Јункер: Македонија е на добар пат | Северна Македонија | DW | 25.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јункер: Македонија е на добар пат

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер од Скопје денеска порача дека земјата постигнува напредок и дека за неколку месеци може да добие неусловена препорака за почеток на преговори со ЕУ

Македонија е на добар пат, но мора да продолжи со реформите за да добие препорака за почеток на преговорите со ЕУ на почетокот на летово, порача од Скопје првиот човек на Европската Комисија, Жан Клод Јункер. На заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев, Јункер уште еднаш повтори дека треба да се најде решение за спорот за името со Грција. Тој рече дека видел напредок во процесот, а како доказ за тоа ја наведе промената на името на аеродромот во Скопје. Според Јункер, Македонија во изминатиот период спровела реформи кои го зачудиле светот, а договорот со Бугарија ја зголемила репутацијата на државата во Европската унија. 
„Не дојдовме да ви соопштиме датум, туку да ви кажеме дека сте на добар пат и ако продолжите по тој пат за неколку месеци ќе и дадете можност на Европската комисија на Советот да му препорача отпочнување на преговорите за приклучување“, рече Јункер. 


Заев истакна дека на средбата му укажал на претседателот на ЕК дека земјата вложува напори за унапредување на добрососедските односи. 
Македонскиот премиер Заев повтори дека за Македонија е прифатливо име со географска одредница, кое ќе направи дистинкција меѓу Македонија и истоимениот регион во Грција. „Охрабрени од Договорот за добрососедство со Бугарија продолживме со сериозна посветеност да работиме на решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име“, рече Заев. 
„Инсистираме на решение, кое ќе биде трајно, но и ќе го почитува достоинството и ќе го заштити идентитетот на двете држави“, вели Заев.
Претседателот на Европската Комисија е на турнеја низ земјите од Западниот Балкан. По Скопје, следната станица му е Тирана. На 1 март во Софија, Јункер уште еднаш ќе ги собере сите политички лидери на шесте држави од Западниот Балкан. 

DW.COM

Реклама