1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

30 години ИЦЕ: Трката за најбрз воз на светот

Фрауне Буркард (дпа)
1 мај 2018

Германскиот ИЦЕ пред 30 години беше најбрз воз на светот. Во меѓувреме го претекнаа други. Германија не планира нови рекорди, поради свои причини.

https://p.dw.com/p/2weTT
Deutschland Forschungsminister Riesenhuber und Verkehrsminister Warnke vor Rekord-ICE (1988)
Возот со кој беше постигнат рекорд на 1 мај 1988 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Пред 30 години еден ИЦЕ-воз иташе од Вирцбург кон Фулда со брзина од 46 километри на час. Светски рекорд! Германскиот воз беше најбрзиот воз на сите времиња. Но, рекордот набрзо беше соборен, а мина и желбата за големи брзини. Германската железница во меѓувреме купува нови ИЦЕ-возови со максимална брзина од 250 километри на час.

Патниците со завист гледаат кон Франција и сѐ почесто и кон Азија, каде патувањето со воз е побрзо. Пред сѐ напредок бележи кинеската индустрија. Дали набрзо кинески брзи возови ќе сообраќаат и во Германија?

„Кинезите се многу, многу добро опремени. Тие имаат мастер-план со кој сакаат да ја направат кинеската железничка индустрија апсолутен првак во светот“, вели Фолкер Шенк, претседател на Сојузот на железничката индустрија во Германија.

Од германскиот рекорд на 1 мај 1988 година минаа три децении. Време кое од оваа перспектива изгледа како сосема друга ера. Германската железница тогаш сѐ уште се викаше Сојузна железница и беше институција, а ИЦЕ беше кратенка за Интерсити Експериментал, а не за Интерсити Експрес. Во локомотивата имаше компјутер од дигиталното камено време, а во возот седеа речиси исклучиво мажи. Кога мерачот на брзината покажа 406 километри на час, сите славеа и аплаудираа. Министрите го фалеа „импресивниот резултат од германската врвна технологија“. Новинарите кои беа во возот пишуваа за историски момент.

Но, опиеноста од успехот беше со кратко траење. Две години подоцна еден француски ТГВ успеа да достигне брзина од 515 километри на час и со тоа, како што до ден-денес грми француската државна железница, го „распрсна“ германскиот рекорд.

China Transrapid in Shanghai
Трансрапид во КинаФотографија: picture-alliance/dpa

Брзите возови се статусни симболи. Државите и нивните производители на возови со рекордите привлекуваат меѓународно внимание.

ТГВ беше претекнат од јапонски Шинкансен, кој на тест-патека достигна брзина од 600 километри на час - со магнетно левитациска техника, слично како избледениот германски Трансрапид. И кинеските возови веќе достигнаа брзина од 500 километри на час. Огромната земја одамна стана сила во овој сектор. Концернот ЦРРЦ остварува двојно повеќе обрт од Сименс и Алстом заедно. Кинескиот брз воз Фушинг (Обнова) вози помеѓу Шнагај и Пекинг со брзина од 350 километри на час. За 1.300 километри му се неопходни четири и пол часа. За три години во редовниот сообраќај ќе биде вообичаена брзина од 400 километри на час.

А Германија? „Онаму каде што има траси за развивање голема брзина, ги користиме сите можности“, велат од Железницата. Со брзина од 300 километри на час возат возовите меѓу Келн и Франкфурт и меѓу Берлин и Минхен, како и возовите во насока на Париз, кои на тлото на Франција потоа развиваат и нешто поголема брзина - 320 километри на час.

Deutsche Bahn ICE
Германските брзи возови често мора да ја делат мрежата со побавните возовиФотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick

Инаку, ретко се можни брзини поголеми од 250 километри на час. Зашто, за разлика од Франција и Кина, брзите возови во Германија застануваат секој половина час, а често мораат и да ја делат мрежата со побавните возови. Во наредните години уште дваесетина градови би требало да добијат приклучок кон железничката мрежа за долги релации. Столбот на тој сообраќај ќе биде ИЦЕ4, првиот ИЦЕ-воз со посебен оддел за велосипеди. Првите примероци се веќе во оптек од декември минатата година. Тие возат со брзина од 250 километри на час. Кај новиот воз фокусот е ставен на нешто друго - помала потрошувачка на енергија и постабилни разладни системи.