25 години Амазон : од онлајн книжарница до моќен концерн | Економија | DW | 05.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

25 години Амазон : од онлајн книжарница до моќен концерн

Историјата на најголемиот интернет-трговец почна пред 25 години во гаража во Сиетл. Денес Амазон е еден од највредните концерни, а основачот Џеф Безос е најбогат човек во светот. Но, претпријатието има и бројни критичари

Џеф Безос уште на возраст од 30 години оствари завидна кариера во берзанскиот свет на Вол Стрит, но тоа очигледно не му беше доволно. Него го фасцинирал интернетот. Заедно со својата тогашна сопруга МекКензи донел судбоносна одлука и своето биро во облакодер во Њујорк го заменил со гаража во Сиетл. Тука почнува приказната за Амазон, најголемата интернетска трговска платформа во светот.

„Наша визија е да станеме претпријатие максимално насочено кон купувачот, во кое луѓето можат да најдат се што сакаат да купат на интернет“, гласи мотото на Безос. Почетокот бил далеку од остварување на визијата. Џеф и МекКензи Безос на 5. јули 1994. година основале интернет-книжарница. Таа прво се викала Кадабра, но брзо добила ново име: Амазон. Она што почнало со книги, во идните години се развило во најголема интернетска стоковна куќа во светот. Денес Амазон е нешто уште повеќе - поседува дури и сопствен синџир на супермаркети во САД.

Но, Безос сака уште повеќе: на пример, да конкурира на Нетфликс, водечката компанија која нуди интернет стриминг, но и етаблирање сопствена логистика за доставување пакети. Никој не знае што ќе биде идниот чекор на Безос и во која бранша. Амазон на почетокот на јуни претстави достава со помош на дронови, кои би требало за неколку месеци да ги испорачаат првите пакети.

USA Jeff Bezos (Reuters/J. Roberts)

Џеф Безос, најбогатиот човек во светот

Љубимец на Вол стрит

Поради хроничните загуби, кои беа последица на континуираните нови вложувања, акциите на овој нагло експандирачки концерн долго време не беа многу барани на берзата. Но, откако Безос остварува добивка, стана љубимец на Вол стрит. Во првото тромесечие годинава бизнисот одеше одлично- благодарение на разработената интернет-трговија и растот на понудата на клауд сервисот, чистата добивка во споредба со истиот период лани порасна за 125 проценти, на 3,6 милијарди долари. Толку многу Амазон уште не успеал да заработи во само еден квартал. Лани во септември Амазон, како втор концерн по Епл, успеа привремено да достигне берзанска вредност од билион долари. Со тоа, концернот имаше поголема вредност отколку 12-те најголеми Дакс-претпријатија заедно. Американскиот берзански гуру, 88-годишниот Ворен Бафет одамна изрекува огромни пофалби на адреса на Безос, она што тој успеа со својот концерн е речиси чудо, вели Бафет.

Повеќе: 

Амазон го истурка Гугл од светскиот трон

Фотографија на денот: Амазон почнува достава со дронови

„Форбс“: Безос е уште побогат

За основачот Безос посебно добро се исплаќа навалата на вложувачи во неговиот концерн, бидејќи тој и натаму е најголем акционер. Затоа веќе со години овој 55-годишник доминира на листите на најбогати луѓе во светот.

На мета на критиките

Но, настрана од берзата, Амазон нема многу сипматизери. Концернот секогаш одново е на мета на критики поради, како што се тврди, лоши услови за работа, а многумина се убедени и дека со неговите ниски цени ги уништува ситните трговци. Но, најголемиот непријател на Амазон живее во Белата куќа. Американскиот претседател Доналд Трамп постојано го критикува Амазон, наводно поради негова вина за финансиските проблеми на американската пошта. Но, главната причина веројатно е судирот на Трамп со угледниот весник „Вашингтон пост“, кој често известува критички за претседателот. Весникот е во приватна сопственост на Џеф Безос.

 

DW.COM

Реклама