2016- Ренесанса на протекционизмот | Економија | DW | 28.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

2016- Ренесанса на протекционизмот

Трамп во САД и растечките популистички партии во Европа- 2016 не беше добра година за поддржувачите на слободната трговија. Последните студии открија клучни аспекти на глобализацијата кои се сметаат за проблематични

Секоја од изминатите 11 години, Светскиот економски форум прашува 750 луѓе од својата мрежа на експерти за прогноза и идентификување на глобалните економски ризици во претстојната година. Никогаш немало поширок спектар на ризици од оваа година. Тоа е пораката на Глобалниот извештај за ризиците во 2016. Политичката нестабилност е највисока од крајот на Студената војна.

Всушност, откако беше завршена анкетата на експертите, сликата стана уште помрачна. Британија гласаше за напуштање на ЕУ, а американците го избраа Доналд Трамп за претседател. Матео Ренци го загуби референдумот за новиот устав во Италија и поднесе оставка. Популистите во Италија, Франција и Холандија напредуваат. Во Германија, „загрижените граѓани“ се обединуваат во популистичката, ксенофобична АФД.

Но, вербата во напредокот не опаѓа само во Германија и Европа. Низ целиот свет, 2016 година донесе пречки за меѓународните договори кои требаше да ги хармонизираат законите за меѓуграничната трговија и инвестиции. Отворените пазари и глобализацијата се обвинети за сите можни болести, а протекционизмот и национализмот се шират како пожар во суво поле.

'Купувајте локално' е лоша економија

„Ние економистите веројатно не појаснивме доволно дека отворените пазари, на нето основа, носат повеќе предности отколку што продуцираат загуби“, вели Јирген Матес, прв човек на одделот за истражување на Институтот за економски истражувања во Келн.
До пред десет години беше општо прифатено дека отворените пазари и слободната трговија се неопходни предуслови за работни места и просперитет- сега тоа веќе не важи?
„Се уште важи“, вели Ролф Лангхамер, поранешен потпретседател на Институтот за светска економија во Кил. „Но во САД, покурентен стана еден меркантилистички поглед, кој тврди дека увозот е штетен затоа што ги загрозува домашните работни места“.
На кус рок, ткн. увозни субвенции можат да донесат успех, вели Лангхамер, но на долг рок, американската индустрија ќе биде оштетена поради уништувањето на меѓуграничните синџири на набавка.
Економските показатели за тековната година не се особено охрабрувачки, особено за големите трговски нации како Германија. Светската трговска организација, СТО, неодамна ја коригираше својата проценка за годишниот раст на волуменот на светската трговија, од 2.8 на 1.7 отсто. Паѓа и глобалното светско производство. 

TTIP Protest Augsburg

Протести против глобализацијата во Аугсбург

Некои економисти сега најавуваат крај на ерата на глобализација. Тие велат дека веќе е видлив новиот протекционизам, откако државите почнаа да усвојуваат мерки за привилегирање на домашните индустрии- отворени или притаени субвенции, извозни давачки, и правила за да се спречи доаѓањето на високо квалификувани странски кадри на домашниот пазар на труд.
СТО неуморно ги следи ваквите мерки. Во годините од 2008 наваму, земјите-членки на СТО имплементираа речиси 3.000 рестриктивни мерки, а повлекле само 750 од нив. Во моментов постојат 2,238 трговски пречки од различен вид меѓу земјите-членки на СТО.
„СТО ги анализира бројките секои 6 месеци“, вели Матес. „Кусо по кризата, веројатно беше разбирливо да се воведат некои трговски бариери. Она што не загрижува, сепак, е дека бројот на такви пречки оттогаш не се намалува“.

Глобализацијата и популизмот

Според студијата „Страв од глобализацијата или вредносни конфликти?“, објавена од фондацијата Бертелсман, стравот од глобализацијата игра главна улога во подемот на десничарските популистички партии во Европа. Големото мнозинство луѓе кои негуваат симпатии за десничарските и популистички партии се чувствуваат загрозено од интернационализацијата, според анкета спроведена на европско ниво. Во споредба, пред сѐ поддржувачите на германската АФД (78 проценти), францускиот Фронт Насионал (76) и на ФПО во Австрија (69) во глобализацијата гледаат опасност.

Прашањето дали гласачите се либерални, конзервативни или авторитарни во нивните вредности игра второстепена улога во атрактивноста на популистичките партии, покажува студијата на Бертелсман. Изабел Хофман, коавтор на студијата, во овие стравови гледа и нешто позитивно: „Ова е зрак надеж за политиката, затоа што стравовите можат да бидат надминати полесно одошто цврсто цементираните вредности“.

„Глобализацијата се промени“, вели Ролф Лангхамер од Институтот во Кил. „Помалку трговија со добра, а повеќе со услуги, помалку трговија, а повеќе движење на финансискиот капитал. Дополнително и тренд кон миграција на работната сила. Трговијата со услуги и миграциите на луѓето- тоа се невралгичните точки за кои многу граѓани велат: 'Не, тоа не го сакаме'“.

Студијата на Бертелсман се обиде да открие што точно го глобализацијата ги плаши луѓето. Проблемите како војни, животна околина, сиромаштија, економски кризи или тероризам се речиси еднакво важни за сите испитаници. Само во делот на миграциите имаше големо отстапување: луѓето кои се плашат од глобализацијата се многу позагрижени за миграциите.

54 проценти од оние кои во глобализацијата гледаат закана се чувствуваат многу отуѓени во сопствената земја. Во истовреме, мнозинството (55 проценти) од оваа група нема контакти со странци. Меѓу испитаниците кои во глобализацијата гледаат шанса, стравот од мигранти и чувството на отуѓеност е далеку помало.

Реклама