1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

12-ти ден протести на плоштадот Тахрир

5 февруари 2011

Во центарот на Каиро и денеска (05.02.2011) се собрани илјадници лица. Германската канцаларка Ангела Меркел во Минхен денеска изрази уверување дека во Египет ќе има промени кои, како што нагласи, мора да бидат мирни.

https://p.dw.com/p/10BGx
Плоштадот Тахрир и натаму исполнет со демонстрантиФотографија: AP

Илјадници противници на египетскиот претседател Хосни Мубарак ја минаа и минатата ноќ на плоштадот Тахрир. Претпладнево (05.02) состојбата во центарот на Каиро е мирна и релаксирана, известуваат светските агенции. Инаку, на вчерашните големи протести по традиционалните муслимански молитви, немаше позначајни инциденти, освен спорадични тепачки меѓу поддржувачите и противниците на Мубарак на страничните улици кои водат кон плоштадот Тахрир.

Обама: Мубарак да го слуша гласот на народот

Демонстрантите вчера, инаку, уште истакнаа дека нема да се откажат од протестите се‘ додека Мубарак не си замине од функцијата. Претседателот, меѓутоа, не даде никаков сигнал дека има намера да се повлече пред наредните редовни претседателски избори, во септември годинава.

Ägypten Proteste auf dem Tahir Platz in Kairo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од друга страна, американскиот претседател Барак Обама повторно апелираше до египетските власти веднаш да започнат процес на политичка транзиција

Обама порача дека целиот свет ги гледа случувањата во Египет и нагласи дека кризата нема да биде решена со насилство.

„Јас верувам дека претседателот Мубарак се грижи за својата земја. Затоа тој треба да слуша гласот на египетскиот народ и да донесе одлука за идните чекори за патот напред, кој мора да биде уреден, осмислен и сериозен“, рече Обама.

Меркел: Промените во Египет мора да бидат мирни

Но, Обама повторно експлицитно не кажа дали смета дека Мубарак треба веднаш да замине од власт или да почека одржување вонредни избори.

Weltwirtschaftsforum Davos Bundeskanzlerin Angela Merkel
Германската канцеларка Ангела МеркелФотографија: AP

Денеска, германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето на традиционалната безбедносна конференција во Минхен, изрази уверување дека во Египет ќе има промени.

„Оваа транзиција треба да биде направена мирно и уредно, а Европа е подготвена да го поддржи овој процес преку ново партнерство со Египет“, рече Меркел. Таа нагласи дека во меѓувреме е апсолутно неопходно да се заштитуваат правата и слободите на луѓето во Египет.

Автор:СН/ЕМФ/дв/ртре/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска