Ќе заминат ли хартиените учебници во историјата? | Северна Македонија | DW | 19.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ќе заминат ли хартиените учебници во историјата?

Во план е учениците од четврто до деветто одделение и средношколците во иднина да имаат електронски учебници.

Учениците од четврто до деветто одделение и средношколците ќе имаат електронски учебници и материјали, додека од прво до трето одделение се уште ќе се користат хартиените учебници. Ова е предвидено со измените во Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали кои минатата недела ги усвои Владата. Станува збор за дел од реформите на националниот образовен систем, коишто ги најави министерката за образование, Мила Царовска. Дел од професорите ги одобруваат планираните реформи, други со резерва гледаат кон новините и стравуваат дека на овој начин се заробуваат децата, кои и онака поминуваат премногу време пред компјутерите.

-повеќе на темата: Реформите во образованието ја разбрануваа јавноста

Од Министерството за образование и наука велат дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник. „Воспоставувањето на систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и С. Македонија“, информира МОН. 

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview

Според министерката за образование, Мила Царовска целта е да се надмине константниот проблем на недостиг на учебници кој се провлекува со години.

Идејата е по секој предмет да се користат најмногу до три учебници, што ќе ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења. Од таму додават дека дигитализацијата ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедијални содржини –  филмови, анимации, видео прикази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година.

-повеќе на темата: Мила Царовска за ДВ: Најголем патриотизам е да обезбедиш квалитетно образование за следните генерации

„Може да земеме со резерва дека е чекор напред, мислам дека треба можеби да се подразмисли малку и да се направи анализа дали сме подготвени за такво нешто, дали сите деца би имале пристап. Генерално ми се допаѓа идејата, но треба да се биде многу внимателен. Можеби една опција би било да има резервни учебници во хартиена форма“, изјави во Утрински брифинг професорката Елизабета Секирарска и додава дека многу треба да се обрне внимание на содржинскиот дел на самите учебници.

Сега само 40 отсто од сите учебници се достапни во електронска верзија. Од септември во план е дигиталните материјали да доминираат. Но, наставниците ќе можат да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, исто како што и училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници. Материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, како и за оние и со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудио формат.

Ваквите измени ги најави министерката за образование Мила Царовска уште минатата година. Тогаш таа образложи дека при секоја следна набавка на учебници и лектири, кои се користат во образовниот процес, во договорите ќе се вметне и клаузулата за електронско издание кое ќе им биде достапно на учениците, пред сѐ за да се надмине константниот проблем на недостиг на учебници кој се провлекува со години.