100 години Југославија: сакана, мразена, завршена! | Информации и анализи за Балкан | DW | 01.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

100 години Југославија: сакана, мразена, завршена!

Да постоеше, Југославија деновиве ќе наполнеше 100 години. Но, умре во 1990-те. Сепак, со овој мултиетнички модел кој доживеа пораз на бојните полиња, секогаш е поврзан и здив на носталгија, смета Фолкер Вагенер.

Во Југославија првпат стигнав во 1976 година со автостоп - се разбира, на море. Многу години подоцна станав свесен за фактот дека сум се сончал на „хрватски терен“. Тито сѐ уште беше на власт. Повеќе поради својата аура, но всушност на прагот на тоа да биде надзорник на своето наследство. Сепак, социјализмот под палми беше прекрасен.

Три години подоцна повторно се најдов во земјата на работничко самоуправување. Нејзината слобода (неврзаност) помеѓу капиталистичкиот Запад и комунистичкиот Исток тогаш беше фасцинантен и за западногерманските левичари, кои поради Виентам беа против САД, а поради гулазите против Советите. И јас бев еден од нив.

Малку поинаква земја

Моето почетно историско-политичко незнаење, наивност, заедно со неоснованиот младешки оптимизам, и по Титовата смрт (1980) беа „најдобри предуслови“ за романтизација на државата која веќе умираше. Всушност, зошто и не?

Wagener Volker Kommentarbild App

Фолкер Вагенер

Толку многу нешта беа добри: во работничкиот рај вработените сами ги определуваа целите на претпријатијата - вклучително и платите. Играње тенис или седење во кафуле во текот на работното време - нема проблем. Одењето со автобус на шопинг во Трст беше народен спорт - дури и без да се поднесе барање за одмор. Чиста опуштеност.

А економската непродуктивност на Југославија беше позната: во просек само два и пол часа вистинска работа по лице дневно. Европски негативен рекорд уште во доцните 1970-ти. Излитената шега која беше мото на тој морал за работа гласи: „Никој не може толку малку да ме плати колку што јас можам малку да работам.“

Симптом на кризата - недостигот на кафе

Економски работите навистина тргнаа надолу дури по ерата на Тито. Одењето во таа земја, која во меѓувреме ми стана втора татковина, беа како мали селидби: носев прашок за перење, електрични уреди (се разбира без царина) и пред сѐ - кафе. Најдобро беше да се однесе Минас кафе, кое го купував на австриско-југословенската граница на преминот Вурцен или Лојбл. Недостигот на кафе беше симптом на криза. Сѐ попразни беа и полиците во локалниот супермаркет „Бродокомерц“.

Титовата формула - Русите и Американците еднакво да плаќаат за стратешки важната неврзана земја - веќе не функционираше по неговата смрт. Дефинитивниот крај на ова двократно профитирање дојде со падот на Железната завеса. Југославија одеднаш веќе не беше важна.

Со економското пропаѓање почнаа и борбите за распределба. Хрватите си ги присвоија приходите од јадранскиот туризам и одбиваа да му достават на Белград дел од парите (во сојузниот буџет, н.з.). Словенците, југословенските Шваби, кои во Љубљана произведуваа микрочипови уште во 1970-те, размислуваа слично: зошто би ги финансирале ужасно сиромашните Косовци, кои сѐ уште вадат вода од бунари?

Чукна часот на националистите, федерацијата на шест републики и две покраини постоеше уште само на хартија. Одеднаш се појавија нови прашања: каде живеат Срби надвор од Србија, постојат ли историски граници, дали босанските муслимани се нација?

Josip Broz Tito (picture-alliance/CTK Photo/J. Rublic)

Титовата формула - Русите и Американците еднакво да плаќаат за стратешки важната неврзана земја - веќе не функционираше по неговата смрт

Задоцнети нации

Тоа беа академски вежби, кои во деведесеттите години на минатиот век беа одвеани од атавистичките походи на омраза. Еуфоријата на националните стремежи за независност на Југословените им донесе повеќе од 160.000 загинати во неверојатно брутални војни. Обидите, посебно на Британците и Французите, да се спаси целата држава, останаа илузија. Тоа што Германија на почетокот на 1992 година ги призна Хрватска и Словенија ништо не влоши, ништо што во смисла на зачувување на државата веќе одамна не беше загубено.

А потоа, американски бомбардери над Србија: она што во Германија пред војните беше најобичен повик за вечера „Ајде, одиме кај Југословените“, одеднаш доби сосема поинакво значење.

Во ретроспектива, се памети релативната благосостојба на Југославија, отворните граници и нешто како „невротична носталгија“, како што тоа го констатира српскиот книжевник Бора Ќосиќ. Но, одвај некој сака да се врати. Југославија е трагичен експеримент на историјата. Задоцнетите нации на европскиот југоисток се факт. Крваво купени, главно ентузијастички славени. Но сопствената химна и знаме не создаваат работни места.

Сеедно дали се работи за Хрватска, Србија или Босна и Херцеговина - младите бегаат. Повоена драма по воената траума. Како турист меѓу „Југосите“ чувствувам депресија која го глода општеството. Некои постари луѓе одеднаш повторно ја ценат сигурноста на социјалистичките времиња, младите се надеваат на Европа.

Наспроти сите симпатии за доцното формирање нации на јужните Словени, кои Британците, Французите или Унгарците ги направија векови претходно, боли на Југославија да се гледа како на катастрофа на историјата, а на земјите наследнички како на кризни пациенти.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама