„Југословенскиот Алкатраз“ | Печат | DW | 10.07.2009
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Печат

„Југословенскиот Алкатраз“

Весникот „Ди велт" посвети текст на логорот на јадранскиот остров Голи Оток, кој од 1949 служеше како место за интернирање на политичките дисиденти во Титова Југославија.

default

„Според проценките, помеѓу 12 и 50 илјади дисиденти беа изолирани во логорот на островот, беа изложени на тортура и принудени на бесполезна најтешка физичка работа. Во ’пеколот на Јадранот‘ Тито прво ги прати своите поранешни другари – по прекинот на односите со Советскиот Сојуз во 1948, без судски процес илјадници сталинисти беа депортирани на Голи Оток", известува „Ди велт".

Во написот е расветлена судбината на еден од логорашите, денес 78-годишниот пензиониран гинеколог Бранко Митровиќ од Белград.

Josip Broz Tito

Јосип Броз Тито

„Затвореникот прекомандуван да крши камења во ’јадранскиот Алкатраз‘, бил истоштен од горештина, недостиг од вода, епидемии и од тепање од чуварите. По неговото ослободување во 1951, никогаш не бил рехабилитиран, огорчено вели Митровиќ. ’Што беше Гулаг за Сталин, беше Голи Оток за Тито‘. По повторното приближување меѓу Белград и Москва, кон средината на 50-тите години, беа ослободени последните просоветски дисиденти. Потоа на островот беа прогонети не само криминалци, туку и критичари на режимот од секоја боја".

Во написот потоа се зборува за акцијата на Доброслав Парага и Ернест Брајдер по смртта на Тито, за собирање потписи за амнестија на политичките затвореници. Обајцата завршиле в затвор, од кој Брајдер не излегол жив. На крајот од прилогот се вели: „Дури и по независноста на Хрватска никогаш не дојде до рехабилитација на политичките затвореници. ’Структурите што го создадоа логорот и натаму живеат во Хрватска‘, смета Парага. На политичарите во Загреб би им било најмило се’ да се распадне, да исчезнат сите траги".

Автор: Ди Велт

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина