Јункер: Ризикот од Брегзит без договор е многу реален | Свет | DW | 18.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јункер: Ризикот од Брегзит без договор е многу реален

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер пред Европскиот парламент рече дека „истекува времето“ за договор за Брегзит. Британскиот премиер Џонсон останува уверен дека ќе се најде решение.

За време на дебатата во Европскиот парламент Јункер предупреди дека ризикот за Брегзит без договор е „многу реален“.
„Времето истекува“, рече тој денеска, коментирајќи го очекуваното заминување на Велика Британија од ЕУ.
Јункер разговараше за Брегзит со британскиот премиер Борис Џонсон во Луксембург во понеделникот, за првпат од стапувањето на Џонсон на должноста во јули годинава.
Џонсон останува оптимист дека неговата земја ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври со договор, но постојано повторува дека Брегзит ќе се случи на тој датум без оглед дали ќе има договор, и сето тоа, и покрај британскиот закон кој му наложува да бара одложување доколку не се постигне договор.
„Брегзит без договор можеби е избор на Велика Британија, но никогаш нема да биде и наш“, рече Јункер денеска пред парламентот.
Првиот човек на Сојузот на германската индустрија, Јоахим Ланг денеска соопшти дека продолжувањето на рокот за Лондон ќе им предизвика дополнителни трошоци на германските претприемачи.

Каде е алтернативата на Џонсон?

Главната точка на несогласување во преговорите останува ткн. ирски „бекстоп“, односно начинот на кој ќе се регулира границата меѓу Северна и Република Ирска. Џонсон го одби решението кое го постигна неговата претходничка Тереза Меј со ЕУ, но досега не понуди прифатлива алтернатива.
Целта на „бекстоп“ е да оневозможи враќање на цврста граница меѓу двете Ирски, од кои едната ќе остане во ЕУ, а другата ќе ја напушти заедно со Британија.
„Му кажав на премиерот Џонсон дека немам емоционална приврзаност кон решението за границата. Но и му ставив јасно до знаење дека имам интимна приврзаност кон преземените обврски. Побарав од премиерот да понуди алтернативи на писмено“, вели Јункер.
Главниот преговарач за Брегзит на ЕУ, Мишел Барние дополни дека на Унијата и се потребни „правно оперативни решенија“.
„Три години по британскиот референдум, не е време да се преправате дека преговарате. Ќе сносите одговорност за тоа“, порача Барние.

„Глупав“ Брегзит

За време на дебатата беше забележителна фрустрацијата кај европратениците кои велат дека се заморени чекајќи конкретни предлози од Вестминстер.
Лидерот на конзервативната групација во парламентот, Германецот Манфред Вебер го опиша Брегзит како „глупав“ и го критикуваше суспендирањето на британскиот парламент.
Врховниот суд во Лондон во следните денови треба да донесе одлука за легалноста на одлуката на премиерот Џонсон да го суспендира парламентот.
По дебатата, Европскиот парламент се очекува да усвои резолуција за заминувањето на Обединетото Кралство од ЕУ.

DW.COM

Реклама