Јункер за ДВ: Западниот Балкан заслужува ЕУ-перспектива | Свет | DW | 10.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јункер за ДВ: Западниот Балкан заслужува ЕУ-перспектива

Во интервју за Дојче веле, претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер зборува за бугарското претседавање со ЕУ и европската перспектива на земјите од Западниот Балкан.

ДВ: Софија го постави приближувањето на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ за еден од своите најголеми приоритети во претседавањето со ЕУ. Како вие гледате на нивната перспектива?

Жан-Клод Јункер: Бугарија стори добро што како приоритет на нејзиното претседателство го избра Западниот Балкан. Земјите од Западниот Балкан заслужуваат да им се даде перспектива за членство во ЕУ. Тоа сепак нема да се случи за време на мојот мандат во Комисијата, но ние мораме да ги поставиме насоките за тоа, а земјите мора да ги спроведат неопходните реформи, за тоа да може да се случи набрзо. Благодарение на бугарската влада ќе се случат важни чекори во таа насока: Западнобалканскиот самит на 17 мај во Софија ќе биде еден важен исчекор во таа насока.
Бугарија е на некој начин предодредена да гради мостови кон западнобалканските држави, затоа што тоа е регион, култура и јазици кои таа ги познава, а и самата успешно мина низ процесот на проширување на ЕУ.

Повеќе на темата: 

Јункер и проширувањето на ЕУ: Игра на членства на Балканот

Јункер: Македонија бележи извонреден напредок

Делувате убедени дека Бугарија добро ќе го менаџира претседавањето. Од каде доаѓа вашата сигурност?

Бугарија е одлично подготвена, владата дури има и министерство за претседавањето со ЕУ. Министерката Лилјана Павлова, исто како и премиерот Бојко Борисов, е одлично подготвена. Бугарија целосно ја презема европската агенда и во центарот ги стави токму оние теми кои се од извонредно значење за Европејците: пред сѐ миграцијата, дигиталната агенда, европската одбранбена унија и европската иднина на Западниот Балкан.

Европските медиуми многу критично го следат бугарското претседавање со ЕУ. Два суперлатива кои најчесто се споменуваат се дека се работи за најсиромашната и најкорумпирана држава во ЕУ. Ги заслужува ли Бугарија овие негативни ставови?

Кога ќе слушнам такви клишеа, прво ги проверувам фактите. А тие изгледаат поинаку- и тоа не само од преземањето на претседателството. Многу добро ја познавам Бугарија, затоа што и како премиер на Луксембург како тогашен претседавач со ЕУ го запечатив членството на Бугарија во ЕУ. Оттогаш Бугарија постигна многу, особено во економијата. Таа во претходната година порасна за 3,9 проценти, вработеноста се развива добро, а Бугарија одлично го контролира својот буџет. Државниот долг е под 30 проценти што - во споредба со земјите кои веќе го воведоа еврото - е многу ниско.

Притоа Бугарија е една од нај-проевропските држави, таму владее една голема желба да се засукаат ракавите и да се најдат заеднички решенија. Затоа имам многу позитивни очекувања, не само што се однесува до бугарското претседавање, туку и што се однесува до напорите во борбата против корупцијата. Во тој дел ние тесно соработуваме со Бугарија во т. н. механизам за соработка и контрола и многу прецизно ги следиме чекори во борбата против корупцијата.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама