Јован Деспотовски: Верувам дека може да го промениме општеството | Северна Македонија | DW | 18.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јован Деспотовски: Верувам дека може да го промениме општеството

Работата што ја работам ми претставува и личен предизвик: да станеме отворени за новини, за промени, за се што значи менување на лоши навики и практики, вели Деспотовски.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, и неговата сопруга Јана, во почетокот на месецов го привлекоа вниманието на јавноста со еден исклучително благороден чин. Во време кога хуманоста и грижата за другите стануваат речиси подзаборавена категорија, ова семејството тие вредности ги издигна на највисоко ниво: покрај нивните три деца -Андереј, Ана и Нина, згрижија и нов член во семејството.

ДВ: Како се одлучивте на тој исклучително храбар и доблесен чекор?

Јован Деспотовски: Во семејството на моите родители, како и во семејството на родителите на мојата сопруга, секогаш важело правилото - наместо да зборуваш, направи. Како што би кажале Американците: стави ги делата онаму каде што ти е устата. Извесно време веќе размислувавме како можеме да помогнеме на сите оние дечиња за кои секојдневно читаме, слушаме или гледаме дека се оставени на улица, заборавени, дадени во некој од центрите за згрижување. Притоа, не сакавме да се пријавиме за посвојување, за да не го земеме редот на некое семејство што долго чека на детенце. Кога разбравме за можноста  за згрижување, се пријавивме веднаш. Иво пристигна во нашето семејство после еден месец.

ДВ: Како сега се справувате со семејните и службените одговорности? Имате ли формула за успешен баланс? 

Има. Тоа е да ги оставиш службените обврски, проблеми, мисли во канцеларија, а дома да се посветиш со целото свое внимание на дечињата. Ќе излажам ако кажам дека ова ми успева секогаш. За жал или за среќа, ќе видиме, работата што ја работам ми претставува и личен предизвик. Да се промени општеството во кое секојдневно живееме и функционираме. Да станеме отворени за новини, промени, за сето она што значи менување на востановените, да не кажам устоени, лоши навики и практики. Овој предизвик е огромен и окупира голем дел од моето време, но и размислување и внимание. Сепак, работејќи на предизвикот, верувам дека можеме да го промениме општеството, а со тоа и да создадеме подобра средина за растење и развивање на новите генерации, во кои секако спаѓаат и моите деца.

Familie Despotovski (Privat)

Децата во семејството Деспотовски

ДВ: Информацијата за овој ваш хуман чин, се совпадна со периодот на критики дека одредени функционери не пријавиле сопственост во компании кои добија државни средства од ФИТР. Како ги доживеавте чудните обвинувања за „пи-ар“? Што говори тоа за овдешната свест, која става се во рамките на политичкото?

За жал, политиката и пи-арот кај нас се „препознаваат“ буквално во се. Политиката стана секојдневна занимација, во која „нашите“ и „вашите“ постојано се во натпревар. Проблемот е што овој натпревар никогаш не завршува со победник, а животот и процесите постојано се трујат со етикети и недоверба. И за состојбата не се виновни граѓаните. Сето ова е последица на неуспехот и, слободно ќе кажам, злоупотребите на политичките елити. Кога не може (или не се знае) да се понуди идеја, визија, напредок, се нуди кавга, поделба. Оваа политика ескалираше во последните 11 години. Затоа, и не треба да се чудиме зошто младите си заминуваат. Причините не се само заради парите и стандардот, туку и заради затруените односи во општеството. Зошто јас, еве како директор на Фондот за иновации, на „нашите“ треба да им објаснувам зошто добиле „вашите“? И обратно. Светот, барем оној нормалниот, каде сакаме да се придружиме, одамна не познава вакви поделби. И, затоа оди напред. Ние, со сите 2 милиони луѓе (ако сме и толку) успеавме да се поделиме на ниво на соседи од ист кат. Да не зборувам за маало, општина, град, етникум, партија или вера. По секоја можна линија. Си ги пребројуваме крвните зрнца. И, тука, правилата и законите воопшто не се важни. Важна е само „вистината“ од муабети. Се што не се совпаѓа со „нашата“ вистина, е криминал, скандал, потврда дека сите сме исти итн. Е, сега, и јас се прашувам каква е таа „политика“ во чинот на згрижување на дете, што инаку треба да оди во дом за сирачиња? Дали јас треба да престанам да бидам човек и да се однесувам онака како што ме воспитувале родителите, за случајно некој да не помисли дека правам политика од тоа, или не знам што. Мојот одговор е јасен: тоа нема да дозволам да ми се случи.

ДВ: Во јавноста честопати има критики за тендерите, забелешки за нетранспарентност, фаворизирање на партиски лица... Имајќи го предвид вашето искуство, што треба да се менува за граѓаните да имаат висок степен на доверба во ваквите постапки?

Лично, имам разбирање за недовербата на граѓаните. Денес имате политички партии, што со години практикувале власт, а воопшто и не ги познаваат процедурите за заштита на јавниот интерес. Ние цел месец објаснуваме процедури што постојат со години, меѓутоа никој досега ниту ги применил, ниту знае (или се прави дека не знае) дека постојат. 90% од регулативата за заштита од корупција е пресликана од ЕУ. Проблемот е што воошто не била ниту презентирана на јавноста, а уште помалку применета. Меѓутоа, тоа не ме обесхрабрува. Напротив, мислам дека со отворен пристап, со редовна комуникација и, што е можеби најважно, со позитивна практика луѓето ќе сфатат дека систем постои и може да функционира. Секако, далеку сме од совршенство, но само преку работа (а, не гола политика и празни расправии) може да добиеме резултат. 

ДВ: Дали моделот на работа што го применува ФИТР, постои и во земјите кон чии стандарди се стремиме?

Моделот на работа што го применува Фондот постои во сите развиени западни економии. Во САД, Израел, Франција, Велика Британија и други постојат механизми кои финансираат развој и реализација на нови идеи. Идеи што го „пореметуваат“ пазарот и општеството, во целосно позитивна смисла. Во овие општества ретко ќе сретнете некој што се потсмева на туѓа идеја. Концептот на „глупава идеја“ постои само тука. И, никаде никој не прашува кој сте и за која партија сте. Секаде во светот идејата заслужува и добива шанса. Секако, 90% од идеите пропаѓаат, но оние 10% што реално успеваат ја прават разликата помеѓу најнапредните држави и остатокот од светот. Македонија би сакал да ја видам еден ден во редот на првите. Македонија нема нафта или моќна армија, ама секако не ни недостасуваат идеи. И, тие идеи треба да добијат поддршка. Наместо да фрламе пари за споменици, трошења во јавен сектор итн., дајте да вложиме во нешто што има шанса да смени нешто на подобро. И, ако треба да трпам критика зошто верувам во исправноста на овој концепт, немам проблем. Верувам дека ова е еден од начините (ако не и единствен) како ова општество може да стане нормално и како Македонија може за релативно кусо време да го надомести заостатокот зад животниот стандард во ЕУ.

 

Реклама