Џонсон постигна нов договор за Брегзит со ЕУ | Свет | DW | 17.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Џонсон постигна нов договор за Брегзит со ЕУ

Велика Британија и ЕУ постигнаа нов договор за Брегзит, кој треба да го усвои британскиот парламент. Но, северноирската партија ДУП ги отфрла договорените решенија, исто и шефот на опозицијата, Џереми Корбин.

Поддршката на британскиот парламент за денеска постигнатиот договор за Брегзит е неизвесна, зашто северноирската Демократска унионистичка партија ги отфрла понудените решенија за царините. Шефот на опозиционата Лабуристичка партија, Џереми Корбин, ги повика пратениците во британскиот парламент да го отфрлат договорот, кого го смета за полош од оној на Тереза Меј.

Британскиот парламент мора да даде согласност за договорот за Брегзит, а малата северноирска партија ДУП има клучна улога. Корбин изјави дека новиот дил „нема да ја обедини земјата и треба да биде одбиен“. Тој смета дека е неопходен втор референдум: „Најдобар пат за регулирање на Брегзит се состои во тоа последниот збор да му биде даден на народот“. Британскиот парламент треба да расправа за Брегзит в сабота.

ЕУ и Велика Британија денеска се согласија на нов договор за  Брегзит.  „Таму каде постои желба, има и договор, а ние веќе го имаме“, напиша претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска на Твитер. Тој им предлага на шефовите на држави или влади на самитот на ЕУ,  кој се одржува денеска и утре, да го прифатат новиот договор. Британскиот премиер  Борис Џонсон  смета дека постигнатиот нов договор е „величествен“ и го уверил Јункер во телефонски разговор дека „има доверба во своите способности да го убеди мнозинството во Долниот дом на британскиот парламент“, како што пренесе ЕУ-преговарачот за Брегзит, Мишел Барние денеска пред новинарите.

Британскиот Долен дом веќе трипати го отфрли претходно постигнатиот договор меѓу поранешната премиерка Тереза Меј со ЕУ. Борис Џонсон веќе нема сопствено мнозинство во парламентот.

Според новото решение, британската провинција Северна Ирска во основа останува во царинска унија со Велика Британија, но кај производите надвор од Европа, кои можат да стигнат и во ЕУ, британските власти ќе воведат ЕУ-царини, соопшти Барние. Северна Ирска освен тоа и натаму би ги применувала правилата на внатрешниот пазар на ЕУ за да избегне гранични контроли кон ЕУ-членката Ирска. Со тоа се менува првичниот план кој во краен случај предвидуваше целата Велика Британија да остане во царинска унија со ЕУ. Според и досега планираното, Велика Британија, без оглед што ќе ја напушти ЕУ на 31. октомври, ќе се збогува од европската царинска унија и внатрешниот пазар на ЕУ дури по преодна фаза најрано до крајот на 2020 година. Во оваа фаза двете страни треба да постигнат договор за слободна трговија. Барние смета дека ова е „фер и разумен“ договор.

 

DW.COM

Реклама