Празнување и преиспитување: Осум децении од историскиот 11 октомври | Северна Македонија | DW | 11.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Празнување и преиспитување: Осум децении од историскиот 11 октомври

Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, рече премиерот Заев.

Биле распоредени во три групи. Првата го нападнала бугарскиот полициски участок во Прилеп, втората - затворот, а третата ги прекинала телефонските врски и електричната инсталација. Шеснаесет младинци, партизани од прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, на денешен ден пред 80 години на располагање имале околу дваесет пушки, неколку бомби и 300 до 400 куршуми, но и нешто многу повеќе од тоа - храброст, која стана синоним за почетокот на македонската сенародна борба.

За нивната, и за акцијата на нивните другари во Куманово, синоќа во Прилеп говореше премиерот Заев, почнувајќи го дводневното празнување на 80-годишнината од Денот на народното востание кое доведе до крунисување на иделот на генерации Македонци - раѓање на слободна македонска држава.

„Овие млади луѓе не се штедеа себеси - ниту својата младост, ниту своите животи“, рече премиерот, потенцирајќи дека во судските записи за тие настани не било запишано најсилното оружје што младите борци го поседувале: силен порив, волја и одлучност да се кренат против фашистичките окупаторски војски и да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои сонувале за самостојна македонска држава.

Во празничната програма свои обраќања имаа и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците д-р Никола Стојановски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, а традиционалниот импровизиран напад на градот уште еднаш стана симболична реминисценција на настаните од 11-ти октомври 1941 година.

Nord-Mazedonien Prilep | Rede Zoran Zaev | 80 Jahre seit dem Beginn des antifaschistischen Kampfes in Nord-Mazedonien

Заев: Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година прави подобра држава, поубаво место за живеење

Македонскиот народ никогаш не земал туѓо

Осврнувајќи се на континуитетот на вековната борба, премиерот ја посочи почитта и инспирацијата од делата на големите револуционери, според чии имиња пред 80 години биле именувани партизанските одреди - Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански...

„Празниците се моменти кога секоја генерација што ги слави треба да се запраша дали со секоја измината година правиме подобра држава, поубаво место за живеење. Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето и да се подава рака, да се трага по заедништво (...) Поради храбрите борци на , сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој денес, сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество. Општество на еднакви можности, општество на правда, одговорност и еднаквост – едно општество за сите“, истакна премиерот.

Гледај видео 04:31

Горно Врановци го чува минатото од заборав

Потсетувајќи дека годинава одбележуваме уште еден значаен јубилеј - 30 години независност, Заев потенцираше дека денес Република Северна Македонија е меѓународно призната држава и со сите постулати на државност, а нејзиното место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Тој говореше и за добрососедските односи, укажувајќи дека преку отворен пристап е воспоставена соработка со сите наши соседи.

„Градиме партнерски однос со сите држави од соседството - Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто секојдневно заедно соработуваме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција. Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав. Никогаш, по никоја цена. Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик? Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа е 5 Мај“, рече Заев.

Премиерот се осврна на членството во НАТО и придобивките од него, и ја нагласи потребата од интеграција и во ЕУ.

„Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности. За жал нашето столче во Европската Унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед“, рече премиерот.

Притоа порача дека треба да се зајакне заедништвото коешто како завет е оставено со Крушевскиот манифест, со народноослободителната антифашистичка војна, со АСНОМ и со референдумот за независност.

Hissen der EU-Flagge am Europa Tag in Nordmazedonien

Од држава оставена на маргините, денес сме дел од моќното НАТО семејство, потенцираше премиерот Заев

Почит за борците за слобода

Празнувањето на 80-годишнината од Денот на народното востание се случува во екот на кампањата за локални избори, кога во партиските говори не се слушаат зборови за заедништво, обединување, толеранција - идеали кои биле вградени во битките за денешната држава и слобода, а за која животот го дале околу 25.000 борци загинати во Втората светска војна.

Ним денеска почит ќе им оддадат делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гости од странство. Ќе биде положено цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените во градот-херој Прилеп. Во тамошниот меморијален комплекс ќе се одржи празнична програма на која ќе обрати претседателот Стево Пендаровски, градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.

Во Скопје утрово чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“, а на свеченостите во градот свои обраќања ќе имаат потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците Елена Ј. Грујовска, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби, и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски. Во Куманово пред спомен костурницата цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.