Ќе ги следи ли мајчичка Меркел плановите на Макрон за Европа? | Свет | DW | 18.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ќе ги следи ли мајчичка Меркел плановите на Макрон за Европа?

Францускиот претседател Макрон предложи амбициозни планови за реформи во ЕУ, но канцеларката Меркел се колеба. Отпорот во сопствената земја е голем.

„Важно е да се води критичка дебата за тоа што значи Европа.“ Во говорот пред Европарламентот, во фокусот на Макрон не беше ништо помалку од „иднината на Европа". Тој вчера (17.04.) во Стразбур зборуваше за своите реформски планови за Европската Унија и за еврозоната. Неделава тој сака да отпатува за Берлин. Таму, за неговите идеи веќе жестоко се дебатира.

Тоа не беше секогаш случај. Кратко по изборот на младиот претседател, европската волја за реформи на Макрон беше еуфорично поздравена во Берлин. Неколку месеци подоцна, германските парламентарни избори ја однесоа во Бундестагот десничарско-популистичката Алтернатива за Германија (АфД), која првобитно беше основана како антиевропска партија. Потоа следуваше најдолгиот процес на формирање владина коалиција во историјата на Сојузна Република Германија, време кое Макрон, всушност, сакаше да го искористи за развој на заедничка стратегија со Меркел за неговиот план за реформи.

Макрон оди предалеку и за најголемите поддржувачи на ЕУ

Но, Меркел има и други причини за воздржаност. Идеите на Макрон се движат од трансформација на монетарната унија, вклучувајќи и сопствен буџет за еврозоната и евро-министер за финансии, до создавање на Европски монетарен фонд и сопствено осигурување на депозитите за банкарската унија.

Повеќе:

-Макрон: Прво реформи на ЕУ, па потоа проширување

-Макрон бара итни реформи во ЕУ

-Макрон станува нова Меркел за Европа?

Дури и голема поддржувачка на ЕУ како Меркел има свои сомнежи, но само внимателно ги изразува. Други политичари на Христијанско-демократската и на Христијанско-социјалната унија се појасни во однос на тоа. Пред сѐ, предлози на Французинот за финансиската политика наидуваат на отпор кај политичарите од Унијата.

„Најнапред треба да се провери дали предлозите на претседателот Макрон се во интерес и на Германија“, изјави Јоахим Фајфер, политичар задолжен за економски прашања во ЦДУ. И Александер Добринт од ЦСУ ја отфрла идејата за министер за финансии на ЕУ.

Коалицискиот договор обврзува на повеќе Европа

Но, во партијата на Меркел има и поддржувачи на Макрон. „Наше најдлабоко уверување е дека нема конфликт меѓу интересите на нашите граѓани и редефинирањето на Европската унија“, истакна политичарот на ЦДУ задолжен за надворешната политика, Норберт Ретген во интервју за Дојче веле. Унијата, според Ретген, нема да ѝ го ограничува маневарскиот простор на Меркел за преговори со Макрон. Но изгледа дека ЦДУ и ЦДУ само делумно ѝ веруваат на својата канцеларка. Така, демохристијаните инсистираат пред сѐ за одлуките за финансиската политика да биде задржано правото на соодлучување на Бундестагот.

Неподготвеноста во Унијата предизвикува незадоволство кај коалициониот партнер - Социјалдемократската партија (СПД). Лидерката на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Андреа Налес потсетува дека договорот за владина коалиција е насловен со „Нов почеток за Европа". „Живееме во време кога ни треба повеќе Европа, а не помалку Европа", изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Берлин. „Се разбира, никој нема да ја отфрли испружената рака на Макрон, но ќе разговараме за содржината на поединечните предлози", рече политичарот на СПД. Мас знае дека скептици за идеите на Макрон има и во редовите на неговата партија. Министерот за финансии Олаф Шолц од СПД досега беше неверојатно воздржан во врска со предложените финансиски реформи на Макрон. Тој се смета за наследник на Волфганг Шојбле, кој ја следи конзервативната линија во европските финансиски прашања на својот претходник на функцијата од редовите ЦДУ.

Теснопартиски интереси

Поделеноста во рамките на владината коалиција за плановите на Макрон за Европа ги налути опозициските Зелени. „Апелирам до канцеларката и претседателите на пратеничките групи на СПД и на Унијата да формулираат јасни и конкретни ветувања за Макрон неделава", истакна претседателот на пратеничката група на партијата на Зелените, Антон Хофрајтер. „Историскиот проект Европа не смее да пропадне поради националниот егоизам и теснопартиските интереси на оваа влада".

Без германска поддршка Макрон не може да напредува со својот проект. Шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, го предупреди Макрон по неговиот говор во Стразбур: „Да не заборавиме дека Европа не е само германско-француска". Критичките гласови за плановите за реформи стигнуваат и од левиот и од десниот политички спектар во Брисел. Францускиот претседател исто така е под притисок и во татковината. Впрочем, тој настапи како визионер за Европа со својата партија "La République en Marche" (Република во движење). На европските избори наредната пролет, тој сака да покаже резултати.

И Меркел? Таа со нетрпение ја очекува утрешната посета на Макрон во Берлин, на која и двајцата сакаат да разговараат за реформите. „До јуни ќе најдеме заеднички решенија со Франција“, самоуверено рече канцеларката. Со предлозите за одбранбена политика Германија сака да даде сопствен придонес и не може да стане збор за некакво поставување кочници. „Затоа не се плашам дека нема да можеме да составиме силен реформски пакет", уверува Меркел.

DW.COM

Реклама