1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 години по масакрот во Тулса, тензиите останаа

Дојче веле
1 јуни 2021

Пред еден век, во градот на југот на САД, апсењето на еден млад црнец, обвинет за напад врз бела жена, предизвика еден од најлошите изливи на расно насилство во историјата на земјата.

https://p.dw.com/p/3uFDF
 USA | 100. Jahrestages des Tulsa-Massakers
Фотографија: John Locher/AP Photo/picture alliance

Во приземјето на модерните згради на анонимна улица, неколку дискретни метални натписи го привлекуваат вниманието. „Чевлар гриер“, „Ерл недвижности“ - заковани на земја, ги носат имињата на бизнисите во сопственост на црнци, кои некогаш стоеја таму пред да бидат уништени за време на еден од најтешките расни масакри во Соединетите Американски Држави во 1921 година.

Ретките остатоци од населбата, толку просперитетна што беше наречена Црниот Вол Стрит, како што се плакетите докажуваат дека историјата на Гринвуд - историски населба со црно население во Тулса, Оклахома - не може да се сфати од спомениците коишто постојат во моментов, туку од оние што повеќе не се таму. 

Претседателот Џо Бајден, кој е популарен меѓу афро-американските гласачи, ќе присуствува на комеморациите на 100-годишнината од масакрот, кои се случуваат по годината која беше обележана со движењето Black Lives Matter . Бајден изјави дека „федералната влада мора да ја земе предвид и да ја признае улогата што ја одигра во одземањето на богатството и можностите од црните заедници. 

USA | 100. Jahrestages des Tulsa-Massakers
Во Тулса, убиствата од 1921 година одекнуваат со сегашните настани повеќе од кога било.Фотографија: John Locher/AP Photo/picture alliance

„Администрацијата Бајден-Харис е посветена на признавање на улогата што ја одигра федералната политика во Гринвуд и во другите заедници на црнци и решавање на долготрајните расни нееднаквости преку историски инвестиции и други чекори за „унапредување на расниот капитал“. 

Излив на расно насилство

Во Тулса, убиствата од 1921 година одекнуваат со сегашните настани повеќе од кога било. 

„Тие дојдоа и го уништија Гринвуд и запалија сè“, изјави за АФП Боби Итон (86), поранешен активист за човекови права. 

Пред еден век, во градот на југот на САД, апсењето на еден млад црнец, обвинет за напад врз бела жена, предизвика еден од најлошите изливи на расно насилство досега забележан во земјата. На 31 мај 1921 година, по апсењето на Дик Роланд, стотици бесни бели луѓе се собраа пред судската зграда во Тулса, сигнализирајќи им на жителите црнци дека неизбежен е линч - вообичаена практика во тоа време и се до 60-тите години. 

Група афро-американски ветерани од Првата светска војна, некои од нив вооружени, се мобилизираа во обид да го заштитат Роланд. Напнатоста ескалираше и доведе до пукање. Помалубројните афро-американските жители се повлекоа во Гринвуд, познат во тоа време по својот економски просперитет и многу деловни активности. 

Следниот ден, во зората, белците ги ограбија и запалија зградите, тепајќи ги црнците кои живееја таму. Цел ден тие го разурнуваа Црниот Вол Стрит - полицијата не само што не интервенираше, туку се вклучи во уништувањето - сè додека не остана ништо друго освен урнатини и пепел, при што беа убиени околу 300 луѓе. Уништувањето остави околу 10.000 луѓе без покрив над главата. 

Со сина капа на главата и со маица во знак на сеќавање на стогодишнината од масакрот, Итон вели дека овој настан никогаш не го видел, но слушнал за него толку многу како дете во берберницата на неговиот татко. „Научив многу за немирите додека бев млад и тоа засекогаш остана во моето сеќавање“, вели тој.

Според него, како и многу други во соседството, афро-американскиот просперитет е тој што го предизвикал уништувањето.
„Тоа предизвика многу љубомора и се уште ја предизвикува. Тој менталитет што го уништи Гринвуд, во голема мера сè уште постои токму тука во Тулса“, рече Итон. 

Расните тензии останаа

И по 100 години од масакрот, расните тензии остануваат високи. Во кафуле на Блек Вол Стрит - Код Ренсом, 32-годишен афро-американец со широка насмевка ги поздравува гостите. Тој жали само поради една работа – не е сопственик на ѕидовите околу него. Ренсом проценува дека околу 20 бизниси во сопственост на афро-американци постојат во Гринвуд, и сите плаќаат кирија. 

„Ние не ја поседуваме земјата“, вели тој и додава: „Луѓето ќе слушнат ’Блек Вол Стрит ’ и мислат дека тоа е целосно контролирано од страна на црнците. Но, не е така“, вели тој. 

Политиката за урбанистичко планирање, наречена урбана обнова, спроведена од градскиот совет во Тулса уште од 60-тите години на минатиот век, имаше за цел да ги протера афро-американските сопственици чии куќи или бизниси биле запуштени, тие да се урнат и на нивно место да се изградат нови згради. 

 USA | 100. Jahrestages des Tulsa-Massakers
И по 100 години од масакрот, расните тензии остануваат високи.Фотографија: John Locher/AP Photo/picture alliance

На неколку метри од кафулето, во уметничката галерија во Гринвуд, менаџерката Квин Александер (31) ги поставува сликите за изложба, кои ја слават афро-американската култура. Таа исто така плаќа кирија – која наскоро ќе порасне за 30 проценти. Отворањето на голем музеј посветен на историјата на Гринвуд, што официјално ќе биде отворен во среда, предизвика да порасне цената на закуп за околните бизниси. 

Една од нејзините познанички, која имаше козметички салон во Гринвуд повеќе од 40 години, беше избркана. „Таа не можеше да си дозволи да ја плаќа киријата“, вели Александер. 

Гледајќи низ прозорецот на нејзината галерија таа вели: „Гледате бели луѓе како шетаат со своите кучиња и возат со своите велосипеди во области каде што порано никогаш не би ги виделе“, вели таа. За неа, Гринвуд без своите афро-американски сопственици и историски згради веќе не е навистина Блек Вол Стрит, туку „областа Гринвуд со некои деловни договори за закуп на црнците“. 

И „ако утре сите не избркаат, ова ќе биде белиот Вол Стрит“.