1968: Секс, револт, самоспознание
Од годината по која е крстена цела една генерација мина половина век - во 1968 година изби многу од она што „крчкаше“ долго време. Од шишето излезе дух кој живее до денес.
Љубов на платно
Освалд Колбе во 1968 година во кината го претстави првиот дел од својот информативен филм „Чудото на љубовта“. Секс-сцените претставуваа мала револуција. Еден обвинител дури му се закануваше на Колбе со апсење. Филмот намерно е сниман во црно-бела техника и е проследен со тивка музика поради стравувања дека во спротивно машките посетители на кино салите би можеле масовно да онанираат.
Виетнамската војна и нејзините противници
Шефот на полицијата во Сајгон пука во осомничен член на Виетконг. Бруталноста на супер силите и нивните сојузници во Виетнамската војна ги мобилизираше пацифистите ширум светот. Сликите како оваа придонесоа за „прелевање на лончето“. Во март 1968-ма американскиот претседател Линдон Џонсон се откажа од натамошна кандидатура, ги запре бомбардирањата на американската армија и отвори пат за преговори.
Левичарско насилство
Но, Виетнам потпали и борба на идеологии. Во знак на протест поради „геноцидот во Виетнам“, левичарски активисти од групата на Андреас Бадер и Гудрун Енслин подметнаа пожари во две стоковни куќи во Франкфурт. Тоа беше почеток на Фракцијата на Црвената армија (РАФ). По повеќе напади, Бадер и Енслин се уапсени во 1972 година, но РАФ имаше имитатори во Германија и Европа.
Револтот на студентите
Во Германија студентите излегоа на протести против Виетнамската војна на повик на Руди Дучке. Главниот во „вонпарламентарната опозиција“ во медиумите беше соочен со сѐ поголемо отфрлање и омраза. Во атентат извршен во април 1968 година тој добива повреди опасни по живот. Студентите ја обвинуваа издавачката куќа „Шпрингер“ дека со своето известување повикала на насилство против Дучке.
Против молкот
Германското студентско движење бараше и отворено соочување со наследството на Третиот рајх. Против молкот се бореше новинарката и самопрогласен ловец на нацисти, Беате Кларсфелд. На фотографијата е прикажана во момент кога во Бундестагот го нарекува „нацист“ и „злосторник“ канцеларот Георг Кизингер, кој инаку бил член на НСДАП. Неколку месеци подоцна таа дури му удри и шлаканица.
Смртта на проповедникот
На 4 април 1968 година во Мемфис е убиен Мартин Лутер Кинг. Убиството за многу приврзаници на неговото граѓанско движење е израз на длабоко вкоренетиот расизам во САД. Тие сметаат дека државата е соодговорна за атентатот. По убиството на Кинг, во повеќе од 100 градови во САД дојде до жестоки безредија со многу загинати и повредени. На фотографијата: Кинг во март 1968 година на еден марш во Мемфис.
Една пролет без лето
Целта беше „социјализам со човечки лик“ - Александер Дубчек сакаше да ја реформира Чехословачка: помалку централна држава, повеќе слобода. Но во август 1968 година трупите на Варшавскиот пакт вмаршираа во Прага. Дубчек под притисок на СССР мораше да се откаже од сите реформи. Непосредно по најголемата воена операција во Европа по 1945 година, ставен е крај на т.н. Прашка пролет.
Химни на револуцијата
Во Германија, САД и многу други делови на светот Битлси во 1968 година се најдоа на врвот на топ-листите со својата „Hey Jude“. Тоа беше хит на годината и бестселер во нивната кариера. Песната се продаде 7,5 милиони пати. На Б-страницата на синглот Битлси во духот на времето, во текстот на „Револуција“ политички пееја: „Сите ние сакаме да го промениме светот“.
Папска грмотевица
Антибеби-таблетата за жените значеше сексуална слобода, која се изразуваше не само во сексуалниот живот на студентите и во хипи-круговите. Со својата енциклика „Хуманае Витае“ папата Павле Шести во 1968 година се изјасни против секаква вештачка контрацепција. Со тоа предизвика бура негодувања. Многумина во тоа видоа потврда за својата слика за црквата како институција која е далеку од реалноста.
Ново самоспознавање
1968 година и тоа во боја: на Божик екипажот на Аполо 8 ја направи фотографијата со патетичен наслов „Изгрев на Земјата“. Човештвото првпат доби слика за својата кревка Планета. Како оваа фотографија влијаеше врз поимањето на Земјата, е прашање за кое се дискутира до денес. Исто како што се диксутира и за последиците од турбулентната 1968 година.