Ја гледаме ли нашата црна дупка?! | Македонија | DW | 12.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Ја гледаме ли нашата црна дупка?!

Како што трагиката се раѓа во периодот на најголем напредок, така мораме отпорот, критиката, интрепретацијата на реалноста да ги вежбаме и кога мислиме дека е подобро. Колумна на Ивор Мицковски.

Поминати се точно сто години од првата слика на сончевото помрачување која донесе револуција во светот на физиката. Деновиве ја добивме новата „слика на столетието“, тој црвен обрач околу космичкиот киклоп наречен црна дупка. Повеќе од слика, станува збор за графички приказ на радио податоците, кои научниците макотрпно успеале да ги соберат и обработат.

Таа темница во центарот, тоа е нашиот субјект, не само објект, кој не се гледа, не заради нашите технолошки ограничувања, туку затоа што навистина не може да се види. Црната дупка е дел од космичкиот простор/време во кој гравитационата сила успева се да вшмука, дури и светлината, тој клучен медиум благодарение на кој ги гледаме нештата.

Големото ништо и големото нешто

Слушајќи ја прес-конференцијата каде беше презентирана првата „вистинска“ слика на црната дупка, еден од научниците ќе забележи: „Фрустрирачки е за нас научниците бавењето со нешто што во исто време е ништо, нешто што не можеме реално да го измериме, видиме, сфатиме во неговата внатрешност". Фактички, во конкретниот случај, научниците и сите ние се судруваме со едно големо отсуство, едно големо ништо, но кое, благодарение токму на научното посредство, ни открива едно големо „нешто“.

Големото нешто, оваа слика која суштински е еден вид селфи на нас набљудувачите на дистанца од 55 милиони светлосни години - сме токму ние, нашиот обид да спознаеме и разбереме, целата наша кратка, но бурна историја во обидот преку труд да ја исполниме празнината која нѐ опколува.

Убавината на промислувањето на оваа „слика“ лежи во излезот од нејзината конкретност, и затоа таа не фотографира само еден предмет. Филозофски гледано, во нашиот обид за самоиздигнување постои и нешто објективно, односно дека човекот преку своето мислење се издигнува над непосредното. Ако човек остане во чисто непосредното и ги зема работите само за онакви какви што тие сами по себе ни се даваат, се оставаме себеси без остварување на нашата специфична суштина, и без реално спознавање на тоа што нѐ опкружува. Да ја завршам оваа мисла на Адорно: држењето кое го мотивира промислувачот лежи во недоволноста на појавите, на светот, онака како што непосредно ни е даден.

Соочувајќи се со оваа линија на размислување, прашањето кое ми се наметна врзано за нашата општествена и политичка реалност е - кои се нашите посредници во соочување со тоа што нѐ опкружува и е тешко за гледање? Се разбира дека одговорот на тоа прашање е лесен - тоа се интелектуалците. Покомплицираниот дел од прашањето и евентуалниот одговор е погледот на тоа каква е состојбата со нашата интелектуала и дали тие ја гледаат нашата „црна дупка“ како нешто повеќе од тоа што е. Дали пробуваат да фрлат светлина и врз она што е темно и нејасно? Дали ја исполнуваат и толкуваат празнината која сите ја перцепираме, дали ја извршуваат својата општествена и политичка улога максимално, односно, дали влијаат врз нашето секојдневие, политиката, општите состојби, дали ја цртаат сликата на нашата реалност и потоа ја надградуваат во насока на поголемо саморазбирање?

Интелектуалците и нивната еманципаторска улога

Ќе тргнам од една премиса. Периодот на режимот беше една од најцрните страници во нашата интелектуална продукција. Предолги години бевме навикнати да гледаме како уметници, писатели, драматурзи, архитекти, ликовни уметници, актери и новинари, се позајмуваат на политиката и нејзините најдеструктивни и најниски нагони. Потоа, кога политичката промена се наметна како прашање на живот или на смрт за нашата држава, бевме сведоци како едни други интелектуалци, предолго замолчани или без можност да биде чуен нивниот глас, испливаа на површината преземајќи ја својата општествена улога на денунцијатор и коректив на политиката. Некои многу се вложија, свесно запоставувајќи ја својата приватност или кариера во име на општественото добро. Се вложија и, би рекол, се потрошија. Можеби таквата истрошеност е физиолошка, но голем дел од денешниот молк на интелектуалата се должи и на општата разочараност. Како и да е, интелектуалата повторно се врати во својата приватност, во приватната сфера на својот труд и креативност, бегајќи или заборавајќи ја потребата од нивното општествено и политичко толкување на нашата реалност.

Деновиве ѝ споменав на моја драга пријателка и ангажиран уметник дека дури и таа, без разлика колку е трудољубива, продуктивна и успешна, помалку како да се нафаќа со специфични битки и аргументи во нашето општество, кои не се ни малку поневажни, но дека недостасува поширокиот дискурс кај интелектуалците за поголемата слика и проблеми кои нѐ мачат. Се согласи, со аргументот дека допрва повторно ќе го градиме општиот дискурс за нашето општество. И останавме на тоа. Ми беше драго што мојата замерка или поточно опсервација не беше сфатена како прентенциозна, туку како реална. Не знам, си се преиспитувам и самиот себеси.

Други колумни од авторот:

Селфи на новиот национален идентитет

Опозиција на ноеви

Тоа што јас можам да го забележам е дека по долго време сме сведоци на едно силно интелектуално вриење, особено во литературата, во театарот и во филмот, генерално во културното творештво, во отворањето кон темите кои до вчера биле маргинални, организирањето на концерти, настани и разно-разни ангажирани фестивали. Поместување дефинитивно има. Но, ова оди заедно во чекор и со културниот регрес на нашето општество во кое сѐ помалку се чита, сѐ помалку се дискутира, сѐ повеќе сме сведоци на една ментална и интелектуална затвореност, на краткоста и брзоплетоста на социјалните мрежи, на недостатокот од креативна солидарност, на растечка недоверба и разочараност, банализација на проблемите и генерално поедноставување на проблемите. Интелектуалата, дури и онаа од дубиозна провиниенција, кога повторно не се става во линија со одредена политика или политичка опција, макар таа била и добра, како да заборава на пошироката еманципаторска улога која ја има преку својот труд, критика и дикусија на проблемите.

На тој начин, сметам дека интелектуалецот преку стеснување на својот спектар на дејствување, фактички придонесува за поедноставување на самата улога на интелектуалецот во општеството. Писмените луѓе ја поместуваат оската на својот труд, од политичкото во нивните дела и труд, на полето на егоцентричното, самореферентното, ефемерното и психоаналитичкото. Во исто време, стануваат сѐ потивки во јавниот диксурс.

Материјално се богатеа, духовно осиромашуваа

Улогата на интелектуалецот која не смее да се заборави е онаа да го формира политичарот и владејачката класа. Тоа не значи само по себе бавење со политика, не значи ни само протестирање, опоменување, критикување, сите оние убави работи со кои писмениот човек интервенира, туку културно и интелектуално творење кое во себе имаат широка политичка ангажираност, и кое на крај на нештата се сведува и на политичко дејствување. Кој друг на политичарите би им го дал културниот хоризонт, би ги извлекол од секојдневието на политиката и политичката прагма, ако не уметникот и интелектуалецот кој гради една поширока политичка и културолошка идеја за сопствената земја?

Политиката нема да пропушти и не ѝ треба многу време оваа ситуација да ја воочи и повторно злоупотреби. Колку национални уметници видовме низ годиниве, партиски определени и посветени, кои додека материјално се богатеа и духовно осиромашуваа, нанесоа огромна штета по нашата политика и култура. Но, тоа беше партиско одработување, симулакрум на култура и интелектуала.

Ако денес интелектуалците се затворат во својата приватност, политиката повторно ќе ги сведе на подобни и неподобни, ќе го користи своето политичко и дискриминациско оружје во изборот на тоа - што да се финансира и поддржува, без никој да има реален агрумент зошто би постапувала поинаку.

Знаете, некогаш и тишината на интелектуалецот е мошне индикативна, но мислам дека тоа е луксуз кој денес не можеме да си го дозволиме. Ако нешто научивме од груевизмот, тоа е дека гласот на интелектуалецот не може да остане само во неговата уметност, како што не може ни да биде вкоренет само во политиката. Мора да постои органска врска меѓу двете. Мислам дека е потребно да живеат и двата аспекта на уметникот, и приватниот и општествениот. Уметникот не ѝ делегира ништо на политиката, тој бдее над нејзе, ја контролира и ја креира. Така би се избегнала и политичката манипулација и делигитимација на интелектулецот во нашето општество, каде интелектуалниот труд се потценува, а луѓето од културата и уметноста кои зависат од државни средства се сведуваат на неработници.

Да се заземе позиција околу Груевски, Мицкоски, Силјановска, денес е лесно, и во голем дел и понатаму неопходно. И лесно е зашто многу луѓе, не малку, се жртвуваа и се истрошија во отпорот кон деструктивните и опасни политики на режимот.

Вежбање критика

Но, колку повеќе таа позиција останува еднострана и еднодимензионална, толку помалку информации и знаење пренесуваме кон тие што денес ја водат државата, толку повеќе го стеснуваме хоризонтот на заедницата. Како што трагиката се раѓа во периодот на најголем напредок, така мораме отпорот, критиката, интрепретацијата на реалноста да ги вежбаме и кога мислиме дека е подобро.

Целта, верувам, е да не се биде само свој, тоа не е доволно: Треба да се биде свој и преку тоа што се и другите, да се живее плурално, како што е плурален космосот и таа црна дупка која ни се обраќа на сите нас.

DW.COM

Реклама