Њујорк го преживеа ураганот со само неколку модринки | Свет | DW | 29.08.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Њујорк го преживеа ураганот со само неколку модринки

Она што беше ураган, стана „само“ бура, со брзина на ветрот од 85 километри на час. На источниот американски брег, Ајрин однесе 18 човечки животи и предизвика штета од неколку милијарди долари.

default

Њујорк здивна со олеснување - Ајрин предизвика големи поплави во повеќе делови на градот, во голем број домаќинства нема струја, но пустошот од кој  се стравуваше изостана. Градските татковци ги презедоа сите мерки на претпазливост, со план за пресрет на катастрофи каков што досега немало.

„Мислам дека е фер да се каже дека не сакавме да биде загубен макар и еден човечки живот. Поради одлуките што ги донесовме, никој не загина од бурата, или можеби беше само среќа“, изјави градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг, најавувајќи дека во слични ситуации и во иднина ќе бидат преземани истите мерки.

Блумберг извлече консеквенци од порано правените грешки. При последната снежна бура, во декември 2010 година, тој беше обвинет за непреземање доволно мерки.

Јавниот превоз се` уште парализиран

Irene / New York / Grand Central Terminal

Вообиаечно преполното метро остана празно за време на викендот

Првпат во историјата на Њујорк, околу 370.000 луѓе беа повикани да ги напуштат домовите. Евакуираните се вратија дома вчера попладне. Ајрин особено тешко го погоди Стетон Ајленд. Жители на тој дел од градот велат дека е потребно кану за движење. Други, пак, се борат со поплавените подруми.

Многумина њујорчани денеска нема да можат да стигнат на работното место, со оглед на тоа што јавниот сообраќај се‘ уште е парализиран. На одделни релации ќе сообраќат вонредни автобуси. Многу од шахтите на подземната железница се полни со вода.

„Прво мора да ги провериме сите шини, а потоа да пуштиме возови на пробно возење, за да бидеме сигурни дека се‘ функционира“, изјави шефот на јавниот сообраќај Џеј Волдер.

Подобро од очекуваното

Irene / USA / Hurrikan

Вчеравечер градот се разбуди од својот сон, принудна состојба во која се најде поради бурата. Таксистите почнаа да возат, а беа отворени и дел од продавниците.

Повеќето њујорчани беа опуштени:

„Моите стравувања беа многу поголеми од она што навистина се случи. Се разбудив, и се‘ беше мирно“, вели едно момче на Менхетен.

Денеска треба да бидат повторно отворени и аердромите. Њујоршката берза ќе биде исто така отворена, а според планот ќе стартува и тенискиот турнир УС Опен. Њујорк го преживеа ураганот Ајрин со само неколку модринки.

Автор: Клаудија Саре/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM