Ќе има ли доволно пари за заштитната обвивка за Чернобил? | Економија | DW | 16.10.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Ќе има ли доволно пари за заштитната обвивка за Чернобил?

Атомскиот реактор во Чернобил полека рѓосува - темпирана бомба. Во моментов се работи на нова заштитна обвивка за него. Но, проектот има големи финансиски проблеми. Се заканува прекин на работите.

„За такво нешто нема пример во светот“, рече Јохен Фласбарт, државен секретар во германското Министерство за животна средина. „Се разбира постојат неизвесности“. Тој мисли на новата заштитна обвивка, која треба да се постави над хаварисаниот реактор во атомската централа во Чернобил во Украина: 100 метри висока и преку 165 метри долга обвивка за атомската руина, која сѐ уште зрачи.

Обвивката би требало да се навлече над реакторот преку шини. На крајот конструкцијата треба да биде три пати поголема од катедралата Свети Петар во Рим - доколку биде изработена до крај. Во моментов имено нема пари. Тоа е „неизвесноста“ на која мисли Фласбарт.

До крајот на годината недостасуваат 600 милиони евра. Изграбата е поскапа, отколку што се мислеше на почетокот и ако парите не се соберат се заканува прекин на работите.

Пари за обвивката

Фласбарт, одговорен за енергетските прашања, овој месец има намера да разговара на оваа тема со колегите од Г7-групата за нуклеарни прашања. Г8, тогаш заедно со Русија, уште пред повеќе години и‘ ветија на Украина дека ќе ѝ помогнат при градењето на заштитната обвивка. Сега се потребни пари.

Tschernobyl Sperrzone Archivbild 2011

Околината на Чернобил сѐ уште е загадена

Пред повеќе од 28 години, во април 1986 година, во денешна Украина се случи атомска катастрофа во атомската централа Чернобил. 4000 луѓе, проценува Меѓународната агенција за атомска енергија, оттогаш починаа од последиците од Чернобил. Според други проценки, се зборува за преку 100.000 мртви.

Целокупната штета внимателно се проценува на 180 милијарди американски долари. Но, пред сѐ областа околу хаварисаниот реактор сѐ уште е високо озрачена, бетонскиот мантил кој беше поставен по несреќата одамна е напукнат.

Се работи со години

Затоа еден француски конзорциум со години работи на новата заштитна обвивка. Еден дел е готов, на вториот се работи. Во меѓувреме стариот реaктор се распаѓа - со неговиот инвентар од 200 тони високоозрачен материјал, вклучително и уништените нуклеарни прачки.

Bilder Reportage aus Tschernobyl Juni 2013

За да се заврши изградбата ќе бидат потребни уште четири-пет години

Дури откако ќе биде готова новата заштита, може да се започне со отстранување на озрачениот материјал. Дотогаш ќе минат повеќе од 30 години од несреќата. Оти веќе никој не верува дека конзорциумот ќе ја заврши работата според планираното - идната година. Фласбарт подвлекува дека според проценките работите ќе треба да бидат завршени во наредните четири до пет години.

„Солидарност со Украина“

„Не може да се дозволи поради недoстиг на пари да не се спроведат важни работи“, вели експертот за атомска енергија од Зелените Силвија Котинг-Ул. Од Г7-државите, САД, Германија, Канада и Италија се подготвени да дадат повеќе пари, но Велика Британија, Јапонија и Франција се воздржани.

Германија досега одобри 80 милиони евра за заштитната обвивка, за оваа и за наредната година во буџетот се предвидени по 7,65 милиони евра. На сите кои учествуваат им е јасно дека тоа не е доволно. На помошта од Русија меѓутоа - и тоа е сигурно - Г7-државите не можат да сметаат. Тоа е последица од руско-украинскиот конфликт.

За заштитниците на животната средина од тоа произлегува обврска за западните држави. „Овие земји можат и мораат да предничат. Токму во оваа тешка политичка ситуација е посебно важна солидарноста со Украина“, вели Тобијас Минхмајер, експерт за атомска енергија од Гринпис за ДВ.

Но, има уште еден проблем. Во моментов е тешко кај владите на Г7-државите воопшто да се привлече внимание за темата Чернобил, со оглед на големината на актуелните кризи како епидемијaта со ебола во Африка и војните во Сирија и во Украина.