2022 ќе биде скапа и многу неизвесна | Северна Македонија | DW | 01.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

2022 ќе биде скапа и многу неизвесна

Македонската економија ќе треба да заздравува и во наредните 365 дена. Менаџирањето со енергетската криза ќе биде клучниот предизвик.

РЕК Битола: Енергетската криза ќе биде најголем предизвик за македонското стопанство во 2022

РЕК Битола: Енергетската криза ќе биде најголем предизвик за македонското стопанство во 2022

Стартот на 2022 година носи нови предизвици за македонската економија која недоволно опоравена од пандемијата е под сериозен удар на енергетската криза. Поскапата струја која веќе е реалност, недостигот од гас за затоплување и работа на компаниите се само предвесник на ризиците кои продолжуваат да демнат и кои ќе мора сериозно и посветено да се менаџираат. Посебно по искуствата од 2021, која донесе позитивни поместувања, но со позабавено темпо од очекувањата. Планот на хартија е годинава да се случи повисок економски раст, но и помал инфлаторен удар. Сето тоа ќе чини 4,43 милијарди евра, колку што тежи народната каса за наредните 365 дена. Од Владата се оптимисти дека економијата има капацитет да се справи со кризата и да се врати на предпандемиската патека. 

„Во 2022 година очекуваме реален раст на БДП од 4,6%, воден од пораст во бруто инвестициите од 8,5%, зголемена извозна активност од 8,1%, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1%, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување на период на забрзан раст од над 5% годишно. Се надевам дека глобалните економски текови ќе бидат подобри со цел целосно валоризирање на можностите, кои ни претстојат“, смета министерот за финансии Фатмир Бесими.

Овие прогнози се темелат на претпоставки дека ударот од кризата, пред сѐ енергетската, нема да биде толку драматичен. Ризиците сепак се присутни:

„Имајќи го предвид временскиот контекст, моменталните глобални економски текови и предизвици, при нецелосно опоравена економија и засилен притисок врз цените на енергенсите на глобалните берзи, свесноста за предизвиците и флексибилноста на реагирање се клучни за нашиот капацитет за апсолвирање на кризите. Оттука, треба да сме свесни дека адаптибилноста е најголема предност, особено при зголемена неизвесност“, смета Бесими. 

По Нова Година повисоки сметки за струја за 9,48 проценти за македонските граѓани

По Нова Година повисоки сметки за струја за 9,48 проценти за македонските граѓани

Енергетската криза- предизвик број еден

Државната каса за 2022 година е рекордно тешка и во себе содржи пари за сите потреби, повеќе или помалку. Планот на Владата е да потроши повеќе пари за капитални инвестиции, а има предвидено и 90 милиони евра за поддршка на стопанството поради  Ковид и енергетската криза. Парите се пресметани но дилемите се дали тие ќе бидат и доволни за одбрана од кризата и обезбедување на солидни услови за поопуштено функционирање на економијата. Дилемите се оправдани, посебно меѓу стопанствениците кои се загрижени. Клучна ќе биде поддршката но и посветеноста во реализирањето на она што се предвидува: 

„Во 2022 ние како земја ќе треба да се фокусираме максимално кон решавање на проблемот со енергетската криза, паралелно и со кризата на Ковид 19. Но тоа во никој случај не значи дека капиталните проекти се помалку важни бидејќи тие се двигатели на брзиот раст и развој на економијата не само на среднорочен и долгорочен план, туку и краткорочно, бидејќи тие ja заживуваат домашната економија преку инволвирање на многу економски оператори во реализација на тие проекти“, изјави за Дојче веле Дрилон Исени извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Енергетската криза им создава најголеми главоболки на компаниите. Доколку кризата продолжи стравуваат од зголемување на инфлацијата, намалување на производните капацитети, зголемување на невработеноста, ослабување на куповната моќ. Бизнисмените веќе кројат стратегии за одбрана од зголемените трошоци но бараат да продолжи и поддршката од државата:

„Државните институции и Владата ќе треба да соработуваат со бизнисите со цел изнаоѓање на ефективни и ефикасни решенија со што ќе се елиминираат и нема да се дозволат колатерални штети. Треба да имаме предвид дека со новите трошоци кои компаниите се соочуваат, особено произведувачите, многу вработени ќе останат без работа доколку државата не помага преку субвенции и други програми кои целат да помагат и поддржаат бизнисот и економијата во целост. Овие мерки се неопходни се додека не се најде решение за поевтина електрична енергија““, предупредува Исени.

Енергетската криза ќе ги погоди како компаниите така и обичните граѓани

Енергетската криза ќе ги погоди како компаниите така и обичните граѓани

Колку ќе страда стандардот на граѓаните?

Дел од стопанствениците стравуваат дека менаџирањето на енергетската криза може да го изеде и потенцијалот за раст на економијата. Оправдано со оглед на актуелните случувања околу гасот и проблемите со неговата набавка. 

„Енергетската криза и инфлацијата ќе останат присутни уште долг период, некои предвидувања се дека тие ќе траат во првите шест месеци, а потоа би имало стабилизирање. Но факт е дека многу голема пречка за развојот на бизнисот е енергетската криза. Компаниите веќе се соочени со огромни трошоци, секој се снаоѓа како знае и умее, така што инфлацијата, подгреана од големите трошења за здравствената криза во изминатиот период ќе продолжи и во 2022“, предупредува во изјава за Дојче веле Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Дополнителен проблем според него е и високото ниво на јавен долг, што е посебно неповолно во услови кога се најавуваат крупни капитални инвестиции. Ваквата состојба реално ги намалува и шансите за финансирање на овие проекти:

„Ќе мораме да се соочиме и со рефинансирање на старите долгови кои не се мали, а новите кредити кои ќе бидат потребни ќе бидат многу поскапи со оглед дека состојбите на пазарот на капиталот во моментов е доста поинаква. Тоа се ќе биде пречка за да се остварат планираните проекции за економски раст и воопшто за развојот на економијата“, укажува Димитров.

Енергетската криза дополнително ќе удри и врз стандардот на обичните граѓани, кои во најголем дел мака мачат да го истераат месецот. Ценовниот шок предизвикан од струјата и извесниот топлотен удар поради недостигот на гас само дополнително ќе ги влошат состојбите. Синдикатите се загрижени дека ударот допрва ќе следува:

„Стравуваме од енергетската криза. Државата можеби ќе направи нешто за граѓаните но еве гледате струјата поскапе речиси за 10% што секако дека не е малку. Но проблем е што ќе се прави и со фирмите кои се сериозно притиснати од поскапата струја но и недостигот од гас. А знаеме како се решаваат проблемите и зголемените трошоци. Преку отпуштања на работници, намалување на плати или нивно замзрзнување. Тоа е клучниот проблем и страв кај нас. Како граѓаните, но како и фирмите ќе ја пребродат оваа енергетска криза. А ова сигурно дека ќе потрае“, коментира за Дојче веле Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Зголемување на минималната плата- мала утеха

Во вакви услови според него мала утеха се најавите на Владата дека во Новата година минималната плата ќе се зголеми на 18 илјади денари.

„Минималната плата ќе се случи, но проблем е енергетската криза. Таа мора да се решава, Затоа сите треба да седнат на маса, да ги надминат суетите и да дојде до едно политичко обединување. Да се разговара конструктивно и да се бара решение, а не сите да се обвинуваат меѓу себе за струјата и енергетската криза. А сите се виновним бидејќи факт е дека три децении многу малку или речиси ништо нема вложено во енергетиката. Мора да почнат да размислуваат европски и да ги надминат суетите“, предупредува Ристевски. 

Бизнис заедницата постојано предупредува дека економските политики треба стриктно да се насочат така што буџетот но и сите национални стратегии да бидат во функција на економијата и на елиминирање на економските слабости на истата. Почнувајќи од правната регулатива се цел креирање на амбиент за водење бизнис, стимулирачки мерки за бизнисите, поддршка на производните капацитети, како и прогресивно зголемување на капиталните расходи во обновливите извори на енергија. Дел од овие процесии се започнати, но нивната реализација се одвива доста бавно. На ова постојано се укажува во сите анкети за деловниот амбиент и условите за водење бизнис од страна на домашните но и странските компании во државата.

Минималната плата треба да порасне во 2022

Минималната плата треба да порасне во 2022

Посебно оние обединети во Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, чија активност буквално ја одржува во живот домашната економија. Како главни двигатели на извозот, сепак и тие се соочени со сериозни предизвици поради падот производството, како резултат на наамелните нарачки на глобално ниво, но и проблемите при набавката на репроматеријалоте. Сепак и во вакви услови, позитивно е што бројот на вработени во овие компании е непроменет. Добрата вест е што и во вакви услови и се уште присутни проблеми, најголем дел од нив повторно би инвестирале во Северна Македонија:

„Околу 75% од испитаните странски инвеститори во земјава повторно би инвестирале во земјава, а најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во недостигот од стручна работна сила, правната неизвесност и предвидливоста на економската политика, неефикасноста на јавната администрација, недоволна административна грижа и поддршка на оперативно ниво, како и неисполнување на дадените ветувања и договорните обврски од страна на државата", се наведува во најновата анкета на оваа Асоцијација.  

Како до зголемување на продуктивноста?

Ваквиот податок само оди во прилог на прогнозите и очекувањата на Владата кои доминантно се темелат на производствените и извозни перформаси на производствените капацитети, домашни, но посебно оние со доминантен странски капитал. Како ќе се развиваат состојбите на овој план ќе зависи од развојот на кризата со пандемијата на меѓународните пазари, но и на енергетската криза.

Од Народната банка соопштија дека по пандемичниот шок од 2020 година, нивото на странски инвестиции во трите квартали од 2021 година регистрира позитивни трендови. Нивниот нето износ во овој период изнесува 200 милиони евра, или двојно повеќе од годината претходно.

Седиштето на Народна Банка на РСМ во Скопје

Седиштето на Народна Банка на РСМ во Скопје

Монетарната власт очекува трендот да продолжи и наредниот период како резултат на очекувањата за натамошен раст на глобалната економија. Сепак, растот на инвестициите се движи побавно од останатите компоненти што влијаат на бруто домашниот производ:

„Растот на инвестициите е околу 3,4 отсто што е сепак позитивно придвижување, наспроти големиот пад во 2020 година од околу 16 отсто. „Очекуваме дека овој тренд ќе продолжи и во следнава година, за кога се проектира вкупен економски раст од 3,9 отсто. Странските директни инвестиции се исклучително значајни за економската активност, бидејќи тие овозможуваат пристап до надворешни извори на финансирање на растот, што е многу значајно за мали економии коишто немаат доволен обем на капитал за финансирање на растот“, смета Анита Ангеловска-Бежовска, Гувернерка на Народната банка.

Освен справувањето со енергетската криза и последиците од ударот од пандемијата на Ковид 19, македонската економија ќе треба да вложи доста напори и за зголемување на продуктивноста на работната сила. Без овој предуслов, паѓаат во вода сите надежи за проширување на постојните и привлекување на нови потенцијални инвеститори кои би вложиле во производствени капацитети кои би креирале доддена вредност, а со тоа и позначителен раст на домашната економија. За 2022, прогнозите на Владата се дека економијата ќе порасне за 4,6%.