100 години БМВ
Од своето формирање пред 100 години, БМВ од средно-голем производител на авионски мотори прерасна во една од најпознатите светски автомобилски марки. Во меѓувреме, да се вози БМВ стана работа на престиж.
Симболика
Бело-синото лого кое ја краси хаубата на секое возило е симбол на компанијата уште од нејзиниот почеток пред 100 години. На 7 март 1916 година беше основана Bayerische Flugzeugwerke (Баварската фабрика за авиони). Подоцна, беше преименувана во Bayerische Motorenwerke (Баварска фабрика за мотори), но логото со пропелерот остана.
Мотори
Есента 1923 година, БМВ го претстави својот прв мотоцикл, наречен Р32. Успешното претставување на саемот во Берлин беше проследено со масовна продажба и одлични перформанси. Тие успеси покажаа дека БМВ може да постигне далеку повеќе од производство на авионски мотори. До денес, комбинацијата на боксер моторот со два цилиндри и погонското вратило се клучни во дизајнот на мотоциклите на БМВ.
Првата „тројка“
Во 1928 година, БМВ презема една фабрика за возила во Ајзенах. Прво беше преземено производството на постојниот автомобил, по англиска лиценца, а подоцна и сопствени возила. Во 1932-ра беше родена 303-та, првиот автомобил од сопствено производство. Тоа беа и првите автомобили кои имаа бубрежен изглед на предницата на моторот.
Воздушни сили
БМВ започна како изведувач за воени потреби. Во Првата и Втората светска војна, во најголем дел произведуваше мотори за германските воздухопловни сили. За време на Втората светска војна фирмата експлоатирала околу 25 илјади принудни работници и затвореници од концентрационите логори. Подоцна, компанијата се извини за своето мрачно минато и исплаќаше компензација.
Барокниот ангел
По завршувањето на војната во 1945, БМВ ја загуби својата фабрика во Ајзенах која остана во советската зона. Во Минхен, каде дотогаш компанијата никогаш не произведувала автомобили, БМВ започна со монтажа на мотоцикли. Беше претставен и новиот модел, „501“, кој го доби прекарот „Барокниот ангел“ поради својот изглед.
Минијатура
Производството на големи возила беше толку скапо за БМВ што фирмата имаше загуба од 4.000 германски марки на секој поединечен модел. Дури и компактната Исета, лиценцирана преку италијанската фирма Исо Риволта, не можеше да помогне во избегнување на влошената финансиска состојба.
Наследници
Во 1959-та БМВ се соочуваше со банкрот и преземање од Дајмлер. Во последен момент, индустријалецот Херберт Квант ја презема фирмата и започна целосна реорганизација, на тој начин спасувајќи ја. Неговите наследници, братот и сестрата Штефан Квант и Сузане Клатен (на фотографијата со нивната мајка), заедно поседуваат 47 проценти од акциите на БМВ кои денес вредат околу 30 милијарди евра.
Нов почеток
Во 1961, компанијата конечно претстави модел од средната класа: редизајнираниот БМВ 1500. Кусо потоа, 1500 беше заменет со 1600, 1800 и на крајот 2000. Тоа беше голем успех. Големото враќање на БМВ беше комплетирано по претставувањето на моделите „02“ со две врати: 1602, 1802, 2002 и 2002ti/tii.
Сите добри нешта доаѓаат во „тројка“
Најдобро продаваниот модел на БМВ е серијата 3, која беше лансирана во 1975. Шест години подоцна од лентата беше симнат и милионитиот модел. До 2012, серијата стигна до својата шеста генерација. Седмата е планирана за 2018. Речиси секое четврто возило кое го произведува БМВ припаѓа на серијата 3.
Централа
Во 1973, БМВ ја претстави својата нова централа, зграда која се нарекува „четири цилиндри“. Денес, објектот е симбол на баварската престолнина. Во 70-те и 80-те, БМВ стана еден од најбрзо растечките производители во светот. Денес компанијата има 25 фабрики во 14 земји и вработува 100 илјади луѓе.
Мини
Во рамките на својата експанзија, БМВ во 1994 го купи британскиот Ровер, и го продаде со загуба шест години подоцна. Само брендот Мини ја преживеа лошата купопродажба, и доживеа ривајвал од 2001 наваму. Од 2003, БМВ произведува и луксузни возила од типот „Ролс- Ројс“ во своите фабрики.
Електрични возила
Во сегментот на електричните автомобили, БМВ е пред конкуренцијата со моделот i3 како и со каросериите од карбонски влакна. Големите градови како Пекинг, Лондон или Осло сѐ повеќе се вртат кон вакви возила. По скандалот со Фолксваген и дизелите веќе не се на цена. Тоа му одговара на БМВ, кој ја зголемува својата флота е-возила.
БМВ - кратенка која во меѓувреме стана светски позната. Баварскиот производител на мотори (БМВ), денес официјално го носи името „БМВ груп“ и е меѓу најуспешните автоконцерни во светот. БМВ денес има производствени капацитети во 14 земји. Нема дилема дека она што започна на 7 март 1916 година со основањето на фабриката за авионски мотори, стана успешна приказна. Дури може да се каже и - една типична германска успешна приказна.