2019: 12 совети за патувања во Европа
Како најдобро се открива Европа - во природа или в град, или треба да се посети некој настан? Во 2019 ќе може да уживаат пред сѐ љубителите на уметност. Еве неколку совети за патувања во Европа: 12 месеци, 12 совети!
100 години Баухаус, Германија
Љубителите на архитектурата може да се радуваат. Светски познатата Баухаус-школа за архитектура и дизајн слави стогодишен јубилеј. Големи изложби ќе има на три места каде порано се наоѓал Баухаус, во Вајмар, Десау и Берлин, а во Десау дури ќе бидат отворени и нови музеи. Севкупно ќе има околу 660 настани во цела Германија на 350 различни места.
Ментон, Франција
Додека на други места во Европа во ек е карневалска сезона, Ментон свети во жолта боја. На т.н. Цитрусна прослава градот е накитен со скулптури направени од цитрусни плодови. Секоја година има различно мото. Низ градовите се движат празнични поворки, има многу музика и танц. Нема шанси да не ве понесат пролетни чувства. Фестивалот трае од 6 февруари до 3 март.
Матера, Италија
Матера на југот на Италија е лавиринт од камени градби. Блескава убавина, стара 7 илјади години. Матера е еден од најстарите градови на светот. Саси, пештерските населби, се уникат и дел од Светското културно наследство на Унеско. Во 2019 Матера е град на културата во Европа и титулата ќе ја прослави со богата културна програма.
Пловдив, Бугарија
Пловдив е од оние бисери кои во Европа допрва ќе бидат откривани. Партнерски град е на Матера и исто така престолнина на културата во Европа во 2019. Тоа што им е заедничко е што се прастари. Пловдив има 6 илјади години историја. Пловдив има 360 илјади жители и е втор најголем град во Бугарија и старото јадро важи за најубаво во цела земја.
Мадрид, Шпанија
Еден од најзначајните музеи во Европа во 2019. слави јубилеј. Прадо во Мадрид полни 200 години. Во него се наоѓа неверојатна збирка на европската уметност од 12. до 19. век. За јубилејот ќе има голема изложба на дела од Веласкез и Гоја.
Година на Леонардо да Винчи, Франција
Франција? Леонардо беше Италијанец, зарем не?! Точно, но генијот е починат во Франција, пред 500 години. Неговата позната слика, Мона Лиза, е изложена во Лувр во Париз. Таму ќе има голема изложба со сите дела од уметникот. Италија сѐ уште е на два ума дали да ги изнајми делата, оти Леонардо беше Италијанец, нели?
Краков, Полска
Полската метропола во 2019 ќе ја краси титулата „Европски град на гастрономската култура“ – европски главен град на кулинарството. Тој е преполн со различни ресторани и вкусна улична кујна. Одлична можност да испробате дел од специјалитетите е за време на фестивалот Пироги од 26 – 28 јули. Пироги се полнети тестенини што се смета за полско национално јадење.
Портсмут, Велика Британија
Гигантските змејови кои летаат на крајбрежјето на Европа секогаш привлекуваат внимание. Ако сакате да уживате во живописни суштества од фантазијата, тогаш мора да го посетите фестивалот на змејовите. Тогаш меѓународните професионалци ги покажуваат своите вештини. Нивните креации танцуваат по небото со софистицирани кореографии. Еден од најголемите фестивали во Европа е во Портсмут (10 – 11 август)
Лил, Франција
Овој датум треба да го запомнат сите колекционери, љубители на антиквитети и ловци на добри зделки. Секоја прва недела во септември на улиците на Лил се одржува пазар на стари работи и дребулии, но не каков било, туку најголемиот во Европа. Работите кои се продаваат се изложени во должина од 100 километри. И речиси над два милиона гости се обидуваат да се пробијат во толпата.
Година на Рембрант, Холандија
Операција на разубавување во живо токму за јубилејот! Тоа е подарокот на Ријкс-музејот во Амстердам за 350-годишнината од смртта на големиот мајстор во октомври: Најпознатата слика на Рембрант, „Ноќна стража“, ќе биде реставрирана во стаклено ателје и тоа пред очите на сите посетители. Работата на реставраторите исто така ќе биде пренесувана во живо на интернет.
Берлин, Германија
На 9 ноември 2019 година ќе се слави 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Јубилејот ќе биде одбележан со многу манифестации низ Германија. Меѓу другото, Берлин планира и еден Фестивал на музиката. Остатоците од Ѕидот ќе бидат бина за стотици концерти и настапи од и за секого, од професионалци до лаици. Во духот на мотото – музиката не познава граници!
Рованиеми, Финска
Рованиеми е покриен со снег речиси шест месеци. Снегот создава состојба на мир. И веројатно затоа Дедо Мраз си го одбрал ова место за свој дом. Во селото на Дедо Мраз може секојдневно да се дружите со него и да го гледате додека работи. Оној кој сака овде може и да преноќи. Совршено место за Божик, со кој годината повторно ќе заврши.