хозе Луис Запатеро го загуби трпението, а неговиот министер за надворешни работи упати порака:

“Остануваме на тоа дека оваа посета ќе ја третираме како непријателски акт на британското кралство“, вели Мигел Анхел Моратинос. Но, ниту Шпанците не остануваат должни: тие ги контролираат малкуте телефонски линии на Гибралтар, на аеродромот може да се стигне само преку Велика Британија, а шпанските цариници на границата го чешлаат секој куфер:

“Ова е најлошата граница во светот“, вели еден цариник, "ова личи на диктатура“.

За веме на шпанскиот диктатор Франко беше уште полошо, зашто границата беше комплетно затворена. Кој сакаше да патува за Шпанија мораше тоа да го прави преку Мароко. Поради тоа карпата стануваше се побританска: "боби" го регулираа сообраќајот, на секој агол фиш енд чипс, а во пабовите пивото Гинис. Така се роди легендата за лошата Шпанија, вели Пако Олива новинар на “Гибралтар кроникл“:

“Корените на проблемот се емоционални, психолошки. Луѓето едноставно се плашат. Политичката култура постојано ја користеше таа слика за Шпанија како монструозен агресор“.

Но тие не се толку различни, не само зашто многу Шпанци работат на Гибралтар, или Гибралтарците ја напуштаат карпата во правец на Шпанија кога, типично британски, навечер во 11 меаните затвораат.

Резиме: често жешко дебатираат Лондон и Мадрид кога станува збор за карпата. И се додека едните тврдат дека Гибралтар е илегален даночен рај, а другите контрират со стари легенди, колонијата останува британска се додека познатите мајмуни нема да живеат на карпата. А, дотогаш и спорот останува чист мајмунски театар.