Јуратовиќ: Треба да се врши притисок, без да се наведуваат рокови | Северна Македонија | DW | 08.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јуратовиќ: Треба да се врши притисок, без да се наведуваат рокови

Членот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот Јосип Јуратовиќ (СПД) во интеврју за ДВ зборува за денешната расправа во Комисијата околу состојбата во Македонија и германскиот ангажман во земјата.

Дојче веле: На дневниот ред денеска беше актуелната состојба во Македонија. Што е ново по расправата?

Јосип Јуратовиќ: Ова беше размена на информации. Од страна на Министерството за надворешни работи ни беше уште еднаш опишана состојбата и како сега натаму се постапува. Јас лично го поздравувам тоа што со амбасадорот Хајндл, како специјален пратеник за Македонија, уште повеќе се зајакнува ангажманот на Германија, кој и онака беше многу силен во земјата. Се прават обиди за што побрзо решавање на кризата во Македонија, која едноставно трае предолго.

Кои се конкретните барања кои ѝ се поставуваат на македонската влада, меѓу останатото и од страна на германската политика?

Јасно е дека Договорот од Пржино треба да се спроведе што побрзо. Реформите треба практично да напредуваат, особено предусловите за одржување избори, значи мора брзо да се прочисти Избирачкиот список. Неопходен е фер однос кон медиумите и поделба на партијата од државата. На сето тоа треба да му дадеме поддршка, но пред сѐ силите во земјата се задолжени за тоа постојано да вршат притисок, за сето ова да се спроведе што е можно побрзо со цел да биде избран парламент, затоа што парламентот е всушност највисоката институција во едно демократско општество и државата без парламент не може да функционира. Тоа мора да биде апсолутен приоритет.

Велите дека тоа мора да се случи најбрзо што е можно. За кој временски период зборувате? Има ли конкретни рокови?

Овојпат не се поставени цврсти рокови, затоа што двапати веќе пропаѓаа. Мора да се врши притисок од сите страни, без да се наведува датум, за сето ова да се спроведе што е можно побрзо и да може да се одржат избори најбрзо што е можно.

Демонстрантите имаат поставено конкретен рок. Тие бараат до 18 јуни Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и да запре кривичниот прогон на демонстрантите. Што велите Вие на ова?

Тоа во секој случај е мудро барање од страна на демонстрантите, да се врши притисок, да се постави рок, но се разбира и да се стои на залагањето за функционирање на правната држава. И, што е најважно, да се осигура демократската слобода, имено, правото на демонстрирање да остане неказниво. Тоа е исправно барање. Како сега тоа ќе се спроведе не можам да кажам во моментов, но ние тоа го поддржуваме.

Што ѝ советувате на вашата сестринска партија, социјалдемократите, во преговорите во ЕУ? И амбасадорот Хајндл постојано ја вклучува опозицијата. Како треба да се однесува опозицијата?

Што се однесува до опозицијата, таа треба заедно со цивилното општество да дејствува во насока на доаѓање до точка кога може да се одржат избори. Значи, опозицијата исто така носи одговорност и за тоа мора да е свесна. И нив мора да им се важно што побрзо одржување на изборите, со претходно исполнување на условите.

Има ли и конкретни совети и поддршка од страна на социјалдемократските партии?

Се разбира, има врски со сестринските партии на европско ниво, и се разбира остануваат врските со фондацијата Фридрих Еберт. Јас лично наредната недела, на 20-ти одам во Скопје. Таму ќе остварам контакти и на лице место ќе се запознаам со ситуацијата и соодветно на тоа ќе биде зајакната соработката.

На почетокот рековте - мора да се одржи притисокот. Во меѓувреме е повлечена амнестијата и се има чувство како да има придвижување. Дали барањата за санкции веќе не се предмет на размислување?

Мислам дека треба да се биде претпазлив со санкции. Тоа е мое лично мислење, зашто не знам каков ефект навистина би произвеле. Многу е поважно да се зајакне дијалогот, да се засили притисокот и да се покаже решителност од страна на ЕУ. Тоа се правеше досега. Она што за мене е уште важно, а се однесува на целиот Западен Балкан и тоа јасно го ставив до знаење, е дека и ЕУ, односно Брисел, би требало некогаш да даде јасен знак дека има волја да ги интегрира овие држави во ЕУ, односно навистина да го спроведе ветувањето од Солун. Мислам дека актуелната ситуација во Македонија се должи, меѓу другото, и на тоа што таа очекува ЕУ-перспектива, а сето тоа беше во 2008 година блокирано од страна на Грција. Треба сериозно да се размисли дали ЕУ тоа може да си го дозволи. Тоа е итно неопходно не само во Македонија, туку во целиот регион. Ако има решпителност за прием на овие земји во ЕУ, тогаш треба да се почне со преговори за поглавјата 23 и 24, а тоа се човековите права и независно судство. Низ преговарачкиот процес се создаваат критериуми и мерила кои им се неопходни на граѓаните. Одговорноста лежи пред сѐ кај македонските граѓани и нивната влада, но од друга страна и кај нас Европејците. Треба да кажеме - сакаме или не? Ако сакаме, тогаш мора малку повеќе да се ангажираме.

Значи, ангажман на германската и европската политика за интеграција на Западен Балкан?

Германија веќе почна со Берлинската конференција нат ема регионален развој, економски развој на Западен Балкан. Продолжението беше во Виена, а сега доаѓа Париз. Мислам дека Германија прикажува многу добар ангажман. Посакувам засилување на овој ангажман и од европски апсект. Мослам дека во Европа треба да се ангажираат повеќемина околу тоа, затоа што, на крајот на краиштата, овие земји не се приклучуваат кон Германија, туку кон ЕУ и мора да има интерес од страна на целата Унија.

Разговорот го водеше Аделјахд Фајлке

Реклама