Ќе падне ли владата на Кирил Петков поради Северна Македонија? | Европа | DW | 17.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Ќе падне ли владата на Кирил Петков поради Северна Македонија?

Спорот околу ветото за Северна Македонија може да ја урне бугарската влада. Како што тргнало, и во 2300 година Софија и Скопје сѐ уште ќе се расправаат чии се цар Самуил и Гоце Делчев. Пишува Емилија Милчева

Кирил Петков Димитар Ковачевски

Бугарскиот и македонскиот премиер Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје, јануари 2022 година

Темата која беше отворена во летечки старт во првите два месеци од владата на Кирил Петков, сега е во ќорсокак: укинувањето на ветото на Бугарија за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ. Тема која веќе е на прагот да стане табу за владејачката коалиција. 

На сите од двете страни на Вардар им е јасно дека ништо значајно нема да се случи до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ на 30 јуни. Бидејќи не е постигнат напредок за спорните теми, на 22 мај во Скопје нема да има заедничка седница на бугарската и македонската влада, како што беше  договорено. Дваесеттиот состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е закажан за септември - на инсистирање на Скопје. Досега постигнатото не е охрабрувачко - ниту во напредок на темите ниту во ритамот на работа. 

„Северна Македонија може да ја урне владата“ 

Аналитичари, па и политичари, гласно признаваат дека ветото за Северна Македонија може да ја урне владата во Софија. За Бугарското национално радио тоа го призна и пратеникот на БСП, Петар Канев, според кого оваа тема може да ја урне владата „ако не го послуша расположението на народот“. Несомнено, власта е свесна за расположението, бидејќи прашањето тоне сè подолу во нивната агенда и првичниот ентузијазам како да испари. Премиерот веќе не зборува за „надградба“ и „нова енергија“ во односите, туку се обидува да ги усогласи црвените линии и зеленото светло за Европската унија. „Сите Бугари знаат дека Северна Македонија мора да биде во ЕУ и дека правата на Бугарите таму мора да бидат заштитени. Ние нема да направиме ништо без Народното собрание, но кој сака сиромашен сосед надвор од ЕУ“, изјави Кирил Петков за Нова ТВ. 

Во бугарското општество нема голема поделеност по македонското прашање - за разлика од односот кон војната во Украина, каде што од една страна се оние кои сочувствуваат со Русија и режимот на Путин, од друга - оние што ги осудуваат. Мнозинството Бугари го одобруваат ветото за Скопје и сметаат дека поддршката треба да се даде само откако југозападниот сосед ќе ги исполни условите од Договорот за добрососедство. Оваа непопустливост е констатирана во бројни анкети во последната година. И иако ситуацијата не е како во 2020 година кога Бугарија стави вето и над 80% од Бугарите беа за таква цврста позиција, сега податоците покажуваат нивоа од околу 70%. А има и такви кои сметаат дека Северна Македонија треба да остане надвор од Заедницата. Таквата силна јавна опозиција може да ја скрши секоја политичка волја - и покрај повторените изјави на лидерите на „Продолжуваат промените“, „Демократска Бугарија“ и европратениците дека националниот интерес на Бугарија е Северна Македонија да влезе во ЕУ. 

Скопје и Софија пред црвена линија

Во коалиција, која и не е баш позната по својот тимски дух, нема консензус за ветото врз Северна Македонија. БСП со заби и нокти се држи до црвената линија, исто и „Има таков народ“. Претседателот на Комисијата за надворешна политика Димитар Гардев (ИТН) дури за БНТ коментираше дека „во последната година билатералните односи меѓу Бугарија и РСМ, наместо да се подобрат, нагло се влошија“, а на инсистирање на службите при нејзините посети во РСМ, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска беше под посебно обезбедување.  

Bulgarien | neue bulgarische Regierung

Иднината на владата на Петков во Софија е под прашање поради спорот со Северна Македонија

Во неодамнешната декларација во парламентот на Демократска Бугарија (ДБ), темата Северна Македонија недостасува - иако нивните поддржувачи и гласачи се меѓу оние кои го поддржуваат укинувањето на ветото. Таа повикува на „депутинизација“ и ги истакнува приоритетите во различни области, чија имплементација ќе ја гарантира поддршката на ДБ за владата. Но, ветото за  Северна Македонија не е меѓу тие приоритети. 

Коалицијата е свесна дека македонското прашање може да доведе до експлозија на незадоволство против нив, многукратно поголемо од она на превозниците, работодавачите, синдикатите и „Преродба“ заедно. Овде нема да помогне вербалната рамнотежа, ниту поддршката од опозицијата, како што се случи со „воено-техничката помош“ за Украина. А тоа би значело неизбежен и тврд пад на  власта. 

Ќе успее ли притисокот од ЕУ? 

Спорно е колку ќе успее притисокот на европските институции за промена на бугарската позиција. Во моментов продолжува долгогодишниот ќорсокак. Чешка ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ од 1 јули. Прага веќе изјави дека Западен Балкан ќе биде еден од нејзините приоритети во контекст на европското проширување. Нерешеното бугарско-македонско прашање, кое го запира и европскиот пат на Албанија, е само еден од проблемите во регионот, заедно со спорот меѓу Србија и Косово и тензиите во Црна Гора. 

Бугарија бара „конкретни чекори“ од Скопје за да го тргне ветото

На 7 април, кога пристигна во Бугарија за да го претстави одобрениот План за закрепнување и одржливост, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, потсети дека во 2020 година Европскиот совет ветил дека ќе започне преговори со Северна Македонија и Албанија. „Мораме да го одржиме ветувањето, знам дека имате сила да го направите тоа“, му порача таа на премиерот. Засега, се чини дека тој сепак нема сила за тоа. Но, истовремено и бугарскиот План за закрепнување и одржливост сè уште не е одобрен од Советот на ЕУ, со што би  започнало финансирање од речиси 12 милијарди лева (6 милијарди евра). Се очекуваше тоа да се случи на почетокот на мај, но добрите вести сѐ уште ги нема. 

Како што тргнало, и во 2300 година Софија и Скопје сѐ уште ќе се расправаат чии се цар Самуил и Гоце Делчев. Разликата е во тоа што тогаш ќе се мразат уште повеќе. 

DW.COM