11.000 германски ученици затруени најверојатно од кинески јагоди
6 октомври 2012Институтот „Роберт Кох“, кој го советува германското Министерство за здравство за прашања поврзани со инфективни заболувања, информираше дека пронашол „силена и статистички значајна поврзаност“ меѓу избивањето на епидемијата и „конзумирањето производи направени од замрзнати јагоди“. Тие се веројатниот предизвикувач на најголемата гастро-интестинална епидемија до сега во Германија.
Од „Роберт Кох“ и од Министерството за здравство велат дека за сега не постојат докази оти овие јагоди се нашле и во малопродажба. Од Здружението за заштита на потрошувачите информираа дека преку пристаништето во Хамбург биле увезени 44 тони замрзнати јагоди од Кина.
Кај многу од пациентите кои јаделе слатки со јагоди е регистриран норовирус. Со цревниот вирус се погодени деца кои храната ја добивале од речиси 500 училишта и дневни центри низ источниот дел од Германија. Најмалку 32 деца беа префрлени во болница.
Фирмата Зодексо, која ги снабдувала мензите со храна, објави дека планира да ги обештети жртвите и најави повеќе детали за случајот во следните денови. Фирмата им се извини на децата и нивните фамилии и најави дека во иднина многу поригорозно ќе ги селектира прехрамбените намирници.