11 години во Бундестагот со лажирана биографија | Свет | DW | 21.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

11 години во Бундестагот со лажирана биографија

Германската пратеничка Петра Хинц ја лажирала својата биографија, не само што ја измислила дипломата по право туку и матурата. По години минати во Бундестагот лагата е откриена и сега таа се откажа од пратеничкото место

Кој во Германија се натпреварува за работно место, по правило мора со документи да докаже дека е соодветен за таа работа. Доктор мора да има диплома од медицински факултет, автомеханичар мора да заврши соодветно училиште. Но за работа како пратеник во парламент нема посебно образование. По правило за него може да се натпреварува секој кој е полнолетен и психички здрав.

На избирачките ливчиња се наведени професиите на кандидатите за да можат избирачите да добијат целосна слика за него. Ако кандидатот биде избран, неговата биографија се објавува на интернет страницата на Бундестагот. Но кој воопшто ги контролира тие податоци? Тоа прашање сега на германската јавност ѝ го наметна случајот со Петра Хинц (СПД), која со години наведуваше дека има завршено правен факултет и положила правосуден испит, иако дури немала ни положено матура.

Никој не се чувствува одговорен

Како тие лаги не се откриени? Петра Хинц 11 години беше пратеничка во Бундестагот и беше член на бројни парламентари комисии. „Податоците во биографиите на пратениците се темелат врз нивните сопствени тврдења. Во согласност со тоа сите членови во парламентот се самите одговорни за точноста на тие податоци“, објаснува претставникот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на прашање на порталот tagesschau.de. Тој додава дека во моментов се дискутира за тоа дали постои потреба за менување на таа постапка. Според сегашните правила, ако пратеникот предаде неточни податоци, може да смета на опомена или парична казна. Но контрола на податоци се спроведува само „ако постои сомнеж“ за нивната точност, соопштија од Бундестагот.

Пратеничкиот мандат не се одзема

Во меѓувреме Петра Хинц сама повлече консеквенци од оваа афера и најави заминување од парламентот. Таа потоа ќе добие плата за меѓупериодот и ќе го задржи правото на пензија врз основа на досегашното траење на мандатот. Според Законот за пратеници, тука ништо нема да промени фактот оти Хинц дошла до пратенички мандат врз основа на лажни податоци. Таа да не решеше сама да го врати пратеничкиот мандат, можеше без проблем да го задржи. Бидејќи, постапката за одземање мандат е многу сложена и успева само во исклучителни ситуации. Дури и Хинц да беше поради тоа исфрлена од својата партија, можеше да го задржи мандатот.

Манипулации со професијата

Дури и ако за кандидатура за место во Бундестагот не се неопходни ни матура ни диплома, наведување на една од угледните професии може да му донесе на кандидатот предност. Бидејќи, според една студија, професијата „политичар“ во Германија не ужива преголем углед. Само 14 отсто од испитаниците навеле дека имаат целосна доверба во политичарите. Истовремено, правниците уживаат доверба од над 70 проценти. Но најголема доверба луѓето имаат во пожарникарите, болничарите, негувателите, аптекарите и докторите.

Тоа во својата предизборна кампања го искористија одделни политичари. Така Хауке Вагнер, кандидат од Социјалдемократската партија во Хамбург, минатата година на изборите како професија наведе „болничар“, а всушност е дипломиран економист. „Кога дознав дека ќе бидам кандидиран, се информирав за тоа кои професии уживаат најголем углед“, објасни своевремено Вагнер. „Веднаш зад пожарникарите на второ место се болничарите“. Значи, тој потоа запишал курс за болничар, го положил испитот и добил втора професија. Вагнер сега е пратеник во хамбуршкиот градски совет.

Реклама