1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се елиминира сомнежот дека елитата добива поблаги казни

27 јули 2021

Вонредното ублажување на казните под законскиот минимум за вакви кривични дела и во ваков обем е навистина невообичаено, вели Натали Петровска од Коалицијата Сите за правично судење.

https://p.dw.com/p/3y6zD
Mazedonien Skopje Ausschreitungen Parlamentssturm
За директно учество во организирање на протестите кои кулминираа со упад во Собранието на 27-ми април 2017 година беа осудени Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир АтанасовскиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Како е можно „организаторите“ да добијат пониски казни од „извршителите"? Ова беше главното прашање по вчерашната пресуда на судскиот совет во Кривичниот суд Скопје, со која помеѓу 6 и шест и пол години казна затвор добија дел од обвинетите за директно учество во организирање на протестите кои кулминираа со упад во Собранието  на 27-ми април 2017 година - Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски. За разлика од нив, т.н. извршители на делото добија многу повисоки казни - помеѓу 18 и 8 години. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој беше осуден на 18 години затвор, а Апелациониот суд му ја намали на 16 години. 

Кривичното дело за кое четворицата беа обвинети - „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313 од Кривичниот законик) се казнува со најмалку 10 години затвор.

Невообичаено за такви дела

Правници се изненадени, но очекуваат прво да ја прочитаат и анализираат вчерашната пресуда, пред да изградат став за неа.  

„Не би можела да навлегувам во детали додека не се објави целосната пресуда со деталните образложенија, но може да се констатира дека вонредното ублажување на казните под законскиот минимум за вакви кривични дела и во ваков обем, е навистина невообичаено", вели Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата Сите за правично судење.

„Особено, ако се земе предвид дека предвидената казна за ова дело е најмалку 10 години, а ублажувањето предвидено и во самиот закон, предвидува намалување на казната до 5 години. Ова е дотолку повеќе специфично, што обвинетите како извршители на терористичкиот напад врз Собранието се казнети многу построго од организаторите на ваквиот напад, а особено доколку се има предвид дека организаторите на настаните се лица кои биле на многу повисоки политички и државни функции и кои би имале далеку поголем бенефит од самите извршители, доколку нападите биле успешни. Ваквата ситуација не е пожелна и не би требало да се случи во модерното казнено право, освен ако не постојат исклучителни околности, кои судот мора одлучно да ги демонстрира и образложи, како не би оставил впечаток во јавноста дека организаторите се казнети полесно само поради тоа што истите се, или биле носители на високи државни и политички функции", смета Петровска.

Nordmazedonien | Natali Petrovska,
Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата Сите за правично судењеФотографија: privat

Да се аргументираат олеснувачките околности

Таа укажува дека согласно со домашното право, како и воспоставената пракса, поттикнувачот на кривичното дело, како и помагачот на сторителот на кривичното дело се казнуваат исто како и самиот сторител.

„Ова е уште повеќе значајно кога станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал, каде главните организатори и/или водачи на групата се казнуваат и построго од самите припадници и извршители на кривичните дела“, објаснува Петровска. 

Што ги „стопи" казните? Со измените на Кривичниот законик во декември 2018 година е вратена старата законска одредба за ублажување на казните под законскиот минимум, која гласи дека ако „постојат особено олеснувачки околности кои укажуваат дека и со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето“ (член 40, став 2) судот може да изрече и поблага казна од законски предвидената. Според член 41, став 1 „за кривичното дело како најмала мера на казна е пропишан затвор во траење од десет или повеќе години, казната може да се ублажи до пет години затвор“.

Оваа законска одредба ја искористил и судијата Илија Трпков, кој во образложението ги посочи и олеснителните околности кои биле земени предвид при одредувањето на казната.

„Оваа одредба беше отстранета токму поради тоа што истата беше многу апстрактно користена од судовите, без да бидат понудени подетални образложенија - зошто оваа одредба е применлива во конкретниот случај, а истата беше главно користена во високо профилирани случаи", посочува Петровска.  

И други ќариле

Откако оваа одредба била вратена во правниот поредок, истата повторно била применета во неколку од високо профилираните случаи.

„Беше применета во случајот ‘Тифани', каде имаше признание на вина, но и во случајот ‘Труст', во случајот за сообраќајката кај Млечен ресторан во првостепената пресуда со која беше изречена условна осуда, а сега и во случајот за организаторите на нападот на Собранието на 27. 04. 2017 година. Доколку се земе предвид дека ваквите високо профилирани случаи имаат огромно влијание врз јавната доверба во судството, перцепциите за казнивост на политичката и бизнис елитата, можеме да констатираме дека ваквото постапување на судовите поттикнува загриженост, бидејќи во јавноста генерира перцепција за ‘блага' казнена политика или во некои случаи и неказнивост“, оценува директорката на Коалицијата Сите за правично судење.

Надвор од правните дилеми за последното ублажување на казните под законскиот минимум, реакциите во јавноста остануваат длабоко поделени: едни се уверени дека четворицата се невини и не требало да бидат судени, други сметаат дека требало да добијат повисоки казни. Одредено совпаѓање во ставовите има единствено по прашањето дали поранешниот премиер Никола Груевски е тој што требало да се огласи по вчерашните пресуди, бидејќи голем дел во него ја лоцираат вината за мотивирање на активности кои кулминираа со насилство на 27-ми април.