Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку | Северна Македонија | DW | 28.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку

Во процесот на евроинтеграции е важна суштината, а не датумите, вели во интервју за ДВ претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер додавајќи: „Тоа во Македонија го разбраа, во Албанија малку помалку.“

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер во интервјуто за Дојче веле оценува дека Македонија прави голем напредок во насока кон Европа и дека она што е важно на тој пат е супстанцијата, а не календарот:

„Околу европските прашања никогаш не негувам илузии, зашто брзо би ги загубил. Бев во Македонија, ПЈРМ како што се нарекува со дипломатски жаргон. И, заклучив дека Македонците, владата, прават поинаков, многу голем напредок во насока на Европа. Но, на ниту една станица овде никому не му ветив датум за приклучување, дури и на оние кои сѐ уште не започнале преговори не им ветив датум за почеток на преговорите, а тоа нема да го правам ниту во наредните денови. Она што е важно е супстанцијата, а не календарот. Заинтересиран сум за термини, но не на начин да се заборави супстанцијата на преговорите. Тоа во Македонија го разбраа, а во Албанија малку помалку. Но, Албанија сѐ уште не е во процес на преговори. Во април ќе дадеме наши препораки во оваа насока, но какви ќе бидат препораките не би можел сега да кажам, затоа што мора да се постигне уште супстанцијален напредок. А, ние од денес до април ќе проценуваме дали е направен доволно супстанцијален напредок.“

Повеќе:

Јункер: Македонија е на добар пат

Условите за членство мора да се исполнат, нагласува Јункер:

„Јас не морам да ги уверувам Албанците да станат членка на Европската Унија. Тие го сакаат тоа, врз основа на желбата на големо мнозинство од албанскиот народ, од албанската јавност. Но, во Албанија, како и на другите места, морав да укажам дека мора да се исполнат условите за членство. Дел од тие услови е сите држави од Западниот Балкан, сите партнери од регионот да ги решат своите гранични конфликти. Не можеме да увезуваме гранични конфликти во Европа и ЕУ. Ние сакаме да внесеме стабилност во регионот, но не сакаме нестабилност како возвратен подарок.“

Повеќе:

Јункер: Влезот во ЕУ до 2025 е можен за сите балкански земји

Првиот човек на ЕК во интервјуто за ДВ уште додава дека е свесен оти не се прави омилен на турнејата на Западен Балкан:

„Србите преговараат од пред извесно време и затоа имаат забележано и поголем напредок отколку на пример Албанците, кои сѐ уште не се во процес на преговори. Сѐ уште треба да се работи многу во делот на правната држава, на слободата на печатот, реформата на правосудството, борбата против перењето пари, борбата против организираниот криминал. Тоа важи и за Албанија. Таму правиме многу интензивни напори за да се постигне напредок во делот на борбата против организираниот криминал во земјата и криминалот како извозен производ нанадвор. Јас на оваа турнеја не се правам омилен, затоа што велам дека не можам да ветам датум и велам - еве ги работите што морате да ги завршите“, вели Жан-Клод Јункер за Дојче веле.