Ќе го издаде ли Трамп Западот? | Свет | DW | 16.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ќе го издаде ли Трамп Западот?

Што сакаат да постигнат Доналд Трамп и Владимир Путин? Дури и пред самитот во Хелсинки јасно е дека американскиот претседател на олтарот на својата суета може да ја жртвува целата западна Алијанса, смета Кристијан Трипе

Доналд Трамп сака да разговара со Владимир Путин во четири очи. Само тие двајца и по еден преведувач. На состанокот нема да има политички советници, ниту луѓе од протоколот. Така сака Белата Куќа и со тоа го крши основниот принцип на ваквите самити, кој е повеќе од обична навика. Со тоа Трамп ја поттикнува недовербата и длабоките стравови меѓу оние кои себеси се сметаат загрозени од страна на Русија и кои се сомневаат во помошта која им ја гарантира западната алијанса.
Трамп и Путин се слични луѓе. Обајцата себеси се гледаат како „силни мажи“ во хаотичниот свет, а заедниците кои ги предводат, и двајцата ги сметаат првенствено за моќни држави. Путин одамна се стилизираше како лидер на оние политички сили кои се јасно антилиберални. Трамп, од друга страна, сака да игра улога на уништувач на оние либерални институции кои на светот му донесоа ред по епохалните пресвртници во 1945 и 1990 година.
И двајцата во повеќе наврати даваа до знаење дека се воодушевуваат еден на друг, и покрај судирот на интереси. Тоа не е добро за состанокот во Хелсинки, бидејќи хоризонтите на очекувањата се премногу различни. Како и многупати досега, Американецот бара медиумско внимание, средба на големата сцена, тапкање по рамо- сака да го шокира светот. А своите политички цели- доколку воопшто ги има- Трамп ги држи во тајност.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin (DW/B. Geilert)

Кристијан Трипе


Но Русинот, има обемна програма. Путин сака непречено да учествува во сириската граѓанска војна. Тој сака да има одврзани раце во Украина, која ја гледа како руска зона на влијание и на која ѝ признава само ограничен суверенитет. И на крајот, тој бара од Западот да ја признае окупацијата на украински Крим пред четири години како повторно обединување со Русија. ЕУ и САД поради Крим и наметнаа санкции на Русија и Путин би сакал да се ослободи од нив.
Оној кој се прашува како може Путин да ги спроведе тие цели со својот американски колега, гледа во политичка и морална провалија. Додека Трамп патува по Европа, специјалниот обвинител во САД подигна обвинение против 12 руски агенти, под сомнение дека пред две години се вмешале во претседателските избори во таа земја. Русија веќе долго е под сомнеж дека му помогнала на Трамп во неговата изборна кампања: со хакерски напади, кражба на информации и влијание врз гласачите во САД преку кампањи на социјалните мрежи.
Нема сомнеж, Доналд Трамп беше најпосакуван кандидат на Кремљ. Но, дали е тој автоматски и „негов“ претседател? Одговорот не зависи само од тоа дали Кремљ има во рака нешто против Трамп, односно дали постои компромитирачки материјал подобен за политичка уцена. За тоа често се шпекулираше: понекогаш се зборуваше за љубовните испади на Трамп во Москва, понекогаш за бизнис-контактите во Њујорк.
Овие приказни од претходниот живот на Трамп се сензационалистички, но засега се само шпекулации. Тие не би смееле да го отргнат внимание од вистинската политика која ја води „вистинскиот“ Доналд Трамп. Оној кој е груб кон своите сојузници во НАТО како Трамп, тој им ја врши работата на сите противници на Западот. Претседателот на САД кој се заканува дека ќе го напушти НАТО е подарок за секој руски претседател. Дали Путин ќе му се заблагодари на Трамп за тоа? Ние тоа нема да го дознаеме. Трамп многу добро знае зошто не сака да се снима разговорот со Путин.

DW.COM

Реклама