Јункер ги отфрла обвинувањата за тајната служба | Европа | DW | 10.07.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Јункер ги отфрла обвинувањата за тајната служба

Луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер во говор пред парламентот ги отфрли обвинувањата за политичка одговорност поради нелегални активности на тајната служба на неговата земја. Тој не гледа причина за повлекување.

Премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер призна дека имало нелегални акции на прислушување во аферата со тајната служба на неговата земја. Од 2000 година имало пет акции, рече Јункер денеска пред парламентот. Тој меѓутоа во говорот пред пратениците го правдаше неговото однесување.

Јункер притоа ги отфрли обвинувањата за аферата со тајната служба. Тој им ги пренел на министрите сите релевантни информации, рече Јункер во парламентот. Исто така била информирана и Контролната комисија на парламентот.

58 годишниот премиер сепак наведе дека тајната служба не му била највисок приоритет. Светот на агентите, кога стапил на функцијата му бил нов. „Тоа е таинствен свет“, изјави Јункер, кој истакна дека не гледа причина да поднесе оставка.

Јункер од 1995 година е премиер на Луксембург и на функцијата е најдолго во споредба со останатите шефови на влади во ЕУ.

Во извештај на една истражна комисија нему му се префрлува политичка одговорност дека тајната служба можела да делува според сопствени правила. Околу тајната служба на Луксембург (Service de Renseignement de l'Ètat du Luxembourg (SREL) беше сплетена мрежа од интриги, заговор и недозволени акции на прислушување. И Јункер лично нелегално бил прислушуван од поранешниот шеф на тајната служба.

Претходно, подготвувачот на извештајот за Истражната комисија за тајните служби, политичарот од редовите на партијата на Зелените Франсоа Бауш го обвини Јункер за „недоволна политика на информирање“. Јункер ја носел одговорноста за тајната служба. Таа би морала да биде „темелно реформирана“.

Пред да настапи Јункер во пленумот, повеќе набљудувачи очекуваа негова оставка. Исто така се сметаше за можно тој да поднесе барање за гласање доверба. Партискиот претседател на социјалистите, кои коалицираат со христијанско-социјалната партија на Јункер ЦСВ оцени дека е неизвесно дали ќе продолжи владината коалиција. „Многу работи зависат од тоа, како ќе протече седницата во пленумот“, рече Алекс Бодри за весникот „Луксембургер ворт“ пред парламентарната седница.