1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Europäischer Holocaust-Gedenktag für Sinti und Roma
Фотографија: Andrea Grunau/DW
ИсторијаГерманија

2. август: Да не се заборави!

Гилда-Ненси Хорват
2 август 2022

Половина милион Синти и Роми беа жртви на расниот, националсоцијалистички фанатизам на Хитлерова Германија во Европа. 2. август се одбележува како Европски ден на сеќавање на овој геноцид.

https://www.dw.com/mk/2-avgust-da-ne-se-zaboravi/a-62681927

Посета на Меморијалниот центар во Аушвиц-Биркенау е важна за сите, не само за потомците на жртвите, изјави за Дојче веле шведската политичарка и активистка за човекови права на Ромите, Сораја Пост. Бившата европарламентарка уште се сеќава на своето прво одење таму: „Се чувствував толку валкано. Како срцето да ми го напушти телото. Направив неколку чекори, но едвај одев. Немав доволно достоинство да продолжам да се движам по тој простор. Во својата фантазија слушав гласови и чувствував длабока болка.“

На почетокот на август 1944. година во логорот Б 2 останале 4300 Синти и Роми. Најмногу имало жени и деца, старци и болни. Сите се убиени ноќта на 2. август. Тоа бил последен чин на  планската акција за истребување на луѓе,  затворени во т.н. „цигански логор“. Дваипол месеци порано, на 16. мај 1944. година, илјадници Сити и Роми се забарикадирале во логорот и така спречиле извршување на планот на СС единиците. Подоцна сите кои таму пружиле отпор, биле одведени во други логори, за да може конечно да бидат убиени оние оставени во Аушвиц. Вкупно 500.000 Синти и Роми станаа жртви на националсоцијалистичкиот расен фанатизам. Синтите и Ромите овој геноцид го нарекуваат „Порајмос“, што на романски значи нешто како „уништување“. Европскиот парламент во 2015. година го прогласи 2. август за Европски ден на сеќавање на убиените Рои и Синти.

„За комеморација на тие злосторства и градење свест за тоа во денешно време, посебно е важно младите да го посетуваат овој Меморијален центар, дури и ако тоа искуство може да биде прилично болно“, вели Сораја Пост. Тоа е искуство кое секој би требало да го доживее.

„Посетата на Аушвиц го менува начинот на кој гледате на човештвото. Создава свест за тоа на што сѐ се спремни луѓето, колку зли можат да бидат и колку лесно може такво нешто да се случи.“

Сведок на тие времиња, активна и денес во Германија, е Филомена Франц, која неодамна го прослави својот 100-ти роденден. Без оглед на  прогонот и дикскриминацијата  кои ги доживеала, и покрај убиствата на членови на нејзиното семејство во германските концентрациони логори, за омраза нема место во нејзиниот живот. Оваа Синтка за Дојче веле вели: „Зошто би мразела? Треба ли да продолжам онаму каде застанаа тие кои им правеа зло на другите? Не можам да мразам! Кога мразиме, губиме. Љубовта е големо богатство и збогатување на нас луѓето. Кога немаме љубов, се одрекуваме од нашиот дух и врлините. Тогаш сме изгубени.“

Филомена Франц: „Не можам да мразам!“

Денес и преживеаните од холокаустот, кои се наоѓаат во Украина, повторно мораат да се борат за своите животи, вели младата Украинка и претседателка на ромската младинска организација АРКА, Натали Томенко. „Болно е да се гледаат траумите на преживеаните од холокаустот, кои многу страдале, а сега повторно живеат во страв за своите животи во Украина.“ За да им помогне, АРКА заедно со иницијативата „Dikh He Na Bister" (Гледај и не заборави“) и Централниот совет на германските Синти и Роми, основала мрежа за помош на овие луѓе.

Комеморации во Полска и во Германија

Оваа година Бодо Рамелов, како премиер на Тирингија и моментален претседател на Бундесратот, ќе го посети Меморијалниот центар Аушвиц заедно со ополномоштеникот на германската влада за борба против антициганизмот,  Мехмет Даимагулер. Тие ќе присуствуваат на одбележувањето на оваа тажна годишнина. Романи Розе, претседател на Централниот совет на германските Синти и Роми, и оваа година таму ќе одржи говор.

Благодарение на иницијативата на меѓународната младинска ромска мрежа TERNYPE, 150 млади луѓе од цела Европа ќе се сретнат на комеморацијата за жртвите со преживеани сведоци на злосторствата и претставници на политиката и општеството.

Фондацијата „Споменик на убиените Евреи во Европа“ заедно со фондациите Хилдегард Лагрен, Рома триал и РомноКер, повикуваат на едночасовна комеморација за жртвите од геноцидот пред берлинскиот споменик на Синтите и Ромите од Европа, убиени за време на нацизмот. Говор ќе одржи Клаудија Рот, државен министер и повереник на германската влада за култура и медиуми.

„Ѓелем ѓелем“ во Дортмунд

Посебна програма по повод 2 август – Европски ден на сеќавање на убиените Синти и Роми, се одржува во Дортмунд. Во попладневните часови се одржува комеморација за жртвите под наслов „Не заборавајте“. Во текот на вечерта, со музика и дијалог, се одржува манифестацијата „Heu Men Hi" („Кои сме ние").

Освен тоа, во градот се отвора фестивалот „Ѓелем ѓелем“, кој од 2. до 20. август ги собира љубителите на уметноста и културата, а нуди и разни уметнички работилници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница