Ќе заздрави ли економијата целосно во 2019? | Економија | DW | 01.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Ќе заздрави ли економијата целосно во 2019?

Македонската економија годинава почна да закрепнува, дали наредната целосно ќе заздрави? Прогнозите за 2019 се оптимистички, но колку и реално остварливи?

Политички турбулентна, економски стресна. По катастрофално лошата 2017 година, економијата во 2018 се одлепи од дното, но повторно испорача потпросечни резултати. Брутодомашниот производ почна да расте, невработеноста се намали, платите се зголемија, но реално - живеачката не поевтини:

„Платата ми порасна, ама живеачката далеку дека ми стана подобра. Цениве од ден на ден растат, а стандардот ни останува никаков. Би рекол, статистички е подобро, ама реално секојдневието тоа не го потврдува“, коментира 43-годишниот Душко од Скопје, сопруг и татко на две деца.

Граѓаните се жалат дека тешко се живее, дури и со просечна плата која надмина 24.000 денари. Сакаат да веруваат на ветувањата дека ќе биде подобро, но се сомневаат дека политиката ќе ѝ даде простор на економијата:

„Ако имавме политичари на кои ќе им беа поважни граѓаните отколку политиката, можеби веќе ќе ни беше осетно подобро. Вака, останува горчливо чувството дека можевме, ама не направивме повеќе, или барем не доволно. Сакам да сум оптимист дека догодина работите ќе тргнат кон подобро, ама не сум сигурна колку тоа реално сме способни и да го оствариме. Но, ајде да се потрудиме сите“, смета студентката Бојана.

Платите пораснаа за 5,7%

Ако 2018-та беше во знакот на политичките тензии, 2019-та, според Владата, ќе биде година на економијата. Во таа насока е и рекордно тешкиот буџет од 3,7 милијарди евра, кој, според Владата, треба да обезбеди подобар и поквалитетен живот за граѓаните, но и за стопанството:

„Во Буџетот за 2019 година предвидени се покачување на платите во здравството, образованието, најмногу средства досега за активните мерки за вработување, повеќе средства за поддршка на претпријатијата, средства за крупни инфраструктурни проекти. Наредната година очекувам резултати од реформите преземени во 2018 година, односно платите да продолжат да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво“, смета министерот за финансии Драган Тевдовски.

Јавниот долг се намали

Статистиката пресмета дека платите се зголемија за 5,7%, а се отворија и 14 илјади нови работни места. По подолг период јавниот долг е ставен под контрола и благо е намален:

„Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8%, денес тој изнесува 48,2%. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава издадовме 30 годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега, со историски најниска каматна стапка од 2,75%. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг", рече Тевдовски.

Капиталните инестиции разочараа

Но капиталните инестиции потфрлија - и тоа сериозно. Дури и со ребаланс на буџетот, тие не се ниту половина од проектираното за 2018-та:

„Можеше да има повисока реализација и тоа би рекол дека е слабост, не можам да издвојам поединечно некој проект како промашен, но генерално тоа би го ставил како слабост“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Опозицијата ја критикува Владата за неспособност и водење погубни економски политики кои, според нив, давале негативни резултати: 

„Власта им ја честита Новата Година на граѓаните со голем број на нови давачки, со стагнација на економијата и системот во глобала. Пари има, ама работа нема. Овој историски најнизок процент на реализација на капитални инвестиции значи дека владата и министерствата не работат ништо. И ова е одговорот на прашањето зошто за година и пол владеење оваа влада нема ниту еден свој капитален проект кој го реализира, нема изградено ништо, затоа што нема сработено ништо“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

Повеќе: 

Пазарот се либерализира, струјата не поскапува!

Предпразнично 83.000 граѓани со блокирани сметки

Буџетот е рекорден, но колку реално и остварлив!?

Тешка година за стопанството

За фирмите 2018-та беше тешка и тоа не само поради политичката криза. Стопанството и натаму е жедно за поволни извори на финансирање, но и квалификувана работна сила:

 „Дефинитивно најограничувачки фактор за развој на нашата економија е недостатокот на калификуван кадар. Треба поголемо внимание на стручното образование и продуцирање кадри кои што реално недостасуваат на пазарот на труд“, сметаат од Стопанската комора на Македонија.

Најголемата бизнис асоцијација во државата е сепак задоволна што политиката конечно почна да ги слуша нивните потреби. Периодов тие имаа редовни средби со власта, но и со опозицијата, на кои им ги презентираа своите приоритети. Бизнисот побара јавно-приватно партнерство, поволен демократски амбиент, предвидливост. За побрз развој на економијата предложија Владата да ги поддржува и да ги помага оние фирми кои се подготвени да го зголемат растот:

„Треба да се инвестира и државата да им помогне на оние кои се оспособени најбрзо да испорачаат работни места и инвестициска активност, ако сакаме да добиеме сите. Веќе имаме консензус за самостојноста на монетарната политика, а добро е што она што го договоривме на советувањето со присуство на Владата, МАНУ и Народната банка во Охрид за реиндустријализацијата и извозот го прифати и опозицијата “, рече првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески.

Прогресивното оданочување проблем за фирмите

Но владата не обезбеди консензус за сите прашања. Со даночната реформа која стапува во сила од денеска, Македонија веќе нема да биде економија со рамен данок. Зголемувањето на персоналецот, данокот на добивка и придонесите за пензиско осигурување предизвика реакции на домашните бизнисмени, но и на странските инвеститори: 

„Македонија како дестинација за странските инвеститори, главно е конкурентна со предвидливоста, долгорочното планирање, правната сигурност. Со новиот закон се одалечуваме од фиксна стапка на рамниот данок, а со тоа не само што се зголемуваат трошоците за компаниите, туку првично се создава несигурност кај стопанствениците. Рамниот данок во изминатите години се докажа како значаен фактор за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори. Голем број германски компании инвестираа во Македонија. Покрај тоа, не е добро за една земја постојано да ја менува својата даночна политика“, реагира Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Прогресивното оданочување сепак не е греда за продлабочување на економските врски помеѓу Македонија и Германија. Главниот трговски партнер на Македонија станува и главен економски поддржувач. На германска иницијатива во ноември се формираше Мешовитиот управувачки комитет помеѓу Владите на двете земји кој има за цел интензивирање на соработката на двете земји на економско поле. Со германски искуства, совети и финансиска поддршка ќе се зголемува соработката во индустриското производство, изградба на инфраструктурата, но и ќе се реформира образованието во насока на создавање кадри за потребите на странските и домашните компании. 

Потрошувачката дигател на растот

За разлика од 2017 година, кога економијата безмалку стагнираше, односно оствари раст од 0,2%, во 2018. бројките се поинакви. Првиот квартал заврши со 0,9%, вториот и третиот со по идентични 3% раст на БДП. Владата е оптимист дека годината ќе заврши со 2,8% економски раст, односно 0,4% помалку од првичната прогноза која беше корегирана со ребалансот на буџетот. За разлика од претходните години, растот сега не го движи градежништото, туку личната потрошувачка, паралелно со извозот и преработувачкиот сектор.

Еден од главните фактори кои влијаеја на зголемување на личната потрошувачка, а со тоа и на растот е зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари која ја добиваат над 80.000 работници. Синдикатите изразија задоволство од владината мерка, но реагираат дека таа не повлече зголемување на платите и кај останатите вработени. Владата пак е задоволна што се отворила спиралата и очекува таа да повлече натамошни позитивни поместувања.

Mazedonien Preise Vergleich (DW/K. Delimitov)

Растот сега не го движи градежништото, туку личната потрошувачка

Рекорден буџет за 2019

Позитивни поместувања се очекуваат и за оваа година, за која владата скрои рекордно тежок буџет од 3,7 милијарди евра. Буџетот, според најавите, треба да обезбеди повеќе пари и подобар живот за граѓаните. Не само за јавната администрација, за која и годинава ќе има повеќе пари за плати, туку и за социјалните трансфери, кои треба значително да влијаат на намалување на сиромаштијата и подобрување на условите на пазарот на труд. 36 милиони евра се планираат во делот за социјалната реформа. Ќе се одвојуваат средства за детски и образовен додаток за семејствата со минимална плата, а повеќе од трипати ќе се зголеми и социјалната помош. Повеќе средства се предвидуваат за субвенции кај земјоделците, вклучително и за одамна најавената зелена нафта.

Вкупните приходи во државната каса за 2019 година се проектирани на 3,4 милијарди евра, а вкупните расходи на 3,7 милијарди евра. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 отсто. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти, односно 288 милиони евра, што претставува намалување за 500 милиони денари помалку во однос на годинава. Во 2019 ќе продолжи и задолжувањето. За нови кредити ќе се потрошат 556 милиони евра, а ќе се вратат 268 милиони евра. Владата прогнозира економски раст од 3,2%. Народната банка пак, е поголем оптимист и смета дека македонската економија има капацитет догодина да оствари раст од 3,5%.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама