Јувенилизација на македонската политика: од Црвенковски до Спасов | Македонија | DW | 10.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јувенилизација на македонската политика: од Црвенковски до Спасов

Без навлегување во успешноста на секој од овие лидери индивидуално, се чини дека јувенилниот мит е еден од најдобро продаваните политички производи во Македонија, која одново и одново бара младост и енергичност, полет...

Комунистичките режими низ Европа, покрај многуте негативности, ги одбележа и изразената геронтократија. Еден од најпознатите примери е фамозната геронтократија во ерата на Брежњев. Имено, во времето на Брежњев просечната старост на членовите на Политбирото била седумдесет години, а наследниците на Брежњев, Андропов и Громико, потрајаа едвам 28 месеци заедно на позицијата лидер на Советскиот сојуз пред нивната смрт. Ова помалку или повеќе беше случај во сите комунистички системи кои беа сведоци на политички лидери кои изгледаа старо, уморно но најмногу - безидејно. Оттука многумина не беа претерано изненадени кога колапсот на режимите во Источна и Југоисточна Европа се случи за многу кратко време по принципот на домино ефект. Старата, уморна геронтократија во многу од нив, немаше ниту енергија ниту младост да се спротистави на новите демократски трендови. Иако во некои од овие режими имаше и крвави судири (Романија на пример), во најголем дел од нив, старата комунистичка геронтократија едноставно – избледе.

Во контраст на ова, новите пост-комунистички елити, а особено оние кои се залагаа за дисконтунитет со претходниот режим, го наметнаа митот за млад и енергичен лидер, по примерот на она што Раул Жирарде го нарекува „митот за Александар Велики“. Олицетворение на нови политички ветришта, новите млади демократи требаа да донесат нешто до тогаш невидено на политичката сцена на сеуште кревко плуралните пост-комунистички општества, нешто кое беше сосем магловито за општествата и државите кои претходно немаа скоро никакво искуство со демократските процедури и либералната суштина. Иако недефинирано, практикувачите на тукушто стекнатото плурално право на глас беа сигурни дека силно го посакуваат. Стариот Синсинатус беше заменет со младиот Александар. А младиот Александар сепак мораше да се соочи со старите проблеми.

Branko Crvenkovski

Бранко Црвенковски беше првиот „млад и надежен“ политичар кој стана премиер на 30 години.

Македонската „јувенилна епизода“ започна со изборот на Бранко Црвенковски за премиер на негови неполни 30 години во 1992 година. Најавуван како млад и надежен политичар, тој требаше да биде контраст на уморната номенклатура од социјалистичкиот период. Како што различните политички елити се сменуваа на власт, јувенилизацијата на македонската политика продолжи преку Љупчо Георгиевски, продолжи повторно со Црвенковски и финишираше со Никола Груевски, политички продукт повторно маркетизиран како млад, успешен и полн со нови идеи. Тоа беа мотивите кои всушност се однесуваа и на сите негови претходници на почетокот на кариерата. 

Митот за младоста најдобро продаван политички производ во Македонија

Без намера да навлегувам во успешноста или неуспешноста на секој од овие лидери индивидуално,  се чини дека јувенилниот мит е еден од најдобро продаваните политички производи во Македонија, која одново и одново бара младост и енергичност, полет и креативен занес, а младите, политички амбициозни јункери, бараат модел со кој ќе може да се идентификуваат на сопствениот пат кон стеларен политички успех, кој не смее да задоцни по триесеттата година.

И кога помалку или повеќе македонскиот електорат го прифати јувенилниот мит, тој ненадејно ја смени својата форма и се претвори во – инфантилен мит. Министри, директори на претпријатија, носители на јавни функции и пратеници полека ја поместуваа границата и под дваесет и пет години, па и помалку. Демохристијанската опција на чело со Груевски, кој и самиот влезе во политиката релативно млад, им даваше шанса на се помлади луѓе, нешто за кое електоратот има спротивставени мислења.

Mazedonien Nenad Markovic Politikwissenschaftler

Проф. д-р Ненад Марковиќ е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.

Поддржувачите велат дека на младите треба и мора да им се даде шанса, но за дел од електоратот именување на луѓе на извршни функции на толку млада возраст (кои не се избрани директно) е во најмала рака потценување на електоратот. Тука намерно правам мала дистинкција, токму поради постоењето на политичките подмладоци, кои е сосема нормално да добијат свој глас во Собранието преку одреден број пратеници на листите на партиите. Со ова се стимулира политичката партиципација кај младите и се обезбедува континуитет во политичко паметење и делување на актерите на политичката сцена, кои секако од време на време мора да ги освежуваат сопствените редови. Но феноменот на јувенализација и инфантилизација на политиката во Македонија за кој зборуваме нема врска со ангажманот на младите во политиката преку подмладоците и нивната репрезентација како начин на стимулација на нови сили. Во нашиот случај се работи за веќе видливо претерување, каде јувенилниот мит добива патронажни и клиентелистички контури кои треба да бидат се освен пример за идните млади политичари. Од повеќе причини.

Моќта во рацете на неискусните се чини како рецепт за катастрофа

Личност во своите дваесетти и рани триесетти години треба да размислува за формирање на семејство, да се интересира за социјализација и надградба на сопствениот социјален капитал, за градење на кариера (не нужно само политичка), за љубов и политика, доцни излегувања со пријателите, наука, спорт... Човек во ова доба мора да остави простор да изгради мрежи на пријатели и познаници, да стекне искуство, па и да се изгори неколку пати во животот, приватно и професионално. Најважно од се е сите овие искуства да ги помине на сопствен трошок, обидувајќи се да работи и заработи, инкрементално пробивајќи се низ животот и кариерата паралелно. Се додека оваа фаза не биде доволно долга и содржајна, никој не може да тврди дека е спремен да превземе голема одговорност, посебно кога ова се однесува на извршни политички функции кои бараат сериозно животно искуство. Во оваа смисла, достапноста на огромни ресурси и механизми за практикување моќ, дадени во рацете на некој кој сеуште нема доволно искуство, па и интегритет, понекогаш се чини како рецепт за катастрофа. Неможноста да се одолее на достапноста на јавните ресурси во комбинација со младешкиот „чалам“ не може да доведе до ништо освен до ситуација во која морате да направите надчовечки PR напори со цел да докажете дека некој всушност се однесувал зрело и во склад со својата функција, во контекст каде докажувањето на вакво нешто само подлабоко ве заглавува во нелогичноста на сопствените аргументи. 

Dime Spasov (DW)

Заменикот министер Диме Спасов

Без намера за таблоидизација на случајот „Спасов“, она што загрижува е и еден дополнителен аспект. Се повеќе се стекнува впечаток дека токму младите сили во политичките партии треба да бидат носители на најлошите и најглупави политики на политичките елити, пред се поради нивната младост и енергичност, која е нужна кога се бранат лоши политички солуции. Од приватизацијата во деведесеттите па се до новите трендови во високото образование, и од фундаментите на екстрактивната економија на левицата па се до видоизменетата форма на истиот тип на економија кај десницата, носители на непопуларни политики биле млади луѓе, чија младост во комбинација со комплетното непознавање или незаинтересираност за одредена тема не делува нималку симпатично туку некомпетентно. Токму млад политичар, на кој некој му дал шанса да биде носител на висока извршна функција, е идеална мета за патримонијално-клиентелистички игри, во политички амбиент во кој кога ќе му дадете да ги спроведува најлошите и најнеспремни политички стратегии, тој тоа го доживува како примарен приоритет и станува со помислата дека уште утре ќе го реформира светот, не само Македонија.

Аристотел не случајно рекол дека секоја возраст има своја професија. Младите треба да бидат војници, средовечните да учествуваат во политиката и администрацијата, а старите со својата мудрост да бидат совеста на општеството и со мистичен и мудар тон да имаат улога на светци и просветители. Проблемот настанува кога во политиката ќе се јави потреба за политички војници. Премлади да бидат мудри, премлади да го носат товарот на политичките функции, но во вистинската возраст за да водат политички војни. Војни во кои некои битки завршуваат со загуба на ресурси. И механизација.

Проф. д-р Ненад Марковиќ е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

DW.COM

Реклама