Џуџето од Кичево стана џинот на ВМРО ДПМНЕ | Северна Македонија | DW | 25.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Џуџето од Кичево стана џинот на ВМРО ДПМНЕ

Антониjо Милошоски се искачи на врвот на главните адути на ВМРО ДПМНЕ во предизборната кампања. Обвинет за нарачана лустрација на невин човек е гласноговорник за владеење на правото. Пишува Ерол Ризаов

Предизборната кампања официјално и според законот не е почната, но таа трешти и удира по сите сетила на луѓето. По многу најави и анализи  овојпат, судејќи според утрото, пропагандата ќе не` мава најсилно и највалкано во изминатите 14 години откако е воведен предизборниот пресинг во перманентна жестока  војна за власт. Главен јунак во оваа фаза на предизборието  е Антонијо Милошоски, кој изби во врвот на најсилните вмровски предизборни  адути.

Ете и тоа е можно, џуџето од Кичево да стане џинот на ВМРО ДПМНЕ. Компромитиран политичар,  обвинет за нарачана лустрација на невин човек заради  незаконска имотна корист е гласноговорникот за владеење на правото и за одбрана на националните интереси.  Милошоски, кој е синоним на најголемата навреда, јавно искажана кон творецот на македонскиот литературен јазик,  нашиот  великан, се`народен мислител,  научник и творец Блаже Конески.  Може ли Македонија да го заборави овој срам што го приреди Милошоски своерачно напишан и потпишан во колумна во која  Конески  го нарече џуџето од Небрегово и уште дузина гадости? 

Без срам и перде

Може ли Милошоски  по ова без срам и перде  да ги брани македонските национални интереси и да не` спасува од криминалци? Има ли уште  наивни кои можат да поверуваат во вакво нешто? Никогаш тој  безумен  чин не сум го сметал само за навреда на Конески, туку пред сѐ за навреда на Македонија и на сите граѓани што живеат во Македонија и почитувачи на делото на Конески во светот. Лустрираната пак пречка на Милошоски за незаконско стекнување на имот почина  од болка и јадови за направената клевета и  неправда.

Дури и најголемите радикали  и шовинисти ја завршуваат својата политичка кариера истиот миг кога ќе искажат  вакви подлости за национални дејци кои ја задолжиле повеќе татковината од сите  тие национал патриотски политичари заедно. Отстранувањето  од политиката на Милошоски со јавно извинување требаше да уследи од самиот партиски врв на ВМРО ДПМНЕ. Но, очигледно таквите удари врз националното достоинство за кое толку многу врескаат во револуционерната партија  се дел од стратегијата на ВМРО ДПМНЕ која  никогаш не се огради ниту од лустрацијата на писателот и творец  што го напиша првиот роман на македонски јазик, Славко Јаневски, ниту од навредите врз Коста Рацин, основачот на современата македонска литература, ниту од навредите и срамната лустрација без право на одбрана  на плејада македонски дејци, како што не се огради и не ги отстрани криминалците од своите редови кои се` уште се на високи партиски позиции. Нивното најавено отстранување од  изборните листи е само обичен блеф, божем станува збор за  нечујно  признавање на  нивната компромитираност и корумпираност. Не  е за верување,  тие остануваат и натаму главни претенденти за високи функции, се разбира, доколку ја освојат власта. 

Кога доброто и злото  не се разликуваат   

Научивме да живееме и работиме под стрес од наездата и притисоците  на постојани избори, најчесто предвремени. Повеќедецениските борби за власт мотивирани од омраза и делби  ја уништија суштината на парламентарната демократија која и по 30 години не стаса до  граѓаните, кои поради тоа  во својата перцепција повеќепартискиот систем сѐ повеќе го доживуваат како битки за поделба на пленот, како закана  за својата иднина и неизвесност за иднината на државата. 

Повеќе: 

Феноменот Заев

Кој ќе биде последната жртва на груевизмот

Последната офанзива за спасување на криминалците

Чулев глуми апсење на Заев

Ненормалното стана нормално и обратно, нормалното е ненормално. Тие спротивставености на доброто и злото сѐ потешко  се разликуваат од наездата на лагите. Тоа е жалниот резултат на недовршената  македонската транзиција каде луѓето се воспитуваат, се образуваат и се формираат како личности  во нездрав амбиент. Пропагандните камбани бијат најсилно за тревога секогаш  кога ќе почне да се наѕира победата на нормалноста и кога станува јасно видлива  правилната насока каде треба да оди Македонија. Токму сега сме сведоци  и жртви на една таква ѓурултија која се крева до небо за да се спречи осознавањето на вистинската цел  која е веќе извесна и на повидок.

Во ек е последниот обид да се оневозможи европската припадност на Македонија, не само географски, факт кој единствено е неспорен, туку и цивилизациски, културно, политички, економски и во секој  друг поглед.  Европските вредности се оспоруваат на перфиден затскриен начин, демек и ние сме за Европа, ама  цената која ќе ја платиме е превисока, договорите со соседите се катастрофални, отстапките и компромисите се несовладливи, готово е со Македонија. Сето тоа го прават партиските  стратези за да се спасат од правдата нивните  криминогени и компромитирани политичари. Платениците и корисните будали се вообичаениот фолклор во вакви ситуации.

Нека се јави тој  што го изгубил идентитетот

По грубото тригодишно попречување на правдата, откако не успеа озаконувањето на криминалот,  единствена можност  за спасување на криминалците е повторно освојување на власта од страна на злосторничките здруженија кои по 11 години тиранија конечно  се најдоа на обвинителна клупа и чии  судски постапки се во тек. Идејата е со казна на гласачите за склучените договори со Грција и со Бугарија и со направените отстапки  да се спречи Македонија да ги прифати европските вредности  и  критериуми за изградба на демократско општество и правна држава, кои  упорно се прикажуваат како опасност од губење на националниот идентитет, името,  јазикот, како предавство на државните интереси и човечкото достоинство иако и името Македонија  и  македонскиот јазик  и националната припадност и сите идентитетски обележја остануваат негибнати. Досега никој ниту го изгуби идентитетот, ниту националната припадност, ниту  јазикот. Напротив, направените отстапки  ги прават одржливи  договорите со соседите, со неволно признание не само на  тамошните националистички струи, туку и на опозициските политички партии и лидери кои по доаѓање на власт ја прифатија реалноста.

Што нудат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ

Во кој правец ќе оди предизборната кампања кај нас веќе е сосема видливо. Социјалдемократите и коалиционите партнери ќе сурфаат и натаму  на европскиот бран, на економските реформи, реафирмација на социјалната уставна определба на државата   и исполнување на сите услови во преговорите со ЕУ по новите построги критериуми што ги наметна Франција. Членството во НАТО, преговорите со ЕУ и владеење на правото подеднакво на сите граѓани ќе бидат нивните главни адути.

ВМРО ДПМНЕ останува на своите анахрони принципи да ја брани Македонија од Македонците, од соседите, од ЕУ и Америка, да препознава насекаде непријатели и домашни предавници , да ветува милијарди евра како инвестиции за ѕидање на потемкинови села и квазипатриотизам.

Тоа е мојата перцепција на домашната политичка сцена. А каква е перцепцијата на  јавноста во западноевропските земји и на нивните водечки и влијателни политичари, малку кој работи во Македонија. Таа претстава за Македонија и за целиот регион ни малку не е добра. Сѐ уште во нивната свест ова е забранета зона на војни, национализми, на омраза и нетрпеливост кон различните, на етнички тензии, на сиромаштија и беда, на замрсени состојби кои тешко можат да се одмрсат. Таа слика може да се поправи само со регионална соработка меѓу државите од западен Балкан и со одржливи договори за добрососедство.

Популистите во Европа кои се против проширување на ЕУ се сѐ повлијателни и помоќни, а нашите популисти  сѐ повеќе  ги оправдуваат нивните егоистични и фобични ставови. Се прашувам дали некогаш помислиле нашите големи патриоти колкава штета и` нанесуваат на Македонија кога ги хранат со несоборливи аргументи европските националисти и екстремисти. Или можеби тоа им е и целта.