1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
EU-Parlament Abstimmung über Banken Konten und Alternativkraftstoffe Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ќе излезат ли милијардите од под перница?

Костадин Делимитов
23 јануари 2019

Платниот промет во кеш до 1000 евра е чекор напред во сузбивањето на сивата економија. За целосните ефекти сепак ќе бидат потребни две до три години, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/3BEQS

Нов автомобил во кеш од автосалон во Македонија веќе извесен период не може да се купи. Од пред неколку денови, ова станува тешка мисија и за половен. Или барем за оној што сака да купи на сигурно и повредно од 1.000 евра. Оваа сума од 1 јануари годинава е максималната која граѓаните можат да ја плаќаат или примаат во готово. Сѐ што е над неа ќе мора да помине преку банкарска сметка. Или, во готово отсега може да се купи телевизор и некое парче бела техника. За оваа новина, дел од граѓаните велат дека не биле запознати:

„1.000 евра максимум во кеш? Па јас не сум купил досега ништо во таа вредност. Знам дека има некоја новина, ама точно што, искрено не сум запознат. Но добро е ако се прави нешто за да се стави крај на сивава економија“; „Дај боже да имам повеќе и нема да ми е проблем дали ќе купувам во кеш или преку сметка“, коментираат двајца повозрасни жители на Скопје, кои ги сретнавме пред еден од маркетите.

За разлика од граѓаните, трговците се запознати со измените и веќе ги применуваат:

„Знаеме и веќе го применуваме новото правило. Но досега немало потреба да укажеме на него бидејќи деновиве од кога е стапена во сила промената не паметам некој да дошол да купи во кеш нешто поскапо од 1.000 евра. А и да дојде и да посака, секако дека ќе му укажеме дека тоа не е дозволено“, коментира вработен во еден од маркетите во кои се продава бела техника. 

Ноото правило е дел од одредбата на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам кој стапи во сила лани во јуни. Со него прагот за дозволеното плаќање во готовина  од 15.000 евра се симна на 2.000. Сега веќе е двојно понизок, а веќе од од јуни граѓаните ќе можат да купуваат стоки и услуги во готово максимум до 500 евра. Ваквото ограничување, според надлежните, има за цел намалување на сивата економија и зголемување на електронското плаќање:

„Со измените во законското решение плаќањето во кеш се лимитира и практично се ограничува и тоа е добро бидејќи тоа значи дека државата ќе има многу поголема контрола“, смета министерот за финансии Драган Тевдовски.

Повеќе: Плаќањето во готово наскоро ќе исчезне?

Надвор од системот околу три милијарди евра

За експертската јавност идејата е добра, но чекорите малку избрзани: 

„Оваа мерка има предности, но има и мани. Предностите се што дефинитивно таа ја елиминира сивата економија. Додека пак маните се што сѐ уште нема институционална подготвеност. Односно, ова треба да оди преку паралелен процес на истиснување на готовината од оптек со воведување на дигитални картички и начини на плаќање. Мислам дека требаше да се направи еден покомплексен пристап. Иако трендот е тој, парите во готовина ќе исчезнуваат и тоа е факт“, смета Павел Гацов, даночен експерт.

Geldscheine unter der Matratze
Проценките се дека дома сѐ уште се чуваат уште најмалку три милијарди евраФотографија: Colourbox/E. Wodicka

Спуштањето на прагот се случува во период кога довербата во банките расте. Така барем покажуваат податоците од Народната банка, според кои депозитите на граѓаните достигнале 4 милијарди евра. Сепак, добар дел од граѓаните сѐ уште ѝ веруваат на старата добра „перница“. Проценките се дека дома сѐ уште се чуваат уште најмалку две третини од оваа сума. Точниот износ не може никој да го прецизира, но фактот дека добар дел од граѓаните сѐ уште не им веруваат на банките оди во прилог на претпоставките дека надвор од системот лежат околу 3 милијарди евра. Ако на оваа сума се додадат и т.н. црни пари од разни полулегални или нелегални дејности, тогаш оаа сума е неколкукратно повисока.

Повеќе: Збогум за банкнотата од 500 евра - почеток на укинување на готовината?

Електронско плаќање не се нуди секаде

Новите правила, според експертите, дефинитино дека ќе предизвикаат промени и во овој дел. Но, предупредуваат дека брзи резултати не треба да се очекуваат:

„Полека полека да, парите од под перница ќе мора да ги вадат и тие да станат дел од банкарскиот промет. Но, од друга страна, тие што се надвор од системот ќе си течат и натаму надвор од системот. Тој што ќе си има готови пари на терен можеби со тоа што нема да плати данок на додадена вредност или други давачки ќе може да користи поевтини услуги и процеси. Тоа е процес кој ќе трае две до три години, бидејќи готовината не може веднаш да се повлече. Тоа е постепен процес и тие што ќе ја имаат готовината во себе веројатно ќе доаѓаат и до поевтини производи и услуги, затоа што де факто тоа би било промет на црно, освен ако не се уплатува и пак не се плаќа со фискални сметки и други легални механизми“, коментира Павел Гацов.

Kreditkarte
Има трговски објекти кои сѐ уште не нудат можност за електронско плаќање, а неретко е така и во државните институцииФотографија: picture-alliance/dpa

Но, не е предизвикот само за граѓаните, туку и кај институциите кои ќе треба да воведат ред кај добар дел од трговците. Иако е законска обврска, повеќе трговски објекти сѐ уште не нудат можност за електронско плаќање. Неретко и во државните институции. Надлежните уверуваат дека добар дел од јавните институции веќе работат на надминување на ваквите состојби.

Со стариот закон лимитот за готовинско плаќање изнесуваше 15.000 евра. Освен за физичките, забраната за плаќања во готово над максималниот праг од 1.000 евра важи и за правните лица. Примената на оваа законска забрана, која се прави за да се намали сивата економија во земјата, ќе ја контролира Управата за јавни приходи.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница