Ќе успее ли да се одржи владината коалиција во Германија? | Свет | DW | 20.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ќе успее ли да се одржи владината коалиција во Германија?

Наесен ЦДУ/ЦСУ и СПД треба да направат биланс на сработеното во првата половина од мандатот на владата. Една студија покажува дека работата на владејачката коалиција е многу подобра од нејзиниот углед.

Кај  германските Социјалдемократи  веќе со месеци ретко можат да се видат радосни лица, ги мачи неизвесноста – кој ќе ја води партијата во иднина и во кој правец? Дали Социјалдемократите ќе останат во владата со ЦДУ и ЦСУ до идните избори за Бундестагот есента 2021 година? Или коалицијата предвреме ќе се растури, што неминовно ќе доведе до предвремени избори? 

Моментно има повеќе прашања отколку одговори, а тоа можеше да се забележи и по сериозните лица на триото кое привремено раководи со СПД – Мануела Швезиг, Малу Драјер и Торстен Шефер-Гимбел, кои вчера во Берлин зборуваа околу правењето биланс на првата половина од мандатот на големата коалиција.

Во октомври владата прво ќе направи заеднички, „технички биланс“, во кој ќе биде набројано кои од договорените проекти во Коалициониот договор се веќе обработени и каде постои потреба од дополнителен ангажман. Во втората фаза партиите треба да го интерпретираат и да дадат политичка оценка за овој биланс.

Sitzung SPD Präsidium Pressekonferenz (picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka)

Мануела Швезиг, Малу Драјер и Торстен Шефер-Гимбел

Притоа не станува збор за проценти и бројки и правење математичко-економски биланс на состојбата, истакна Шефер-Гимбел, туку во оценката сигурно ќе влезе и фактот што досегашната работа на СПД во  владатане беше многу убедлива за гласачите. И тоа без оглед што СПД успеа да реализира многу социјалдемократски идеи.

Поволен биланс

До ваков резултат дојде и студија изработена заеднички од Фондацијата Бертелсман и Научниот центар за социјални истражувања од Берлин. Според неа, Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД до крајот на јуни реализирале целосно или делумно или барем суштински се зафатиле со веќе 61 процент од нивните вкупно 296 ветувања од Коалициониот договор. Во обѕир се земени само „вистинските“ ветувања, односно оние чие исполнување е јасно проверливо. 

Тоа е резултат од кој посебно би требало да профитира СПД – 25 проценти од сите ветувања од Коалициониот договор произлегуваат од изборната програма на Социјалдемократите. Кај ЦДУ/ЦСУ процентот изнесува само 11. Во реализацијата, билансот на коалициониот договор е поизбалансиран, но и тука предничи СПД – студијата покажува дека се остварени 44 проценти од ветувањата зад кои стои Унијата, а 45 % од оние со печат на СПД. 

На крајот можат да се остварат 100 проценти

Истражувачите даваат добри оценки за работата на коалиционите партнери во владата. Роберт Феркамп од Фондацијата Бертелсман зборува за „остварување рекорден биланс“ на половината од владиниот мандат. Дотолку повеќе што владата на крајот на јуни, во моментот на завршување на студијата, веќе презеде нови зафати, на пример пакетот за станарините, кој меѓу другото предвидува продолжување на кочницата за порастот на кириите за натамошни пет години, до крајот на 2025 година. Ако владината коалиција продолжи со својата работа со сегашното темпо, до крајот на легислативниот период би можела да ги реализира речиси сите ветувања, заклучува Феркамп. 

Но, сликата кај јавноста е сепак сосема поинаква. Во рамките на студијата граѓаните се анкетирани во врска со работата на Унијата и СПД во владата. Само секој десетти бил на мислење дека ветувањата од Коалициониот договор се исполнети во голем дел. Повеќе од две третини (79%) од испрашаните дури изјавиле дека се реализирани само малку или околу половина од намерите. Феркамп констатира постоење „огромен јаз“ меѓу фактичкото и доживеаното придржување кон коалиционите ветувања, кој во текот на двете години сѐ повеќе се зголемувал.

Алармираки сигнали

Во барањето образложение, истражувачите укажуваат на тоа дека очигледно сѐ повеќе граѓани губат контакт со политичката реалност. Само уште 14 проценти го сметаат за правилен начинот на функционирањето на политиката во демократија. Имено, со правење мали чекори и потрага по компромиси. „Во машинскиот погон на нашата демократија нешто не функционира веќе како што треба“, предупредува Феркамп. Во сѐ поприсутната популистичка атмосфера се бараат само брзи успеси.

Infografik Tatsächliche Umsetzung von Wahlerversprechen von CDU/CSU und SPD DE

Која партија од германската влада реализирала повеќе ветувања

Ни научниците немаат прирака едноставни решенија. Тие им препорачуваат на политичарите подобро да го служаат гласот на избирачите и пофокусирано да им објаснуваат зошто и на каков начин ги следат своите цели и како ќе ги реализираат. Роберт Феркапм смета дека не би било правилно растурање на владината коалиција, која успешно работи, само поради лошиот глас кој го има во јавноста.

Кво вадис СПД

Тоа е мислење кое во СПД само условно го споделуваат. Во испитувањето на јавното мислење, рејтингот на партијата падна на 13 проценти. Тоа вклучува оценка за нејзината досегашна работа во владата и отвора прашања околу идниот партиски курс. „За што се залага социјалдемократијата во 21 век, како да пристапиме кон крупните теми на човештвото денес, како промена на климата, глобализацијата, демократијата и слободата, дигитализацијата?“, резимира привремениот ко-шеф на СПД, Торстен Шефер-Гимбел.

И билансот на првата половина од владиниот мандат ќе биде повлекуван од овој аспект. „Нема да ни помогне ако имаме изработено 70 проценти од проектите, но не сме сториле ништо на темата заштита на климата. Тогаш со сигурност целата јавност ќе стигне до заклучок дека не сме завршиле важен дел од работата,“ вели тој.

Одлука во декември

Едно е сигурно: за останување во владата СПД ќе одлучува на партискиот конгрес на почеток на декември. Претходно партиските органи ќе дискутираат за билансот на „владиното полувреме“. „Раководството, заедно со новиот партиски лидер или лидери ќе достави предлог до сојузниот партиски конгрес. На крајот ќе биде донесена вкупна оценка, таа нема да биде црна или бела, туку шарена и можеби во делови и прилично сива“, рече Торстен Шефер-Гимбел во Берлин.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама