Јужна Кореја: Чукна часот на „патриотите“ | Свет | DW | 30.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јужна Кореја: Чукна часот на „патриотите“

По историската средба меѓу шефовите на државите, Мун и Ким, јужнокорејските националисти протестираат против приближување на двете Кореи. Но, мнозинството од населението, и покрај скепсата, е оптимистично.

Не беа многубројни, ги имаше неколку стотици, но овие демонстранти дигаа голема врева против претседателот Мун Џае Ин во Сеул. Т.н. „патриоти“ стигнаа од цела земја за да протестираат против приближувањето со Северна Кореја. Со заглушувачки разглас и предимензионирани знамиња доминираа во градскиот центар ден по историскиот самит на двете Кореи.

Гневот по улиците го излеваа првенствено постари, конзервативни Корејци. Демонстративно, покрај јужнокорејското, вееја и американско знаме, истакнувајќи го своето мислење - САД е најважната и последната заштитничка сила против комунизмот. А пред сѐ американскиот претседател Доналд Трамп, чиј лик можеше да се види на бројни транспаренти. Тие подгреваа расположение на незадоволство, пеејќи националистички песни и извикувајќи гласни пароли. Повеќемина постари мажи носеа униформи, марширајќи кон демилитаризираната зона, значи точно таму каде Мун и Ким Јонг Ун ден претходно со изненадувачки големи чекори пријдоа еден кон друг. Се зборува за нова ера, за крај на војната на Корејскиот Полуостров.  

Protest südkoreanischer Nationalisten gegen Entspannungspolitik (DW/A. Freund)

Јужнокорејските националисти тврдат: „Мун нѐ предаде!“

Трамп - страв и трепет за комунистите

Но, „патриотите“ не сакаат да чујат за такво нешто. Според нив, секоја отстапка кон Северна Кореја претставува велепредавство. Многумина носеа маици и плакати со ликот на соборената и во меѓувреме осудена поранешна претседателка Парк Гуен Хаје. За разлика од актуелниот претседател Мун, конзервативната Парк застапуваше исклучително конфронтирачки курс кон Северна Кореја.

Повеќе: 

Северна Кореја се согласи на денуклеаризација

Самитот на двете Кореи буди надежи во пограничните области

Демонстрантите ја презираат политиката на попуштање на поранешниот адвокат за човекови права, кој на функцијата е од пред една година. „Мун нѐ предаде! Мораме да го спречиме тоа, по секоја цена! Да живеат САД!“, врескаше 82-годишниот Хан. Униформираниот човек до него салутираше и го поддржуваше: „Мораме да го запреме Мун! Повторно обединување може да има само како во Германија, според западни правила. Ги мразам комунистите!“ 

Освен кон социјалдемократот Мун, незадоволството на демонстрантите е насочено и против Кина, која, според нив, настапува сѐ поагресивно во регионот. Антикинески знамиња вееја дел од демонстрантите кои се деснорадикално настроени. На Кина не треба да ѝ се верува, убеден е 36-годишниот Хјун: „Пекинг сѐ уште е заштитник на Северна Кореја и не ги спроведува санкциите. САД во никој случај не смеат да се повлечат од Јужна Кореја и да им го препуштат просторот на Кинезите.“

Protest südkoreanischer Nationalisten gegen Entspannungspolitik (DW/A. Freund)

Недоверба и кон Кина

Мнозинството е за приближување

Иако националистите гласно протестираат против приближувањето со Северна Кореја, тие сепак се во малцинство. Непосредно пред самитот на претседателите на двете Кореи, реномираниот Институт за испитување на јавното мислење, „Риал Метер“, спроведе анкета, според која преку 78 проценти од сите Јужнокорејци сакаат мировно решение со Северна Кореја. Оваа широка поддршка се протега низ цело општество, ја има и кај младите и кај постарите, на село како и во градовите, во социјал-либералното милје, исто како и во конзервативниот табор. По историската средба, рејтингот на Мун е дури и пораснат.

Значи, убедливо мнозинство Јужнокорејци со воздржан оптимизам гледа во иднината. Со цела присутна скепса, многумина во заедничкото соопштение на двајцата корејски претседатели гледаат важен чекор во вистински правец, но очекуваат да следат и дела. Сепак, дури и тоа нема толку бргу да ги омекне самонарачените „патриоти“.

DW.COM

Реклама