100 години од Комунистичката партија на Југославија | Информации и анализи за Балкан | DW | 22.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

100 години од Комунистичката партија на Југославија

Тито не трпеше приговори и секогаш беше опкружен од интелектуално, политички и морално инфериорни послушници кои го чекаа неговото заминување за да станат шерифи во своите омеѓени феуди, пишува Душан Богдановиќ.

Пред точно сто години, поточно на конгресот одржан во Белград од 20 до 23 април 1919 година претставниците на социјалдемократските партии и организациите од Србија (Српска социјалдемократска партија), БиХ (Социјалдемократска партија на Босна и Херцеговина), Хрватска (Социјалдемократска партија на Далмација и дел од членството на Социјалдемократската партија на Хрватска) и Словенија, решија да ја основаат Социјалистичката работничка партија на Југославија (комунисти) – СРПЈ (к), која подоцна е преименувана во Комунистичка партија, односно Сојуз на комунистите на Југославија.

Така само неколку месеци од основањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (во декември 1918) југословенската идеја доби и партиско-политичка физиономија – додуша обоена во црвено.

Тоа беше почеток на бурната историја на организацијата која доживеа и секако одлучувачки влијаеше за достигнување на олимписките височини на борбата за правда, слобода, еднаквост, меѓународно разбирање и соработка, но и катастрофални војни, братоубиства, неправди, незадоволство и идеолошки поделби.

Веднаш по основањето, на локалните избори во март и август 1920 година СРПЈ (к) ја освои власта во Белград, Загреб, Скопје, Ниш, Осјек и други места, а на изборите за Уставотворното собрание на Кралството СХС доби 59 од вкупно 419 мандати и стана трета партија по сила. По забраната за нејзиното делување во 1921 година, партијата беше разорена од внатре-фракциски борби, репресија од режимот и надворешни притисоци добро познати на секој кој се занимава со политичка историја. Овие подеми и падови ја следеа КПЈ низ целата нејзина историја и на крајот резултираа во неславен крај натопен во крв. Војните кои се водеа на територија на поранешна СФРЈ во деведесеттите години – криминални и експанзионистички до срж – се директна последица на неспособноста на комунистичките лидери да се издигнат над ниските лични интереси и земјата да ја поведат во со векови очекуваното придружување кон семејството на слободни и демократски народи и држави.

Освојувајќи ја власта во нешто што според многу независни набљудувачи се смета за автентичен спој на ослободителна борба и социјалистичка револуција, југословенските комунисти по 1945 година, а особено по расчистувањето со Сталин во 1948 година, започнаа опсежен подвиг за модернизација и еманципација кој од заостанатата и од војна разорена земја, направи релативно развиена држава која во меѓународни рамки уживаше голем углед и почит. Имено, неспорен е фактот дека југсловенските комунисти беа единствената сила која ги порази двете најголеми зла на дваесеттиот век: и Хитлер и Сталин.

Длабоки се корените за пропаст на југословенската идеа. За потребите на овој текст ќе наведам неколку, според мене, најважните:

- Општествата на просторот на поранешна Југославија до ден денес не ги почуствувале благодетите на европското просветителство и рационализам, што резултираше во болно отсуство на демократските традиции;

- Незрелите елити или подобро речено само "елити“ кои манипулираа со етничките разлики во потенцијалните конфликти наместо да се посветат на изградба на демократски институции и почитување на правилата карактеристични за функционални држави;

- Доминација на колективизмот (државата, нацијата, партијата, работничката класа) над слободниот еманципиран поединец;

- Помалку или повеќе свесна замена на тезите во која релативните слободи (патување, работничко самоуправување) се сметаат за демократија во која во прв ред ја користешр интелектуалната елита, што всушност и не беше тешко во споредба со останатите земји водени од комунисти;

- Неефикасни и партиски подредени инстутуции кои требало да доведат до функционална демократија, владеење на правото, слобода на медиумите и независно судство. Таканаречената „партиска држава" (партитократија) која ја „патентираа“ југословенските комунисти и денеска е болест од која страдаат речиси сите поранешни републики.

Поради сето ова наведено не беше воопшто тешко да се направи систем во кој власта е централизирана и отелотворена во личноста на еден поединец – Тито. Уверен во сопствената непогрешливост Тито не трпеше приговори, особено не критики, и се опкружи со интелектуално, политички и морално инфериорни послушници кои само го чекаа неговото заминување за да станат шерифи во своите етнички омеѓени феуди.

Критика и отпор имаше и за време на Титовото владеење. Да се потсетиме на Милован Ѓилас и неговиот обид со „Новата класа" и дисидентско делување да укаже дека во југословенскиот социјализам не постојат само "објективни околности" туку и "субјективни слабости". Случајот на Ѓилас е само еден пример за употреба на апаратот за репресија за да се оневозможи секој кој би укажал на недостаток од демократија вперувајќи го прстот кон владеачкиот режим.

Отпор имаше и на другата страна: конфликтот со Сталин доведе до невиден бран на репресија врз неистомислениците. Донекаде разбирливата и оправдана одбрана на државата од заканувачкиот советски напад се претвори во монструозен злосторнички систем од концентрациони логори како што беше озогласениот логор на Голи оток.

Тука треба да се спомене и прогонот на критички настроените интелектуалци собрани околу магазинот „Праксис“ кои во 1975 година по директен налог на партискиот врв беа отпуштени од Универзитетот во Белград. Мора да се каже и дека некои од нив подоцна станаа фанатични следбеници на злосторничката група околу Слободан Милошевиќ и идеолози на хистеричната големосрпска политика.

Бурната историја на КПЈ/СКК можеби е најдобра потврда на тезата дека во случајот на Југославија како заедница на сродни народи со слично минато станува збор за епохален „проект“ кој особено во последните години од неговото постоење им беше доверен на алчни, незрели, неспособни и властољубиви „елити“, или поточно узурпиран од нив во недостаток на демократски механизам. Сето ова водеше директно во крвавите војни од деведесеттите години од минатиот век, чии креатори и ороводци во многу од новонастанатите државички и денес се на врвот на пирамидата за носење одлуки.


 

 

DW.COM

Реклама